Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Берлускони-контроверзен бизнисмен и политичар

Берлускони-контроверзен бизнисмен и политичар

Веста за смрта на Силвио Берлускони (86)- познат италијански бизнисмен, милијардер и политичар – не ја изненади јавноста во Италија, затоа што последните неколку години тој постојано имаше проблеми со здравјето. Состојбите се влошија откако во април беше примен во болницата Сан Рафаеле во Милано со тешко воспаление на белите дробови, а лекарите утврдија дека боледува и од леукемија.

Но, неговото заминување од животот  ги покренаа уште еднаш сите стории за неговата долга кариера во бизнисот и во политиката- ознчувајќи ја  како контроверзна , затоа што е исполнета со успеси, но  и со бројни афери и скандали, по кои ( на крајот) веројатно и ќе остане најмногу запаметен- барем надвор од Италија.

„Бесмртниот Силвио“

Суден за корупција, на неколку пати  обвинуван и суден за неплаќање данок со помош на разните махинации и подмитување. Еднаш, поради тоа осуден и со забрана за бавење со политика, односно со забрана за извршување јавни функции, Берлускони успеваше да се врати на политичката сцена- секогаш кога се мислеше дека е готово со него.

Така се мислеше и кога пред девет години му беше забрането бевењето со политиката, а тој успеа да се врати во италијанскиот Парламент и тоа како сенатор ( член на Горниот дом) непосредно пред да наполни 86 години, во септември минатата година.

Затоа и во италијанската јавност го нарекуваа „бесмртниот Силвио“ – способен за преживување и во политиката и во бизнисот преку кој ја има освоено политиката. Во неа влезе како лидер на новата партија Форца Италија, што тој ја има формирано.

Се веруваше дека тоа е само негов обид како политичар да може да го покрива својот раширен бизнис и својата лична моќ. Но, оваа десно-центристичка партија успеа во средината на деведесетите години на минатиот век, прв пат да освои најмногу гласови, а тој да стане премиер на Италија.

Четири пати премиер

Дури четири пати Берлускони се враќаше на премиерската функција, во периодот меѓу 1994 и 2011 година. Како ниту еден друг италијански политичар пред него.

Тој е првиот кој ја внесе сепаратистичката Лига Норд во една  своја владина коалиција, но оваа крајно десничарска и популистичка партија која се ребрендира во Норд, откако со неа раководи Матео Салвини, му го сврти грбот.

Тоа е времето  кога Форца Италија сакаше одново да влезе во една од бројните владини коалиции на турбулентната италијанската политичка сцена, на која италијанските гласачи често пати и не знаат кому да му дадат доверба, па во една прилика го туркаа и Салвини кон врвот.

Последната работа во политиката му беше да ја врати својата партија во врвот на политиката, како помлад партнер во актуелната владина коалиција, предводена од премиерката Џорџа Мелони.

Берлускони како премиер последен пат беше присилен да поднесе оставка во 2011 година, откако Италија се најде на работ од должничка криза , во сега веќе добро познатиот грчки стил.

„Бунга- бунга“ секси забави

Но,  веќе беше растресен од бавното реагирање на неговата влада околу санирањето на последиците од катастртофалниот земјотрес во централна Италија, како  и соочен со новото судење  поврзано со секси-забавите во неговата приватна вила, каде „главни ѕвезди“ беа неполнолетни девојки.

Беше обвинет за подмитување на 24 лица, главно гости и гостинки на забавите, познати како „Бунга-бунга“. Тогаш се разбра дека како италијански премиер, од својата канцеларија барал од полицијата да ја ослободат уапсената Мароканка Карима ал Махруг, позната по прекарот Руби, главната ѕвезда на забавите кај Берлускони. Тогаш 17 годишната девојка беше пуштена од притвор,  обвинувањто за проституција тргнато, а целата афера „Бунга-бунга“ заташкана, како да ја немало.

Берлускони еднаш и го осудија- во домашен притвор- каде примаше посетители и гости, како да е дома и на слобода.

На гости му дојде ( во „затворот“) и Владимир Путин, носејќи му како подарок свилени пиџами. Покажувајќи на тој начин, отворено,  дека се меша во италијанската политика, а преку неа и во ЕУ. Особено што подоцна се разбра дека е другар и со Салвини, кому му има давано пари за неговата партија.

Другарување со Путин

Берлускони знаеше да возврати , па застана зад рускиот претседател кога овој ја нападна Украина за да ја покори. Пријателот Силвио , сега како коалициски партнер во владата на Италија, ја обвини Украина за војната, на што остро реагираше Мелони. Премиерката по тој повод  покажа дека таа е „командатот “ во владата , замолчувајќи го остарениот Берлускони – да не се меша во надворешната политика на земјата.

Европските медиуми , коментирајќи ја смрта на Берлускони, се согласуваат дека каков и да беше ,  тој во секој случај, има оставено силен печат врз италијанската политичка сцена и врз Италија. Посебно со неговата способност да преживува.

Но, сите сега сите се прашуваат- како  воопшто беше можно, после толку многу афери, обвинувања, судски процеси и скандали во приватниот живот. Според италијанските толкувања, одговорот е во верувањето на Италијанците дека ако овој човек- роден на село- успеал да се искачи на самиот врв во бизнисот и политиката, веројатно е способен да биде и премиер на Италија.

Аферите и скандалите и онака ги сметаат само за  дел од италијанскиот општестевен фолклор и од тамошното секојдневие.

(С.Г.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе