Амстердам против масовниот туризам
Градските власти на Амстердам забранија впловување на големите туристички бродови-крузери во централниот дел на овој холандски град.
Во објаснувањето на ваквата одлука се вели дека „крузерите ја загрозуваат човековата околина , па затоа не се вклопуваат во еколошките амбиции на градот“. Мерката , меѓутоа, не е само еколошка, туку се однесува и на тоа да се ограничи масовниот туризам.
Клуч за „Црвените фењери“ ?
Според одлуката се затвора бродскиот терминал за крузери во близината на главната железничка станица . Холанѓаните оцениле дека не е ниту малку лесно градот ( на каналите) да се справи со крузер на кој има и по 4000 патници-туристи кои наеднаш се втурнуваат во градот. Без разлика на парите кои гостите ќе ги потрошат.
Ваквата мерка доаѓа по решението на истата градска управа да се забрани пушењето канабис во познатиот амстердамски кварт „Црвени фењери“ каде оперираат проститутките сместени во излози. Има предлог да се затвори целиот кварт и проститутките да се протераат од таму, иако станува збор за една долго присутна „знаменитост“ на овој град која го има направено познат во Европа и во светот.
Сето ова се прави со намера да се прекине со долгата практика за „луди журки“ по улиците во овој и во околните квартови на кои се собираат млади од цела Европо. Најголемиот број од нив (како туристи) специјално доаѓаат во Амстердам за тамошните „откачени забави“.
Дваесет милиони гости и 120 крузери
Градските власти веќе имаат покренато кампања- „Не доаѓајте, останете си дома“ – за да се обесхрабрат младите кои доаѓаат да пушат дрога, да се опиваат и да се забавуваат со “ноќните дами“ кои им се нудат на гостите во градот.
Властите и не сокриваат дека веќе им е преку глава од ваквите ноќни забави кои се дел од масовниот туризам во кои се вклучуваат и гостите од крузерите.
Годишно, Амстердам го посетуваат безмалку 20 милиони туристи и 120 бродови-крузери. Се смета дека тоа е, сепак, премногу за град каков што е Амстердам, па затоа е одлучено да се воведе забраната за крузерите. Како дополнителен аргумент, градските татковци го изнесуваат и податокот дека големите бродови го загадуваат и воздухот.
Пресметано е дека само во еден ден тие испуштаат штетни гасови колку и 30 илјади камиони.