Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Шкотски Оркни сака да се „припои“ кон Норвешка

Шкотски Оркни сака да се „припои“ кон Норвешка

Шкотскиот архипелаг Оркни, сместен на крајниот север од Велика Британија, објави дека сака да се откаже од британскиот суверенитет и припадност за да  „пресели“ и  да се припои кон Новешка.

Локалните власти соопштуваат дека веќе покренале постапка за , како што тие велат- алтернативна форма на управување. Тоа веднаш предизвика бурни коментари во Единбург и во Лондон и стана вест во европските медиуми.

Брегзит како причина

Шкотските и британските власти побрзаа да порачаат дека таквата иницијатива нема да помине.

Не само кога станува збор за административно- политичкото преселување од Обединетото кралство во кралството Норвешка, туку нема да се прифатат ниту и „алтернативните решенија“ што ги нудат луѓето од локалната власт во Оркни за својата иднина.

Целата оваа работа околу „преселувањето“ на островите- од едно кралство во друго – е директна последица на Брегзит и на излегувањето на Британија од ЕУ.

Во Оркни, како и во Шкотска велат дека тоа е направено  против волјата на Шкотланѓаните кои на референдумот во 2016 година гласаа против излегувањето од Унијата.

Незадоволство од развојните фондови

Целото ова необично барање на островјаните од шкотскиот север, доаѓа во време кога во  Шкотска одново е отворено прашањето за организирање нов референдум за отцепување од Британија и за враќање на  шкотската независност.

Но и време кога се расправа за незадоволството  на Оркни од  развојните фондови кои ги добиваат жителите на островите. Тие сметаат дека парите се премалку и дека тоа е последица на погрешниот Брегзит.

Уште повеќе што сега постои забрзано „ладење“ од целата идеја да се напушти ЕУ за да Британија  биде- „сама и одново голема“ како некогаш – откако сите параметри поради  кои се покрена анти-ЕУ кампањата се покажаа како погрешни.

Мнозинството сака со Норвешка

Властите на архипелагот тврдат дека мнозинството од локалното население ја подржуваат идејата ( сега и како иницијатив) за префрлање кај соседите во Норвешка.

Притоа, некои од нив се повикуваат на „норвешкото потекло“ од минатото и на времето кога Оркни било дел од норвешкото кралство. Некои објаснуваат дека островите подолго биле дел од Норвешка, отколку што се составен дел на Велика Британија.

Лондон, во секој случај, не прифаќа покренување на никакво уставно прашање со кое би се сменил статусот на архипелагот.

Лондон против барањето

Локалните власти  предлагаат, како  алтернатива, Оркни да има статус како оној на островот Ман во Ирско Море, или како т.н. каналски острови- Џерси и Гернси кои се кралски депанданси. Тие се под суверенитет  на британската круна, но не се врзани за владата во Лондон и за британскиот Парламент.

Како варијанта за „своето статусно прашање“ локалната управа во Оркни сугерира  архипелагот (ако ништо друго)  да добие статус како оној на Фокландските острови кои се британска прекуморска  територија.

Меѓутоа, од Даунинг стрит 10 во Лондон им порачале дека „ не постои механизам за менување на нивниот сегашен статус“ и уште дека парите што ги добиваат за својот развој – се сосема доволни.

Кралски подарок од 15 век

За враќањето на  островите кон Норвешка, како што тоа обично се случува, иницијаторите се повикуваат на историјата.  Тие потсетуваат дека власта на Норвешка траела се до   1492 година.

Тогаш Оркни и Шетландските острови станале дел од Шкотска, откако шкотскиот крал се оженил за норвешката принцеза, а нејзиниот татко, кралот на Норвешка, како  мираз  – на ќерката и на нејзиниот сопруг им ги подарил  островите покрај северниот брег на Шкотска.

Во целата оваа постбрегзит приказна , наеднаш, во незгодна ситуација се има најдено денешна Норвешка. Владата во Осло, затоа,  побрза да објави дека таа нема никаква врска со барањето на островјаните од Оркни, инсистирајќи  дека станува збор за внатрешно британско прашање.

(Д.Л.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе