Корупција го потресува Монако
Малото кнежевство Монако , познато како „даночен рај„ на европскиот континент, го потресува афера откако е покрената широка истрага за корупција и за неетичност во која се најде и суверенот на кнежевството, принцот Алберт.
Во една таква ситуација која може сериозно да им наштети на угледот и реномето на Монако, принцот се определи да дели откази на своите најблиски најлојални соработници.
Откритијата на медиумите
Прв настрада неговиот главен советник, за кого се тврди дека со години на ред е „сивата еминенција“ на владината администрација на кнежевството.
Клод Палмер (67) кој беше менаџер на имотот на Алберт мораше да си замине од позицијата, откако му беше наредено да се повлече.
Аферата „пукна“ кога еден мал интернет весник , за кого велат дека малкумина слушнале за него, почна да пишува и да открива неетични и за Монако (досега) не објавувани состојби, тврдејќи дека отменото, богато кнежевство, се задушува во корупција.
Нема повеќе детали, но пишувањето на порталот го пренесоа големите весници, а преку француските медиуми аферата се рaшири низ Европа.
„Даночен рај“ за богатите
Во Монако живеат помалку од 40 илјади жители.
На малиот простор на кој со векови се наоѓа кнежевството, лоцирано на француската територија и од сите страни опкружено од Франција, има најмногу население на квадратен километар, па важи за најгусто населената држава во Европа.
Но, за развојот, за богатството и за иднината на Монако уште поважно е што таму се нaселени и постојано живеат бројни милионери и многу богат свет кои оставаат многу пари.
Има бизнисмени, но и богати врвни спортисти, посебно тенисери. И едните и другите користејќи ги неговите предности како „даночен рај“ на европскиот континент.
Бизнисмени и тенисери
Европските медиуми посочуваат дека меѓу нив, на пример, се британскиот богат бизнисмен Џим Ратклиф, инаку силен агитатор и навивач за Брегзит и за британското напуштање на ЕУ, но и српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ. Тој без разлика на повремените силни патриотски изливи, сепак, не плаќа данок во својата земја- како жител на Монако.
Принцот Алберт, затоа, е силно загрижен дека откривањето на корупцијата во кнежевстото е мошне опасно за Монако, затоа што тој многу богат свет би можел да си замине од таму, но е опасно и за него како суверен.
Особено што веќе се покренти цела низа граѓански тужби и судски случаи , а посебно затоа што е покрената и формална кривична истрага за корупција.
Тајните на принцот Алберт
Се верува дека аферата може да разоткрие и бројни тајни за тоа како се сокриваат пари (чесни, или валкани) и приходи затскриени од даночните власти, како и за неплаќањето данок.
Или, едноставно, во Монако да биде соголено и разурнато сето она што сега ги привлекува многу богатите луѓе.
Конечно, локални и француски адвокати имаат изјавено за медиумите дека аферата може да ги отвори и тајните на принцот Алберт , што би можело уште повеќе да му наштети на неговиот углед и престиж во јавноста и посебно во монархистичкиот свет.
Уште повеќе што тој и онака е погоден со неговиот контроверзен приватен живот, со бројните љубовни афери, вонбрачното дете и длабоката криза во која се наоѓа неговиот брак со принцезата Шарлин.
Чистка во администрацијата
Алберт кој е дете од бракот на принцот Реније и американската актерка Грејс Кели, во секој случај, не ги има задржано квалитетите на своите родители.
Затоа, се проценува дека доколку аферата отиде предалеку и го зафати и самиот Алберт, тој би можело да биде приморан и да абдицира, како што своевремено, корупциски скандал ја натера некогашната холандска кралица да се повлече од тронот, по открената корупција кај нејзиниот сопруг.
Засега во Монако, работите не се отидени толку далеку, а принцот е безбеден на својата кнежевска позиција.
Сепак, исплашен за сите можни последици – за кнежевството и лично за него – Алберт се определи за спроведување чистка. Поради замешаност во корупција беше сменет шефот на неговиот кабинет, како и претседателот на Врховниот суд.
(С.Г.)