Насилството врз жените во Бугарија
Бугарската полиција соопшти дека 18 жени се убиени во земјата, само во првите три месеци од оваа година, што се означува како алармантен податок, затоа што домашните активисти за човекови права сметаат дека таа бројка не е реална и дека вистинската состојба во Бугарија, кога станува збор за насилството врз жените, е многу полоша.
Во првата половина од годинава, на пример, се регистрирани 600 случаи на семејно насилство , што е повеќе во споредба со претходната 2022 година, кога биле регистрирани 420 вакви случаи.
Но, според познавачите на состојбите во бугарското општество, проблемот е во тоа што и во овој случај станува збор само за инциденти кои и се познати на полицијата, затоа што интервенирала во нив .Се верува дека вистинската бројка е многу повисока, бидејќи најголемиот број вакви случаи, остануваат неоткриени.
Апсурдна судска одлука
На крајот од минатиот месец во Софија и низ уште неколку градови беа одржани масовни демонстрации на гневните жени во кои беа обвинувани правосудните власти дека го толерираат насилството на мите врз нивните партнери во бракои семејството, определувајќи благи казни , или дури и ослободувајќи ги насилниците од секаква одговорност.
Повод за овие протести беше тешкиот инцидент во градот Стара Загора, во централниот дел од земјата, кога еден 26 годишен маж , на својата поранешна 18 годишна девојка и има нанесено дури 200 исекотини со нож, откако претходно ја има претепано, скршувајќи и го носот и целосно и ја има избричено главата. Тоа требало да биде казната затоа што девојката го оставила и не сакала повеќе да биде со него.
Младата жена ги има преживеано сите овие методи на тортура, но судот во градот кој го разгледувал случајот на бруталното машко насилство, сите повреди ги има оквалификувано како „лесни“, па не наредил насилникот да биде уапсен.
Измени по брза постапка
Инцидентот предизвика шок и гнев во бугарската јавност, па под притисок на јавноста полицијата подоцна го уапси напаѓачот .
Демонстрантите на улиците на бугарските градови извикуваа дека ваков случај не смее повеќе да се повтори, не само кога станува збор за несреќната 18 годишна девојкл, но кога се во прашање и бугарските судови и нивното одмерување на вината и казната.
Новата , вистински проевропска бугарска влада, која најави прочистување на целиот правосуден систем и на судиите, нешто што од Софија, од поодамна го бара ЕУ, по брза постапка измени делови од кривичниот закон.
Пратениците на власта која имаат апсолутно мнозинство во Парламентот, ја укинаа можноста за условна казна за оние кои им имаат нанесено „лесни телесни повреди“ . Сега за тоа може да се добијат и две години затвор.
Воведено е и ново кривично дело-насилство врзано за интимна врска- која не мора да биде во склопот на семејство, или партнерство.
Ново кривично дело
Против беа пратениците- социјалисти кои настојуваат ја блокираат секоја владина мерка и реформа. За пратеничката од оваа партија Корнелија Нинова, на пример, воведувањето на новото кривично дело претставува „правен апсурд“ .
Некои правни експерти , пак, сметаат дека дефиницијата „интимна врска“ треба подобро да се прецизира , но се согласуваат дека новото кривично дело ќе ги заштити малолетниците кои не се покриени со законот.
Жртвата на насилството во Стара Загора е Ромка, па спротивставувањето на измените на законот, од страна на некои од домашните националисти, во Софија се поврзува и за нивниот однос кон ромската заедница, третирајќи ги нејзините припадници како „второкатегорни граѓани“.
(О.У.)