Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Сириза без Алексис Ципрас

Сириза без Алексис Ципрас

Лидерот на грчката левичарска партија Сириза,  Алексис Ципрас поднесе оставка на функцијата, по убедливиот пораз на вторите парламентарни избори во земјата, одржани еден месец по претходните, на кои уште еднаш победи   партијата Нова Демократија, на премиерот Киријакос Мицотакис.

Ваквата разврска во партијата која беше на власт од 2015 до 2019 година,  беше очекувана затоа што Сириза и Ципрас, практично, на три пати имаат доживеано пораз од Нова Демократија. Прв пат пред четири години, кога Мицотакис  дојде на власт и сега во двата циклуса- едно по друго- одржани затоа што Нова Демократија на првото гласање не освои апсолутно мнозинство.

Најмлад грчки премиер

Ципрас како премиер , беше најмладиот на таа позиција во историјата на Грција, а неговата Сириза беше првата левичарска партија во земјата која има извојувано победа на избори и која управуваше со земјата, во време на нејзините тешки економско- социјални и политички превирања.

„Време е за започнување нов период на партијата, а  негативниот резултат на изборите може и треба да биде почеток на тој период“-  изјавил Ципрас , објаснувајќи дека поднесува оставка за да се отвори патот за избор на нов партиски лидер. Како што има речено, тој нема повторно да се кандидира.

Во своето обраќање на заминување, тој со право потсети на времето кога Сириза ја освои власта и доби мандат да ја води Грција.

„Тоа беше и тешко време и тежок пат, кога секој нов ден водевме битка. Бевме соочени со недовербата на ЕУ кон Грција и со европските сомнежи“  во грчката спремност да се истрае  за излез од тешката криза.

Спасување на земјата

Станува збор за времето кога Грција (технички) беше банкротирана економија, бидејќи не може самата да ги менаџира своите финансии- без странски пари и без интервенција на странските кредитори и на ММФ.

Сириза и Ципрас ја презедоа Грција во катастрофални услови кои ги оставија претходните влади на тогашен ПАСОК и Нова Демократија. Со огромни долгови , со хаотична ситуација во сметководствениот сектор,кога станува збор за плаќањето данок,  со прекумерно трошење и нереално високи плати и пензии, кои се стекнуваа уште на 55 години.

По стариот грчки ( и балкански) обичај Грците за сите свои маки ги обвинуваа странците, а потоа и кредиторите- оние кои инаку помагаа земјата да не доживее целосен колапс и со тоа ( како членка на еврозоната) да го повлече и еврото.

Тоа е времето кога грчките политичари се обидуваа со популизам и со подржувањето на критиките на јавноста кон Западот, што ги тера на жестоко штедење и стегање на коланот, да се одржат во живот кај гласачите.

„Државните интереси пред партиските“

Ципрас требаше да пресече, па  набрзина свика референдум – за тоа да им се откаже довербата на кредиторите  – и доби согласност од гласачите да се прекинат преговорите. Но, на шок на грчката јавност младиот премиер се определи, сепак,  да  прифати и  трет пакет странски пари и заеми.

Согласувајќи се да преговара и натаму со ЕУ  за спас на Грција, што значење продолжување на штедењето и на рестрикциите на буџетот и на јавната потрошувачка.

Домашната јавност, тоа не му го заборави, но тој и владата на Сириза ја спасија земјата од колапс.

„Не ја почитував волјата на гласачите, откако ја разбрав вистинската состојба во земјата и последиците од прекинувањето на преговорите, што значеше и запирање на странската финансиска интервенција“- има речено подоцна Ципрас.

„Кога требаше да избирам меѓу партискиот и личниот рејтинг кај луѓето- јас се определив за државата и за нејзините интереси- и не зажалив за тоа- порача тогаш лидерот на Сириза.

Веќе видливото излегување на земјата од тешката криза се сметаше дека ќе биде силна основа за добивање втор мандат на изборите пред четири години. Но, грчките гласачи не му го заборавија „предавството“ со продолжување на преговорите со кредиторската „тројка“.

Втор мандат за Мицотакис

Таа  беше прогласувана за некаква „злосторничка“ дружина која сака да ја  претвори земјата во „вазал на странците“. Мандат, така,    добија Нова Демократија и Мицотакис, а тој притиснат од ситуацијата и тогаш кревкото опоравување – само продолжи таму каде застана Ципрас. Не отажувајќи се од ниту една од обврските што ги имаше преземено владата на Сириза.

Токму на таа основа Грција сега ја има целосно стабилизирано својата финансиска и економска ситуација, забележувајќи последниве години и највисок раст во еврозоната и во ЕУ.

Одобрените 30 милијарди  евра од Фондот за опоравување по корона пандемијата , се дополнителната инјекција за натамошно стабилизирање на земјата, која се уште треба да ги заврши ветените темелни реформи.

Таквата разврска , во секој случај придонесе  за добивањето втор мандат за Мицотакис и покрај аферите и скандалите- околу железничката катастрофа и поморската трагедија кај Пелопонез, на бродот со мигранти, како и со аферата со прислушувањето, што во Атина се забошоти.

Алексис Ципрас , пак, не успеа  да ги материјализира аферите , но затоа  ќе остане запаметен како првиот грчки премиер- вистински миротворец- на Балканот. Ги среди односите со сите свои соседи, одржувајќи мирен баланс, дури и со ердоганова Турција,  а го затвори и 30 годишниот спор со Македонија.

Историски договор

Наоѓајќи , конечно, партнери и во Скопје за правење компромис, тој и тогашниот македонски премиер Зоран Заев, се согласија  за историскиот договор од Преспа, прифаќајки го она што можеше да се направи уште пред три децении- додавајќи географска одредница ( во случајов- зборот  северна)  на името на државата Македонија.

За возврат, за прв пат во историјата грчки премиер, во Парламентот во Атина, зборуваше за посебниот македонски национален идентитет.

Цврсто ја бранеше таа своја определеба пред пратениците на (тогаш) воинствените пратеници на Нова Демократија и пред грчките комунисти (ККЕ) кои дури и демонстраираа против таквата политика на Ципрас, но на крајот успеа да ја одбрани.

На Мицотакис му остави разрешен еден тежок проблем , со чие решавање Грција ги зајакна своите позиции на Балканот и во Европа. Лидерот на Нова демократија  само продолжи по тој пат- па во Атина во официјални посети беа и премиерот и претседателот на Северна Македонија.

(О.У.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе