Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Безмалку милион руски граѓани избегаа од Русија

Безмалку милион руски граѓани избегаа од Русија

Инвазијата врз Украина од пред повеќе од 15 месеци и војната што се покрена и се води против соседната земја, како и засилената репресија на руската власт, против  сите  кои не се согласуваат со политиката на Кремљ, предизвика од март минатата година, па до сега, Русија да ја напуштат повеќе стотици илјади нејзини граѓани. Иселувајќи се привремено, или трајно од државата .

Во руските медиуми кои се под контрола на власта и силно ги подржуваат војната и путиновата политика, барајќи од Кремљ уште поголема жестокост кон Украина и кон отпорот на Украинците, воопшто не се покренува темата за тоа колку руски граѓани заминаа, бегајќи од војната и од режимот. Уште помалку овие медиуми се занимаваат со тоа-  каде заминаа оние кои избегаа.

Бегалци и по окупацијата на Крим

Руската јавност , сепак, знае дека станува збор за- во најголем број -млади и образувани луѓе. Некои од нив имаат разговарано со странските медиуми, таму каде сега се наоѓаат и објаснуваат дека никогаш не помислувале дека ќе ја напуштат Русија. Сите соговорници велат дека станува збор за нивната татковина која, во нормални прилики, не би ја оставиле, туку-така и на брзина, да не беше војната.

Но, Русите не бегаат од земјата и од Путин само после инвазијата од февруари 2022 година.

Според изјави на оние кои ги познаваат руските состојби, првиот поголем бран е започнат уште во пролета и летото во 2014 година, после окупацијата и анексијата на Крим , како и после вооружениот бунт во реонот на Луганск и Донецк, на истокот од Украина, што го покренаа локалните, проруски сепаратисти потикнати и помагани од Москва.

Тогаш почнаа да бегаат оние кои не се согласуваа со анексијата, но и со новите, наметнати закони со кои се почна остро да се казнува секоја критика на власт, а посебно  онаа врзана за Украина.

Против војната и путиновата власт

Во тој прв поголем бран, Русите бегаа во најблиското соседство- во балтичките земји и во Грузија, каде по распадот на СССР останаа руски етнички заедници, како и во земјите од ЕУ.

И бегалците од тоа време, а и оние кои побегнаа по инвазијата врз Украина, сега, признаваат дека морале да бегаат. „Едноставно, беше јасно дека војната нема да трае кратко, а и дека луѓето не ќе може да се спротивставуваат на таквата агресивна политика, ниту да протестираат оо улиците, како што тоа се прави на Западот“- имаат изјавени млади Руси кои сега живеат во Белград, во Србија, за британскиот Би-Би-Си.

Оние кои избегаа по агресијата врз Украина, имаат заминувано во неколку бранови, а првиот се има случено во март и април минатата година.

Тоа се оние руски граѓани кои не кријат дека се против нападот врз украинската територија и против војната чии размери уште тогаш можеа да се насетат. Но, тоа се и оние кои беа  многу разочарани што Русите  молчат и не се изјаснуваат против војната, како тоа што ги нема во поголем број на тогашните антивоени протести.

„Чувството дека ние ( кои протестираме) сме изолирани, а згора на тоа и се соочуваме со ризикот да бидеме шиканирани од власта, да бидеме уапсени и казнети, предизвика да бидеме и исплашени. Тоа и не натера да се определуваме за напуштање на Русија“- имаат изјавено бегалци кои сега се  во странство.

Бегство од мобилизацијата

Вториот поголем бран се случи  во септември, кога Владимир Путин се одлучи за (наводно) делумна мобилизација. Тогаш на бегство се определија мажите, оние кои подлежат на воена обврска и оние кои веќе имаа служено воен рок.

Бројни независни домашни и странски извештаи , во тоа време, зборуваа за слабата и за крајно површна и набрзина изведена обука на оние кои требаше да одат на фронот во Украина и да војуваат , што од нив направи да  се чувствуваат  како  „топовско месо“ , жртвувани за каузата која ја наметна Кремљ.

Во овој бран, луѓето главно, бегаа во поранешните совески републики, пред се, во Грузија и во Казахстан.

Официјална Москва, тогаш побрза да ја смирува топката, уверувајќи дека бројката на оние кои си одат од Русија , кои бегаат од својата земја- не бил голем како што тоа се зборува, но без изнесување бројки. Остана во јавноста да се оперира со бројката од – неколку стотици илјади, до еден милион лица. Западни сознанија оперираат со бројка која се движи до безмалку милион луѓе, а со неа оперираат и руските медиуми кои не се под контролата на власта.

Чекајќи на демократска Русија

До европските санкции, излегувањето од Русија беше релативно лесно , доколку се имаа пари , или доколку постои покана за престој во странство. По воведените санкции од страна на ЕУ, на САД и Британија , како дестинации за руските бегалци се јавија уште неколку екс советски републики, потоа Балканот ( Србија) , како Централна Азија.

Во Грузија, на пример, има над 155 илјади, а во Србија приближно уште толку . Во овие две земји, како и во другите каде се населуваат, или се на привремен престој, Русите купуваат имот и почнуваат разни  бизниси, главно во трговијата, во ИТ секторот и во посредништвото.

Она што сигурно се знае е дека руското министерство за внатрешни работи , во минатата година има издадено за 40 отсто повеќе пасоѓи за патување во странство, во споредба со претходната 2021 година. Таквата динамика се врзува само со војната и стравот да бидат мобилизирани и испратени на фронтот.

Некои од нив, од бегалство сега откриваат дека избегале несакајќи да војуваат. Но, не е мала бројката и на оние кои си заминале како декларирани  либерали кои ги делат западните вредности, незадоволни што Русија се уште не може да се постави како вистински демократска држава.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе