Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

МИ6 ги повикува Русите да шпионираат за Британија

МИ6 ги повикува Русите да шпионираат за Британија

Шефот на британската тајна служба МИ6, Ричард Мур  ги повика руските гражани кои се уште се борат со својата совест , да се свртат против режимот на Владимир Путин и да почнат да работат – односно да шпионираат- за Велика Британија.

Ваквата изјава која предизвика голем интерес во светските медиуми- како поради самата  суштина на апелот, така и поради фактот дека првиот човек на МИ6, познат по кодираното име „Си“, не се појавува во јавноста и мошне ретко јавно зборува. Уште повеќе што  повикот до Русите го има испратено од Прага.

Чехословачка  1968 – Украина 2022 година

Мур зборувал во амбасадата на Британија во чешкиот главен град,  пред навршувањето на 55 годишнината од инвазијата на 250 илјади војници на  армијата на  СССР и на војските на  советските источноевропски комунистички земји (освен Романија), во летото 1968 година.

Моќната армада која се нафрли врз тогашна Чехословачка, успеа да го спречи нејзиниот обид  да се ослободи од советската идеолошка доминација и да почне да гради социјализам  „со човечко лице„- како што тоа тогаш беше означено-  копирајќи го на некој начин моделот на поранешна Југославија.

Не е затоа случајно што шефот на британската тајна служба токму во Прага и во оваа прилика ги има поврзано чехословачките настани со речиси истоветната ситација со Украина од февруари 2022 година.

Инвазијата на путинова Русија и  покренатата војна против укринскиот народ, значи казнување на соседната држава од страна на Москва,  затоа што  Украинците се одлучија  да тргнат  по својот пат- кон Западот- не сакајќи да останат  вечен руски сателит.

Руси веќе работат за МИ6

Според Мур, соочени со подмитливоста, меѓусебната заваденост и некомпетентноста на своите политички и воени лидери, многу од Русите сега, се борат со истите дилеми, какви ги имаа и нивните претходници во Чехословачка, во 1968 година.

„Затоа ги повикувам руските граѓани да го направат она што во изминатите 18 месеци, од почетокот на инвазијата, веќе го прават други Руси и да ни си придружат. Нашата врата за нив е секогаш отворена“- рекол шефот на британското разузнавање во текот на своето обраќање во Прага. .

Мур притоа ветил дека  тајните што би ги донеле луѓето ќе бидат сигурни и безбедни ( во МИ6), објаснувајќи дека на тој начин- заеднички- ќе  се работи за да побрзо се оконча крвопролевањето во Украина.

„Луѓето не се рамнодушни на војната“

Според Би-Би-Си, во таа прилика Мур рекол дека има многу руски граѓани кои се згрозени од она што се случува на украинска територија, од сцените во кои нивните руски војници убиваат и уништуваат градови и села, имоти на невини Украинци , прогонуваат цивилно население и грабнуваат украински деца.

„Овие Руси се ужаснати од ваквите сцени кои секој ден ги има во соседната и за нив  братска земја, која руските војници ја пустошат. Длабоко во срцето тие знаат дека причините за агресијата врз една пријателска, словенска земја, кои продолжува да ги повторува Путин – се лажни и невистинити“- има речено Ричард Мур.

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе