Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Фрау Книсел на одмор во руско Петрушево

Фрау Книсел на одмор во руско Петрушево

Карин Книсел е поранешна австриска министерка  за надворешни работи која ќе остане запаметена по тоа што неутрална Австрија опасно ја туркаше во руската политичка интересна сфера. Сега, оваа Австријанка од редовите на тамошната ултра-десничарска Слободарска партија, се наоѓа на продолжен одмор во Русија, во селото Петрушево.  Освен што се одмара таа и работи во еден руски политички центар.

За мисијата на фрау Книсел се разбра откако на неколку руски портали се појавија видео снимки од нејзиното летување- учествувајќи на еден тамошен летен фестивал.

На руската јавност требаше да и се покаже дека за Русија војната е далеку , а дека животот дома тече нормално- како и секое лето. Но, и да се види дека земјата на Владимир Путин не е изолорана и дека има пријатели на Западот кои  уште и доаѓаат на летување.

„Ова е мојот свет“

Таа , пак, на видео снимката вели- „ова е мојот свет“ додека стои меѓу руски деца, инсистирајќи притоа дека во Петрушево, во Рјазанската област, југоисточно од Москва, меѓу селските кокошки, патки и кози, се чувствува како да е дома. „И во Австрија живеев  во едно мало село“- има речено некогашната шефица на дипломатијата.

Руските медиуми кои од сето ова прават голема пропагандна приказна , откриваат дека таму таа ќе биде еден месец и дека работи, учи руски јазик и пишува книга. Како што се допзнава од Виена книгата е за сегашната политичка ситуација во Европа- онака како таа изгледа од другата страна на континентот- од Русија.

Европа за неа слушна кога како кандидат на Слободарската партија стана министерка за надворешни работи (2017-2019) во коалиционата влада на Себастијан Курц и самиот десничар кој за да создаде влада и да стане премиер се здружи со австриските ултра-десничари.

Во европската и светската јавност, меѓутоа,  стана позната откако во летото 2018 година, на својата венчавка, го покани, како гостин рускиот претседател. А Путин не само што дојде во малото место Гамлиц, на свадбата на Книсел , туку со невестата, облечена во селска австриска женска облека, одигра и еден танц.

Танц со Путин

Потегот на австриската министерка предизвика бурна реакција на демократска Австрија и на европската политичка јавност.

Особено што таа не ги сокриваше своите врски со Москва и со Путин и што тоа дојде во време кога демократскиот свет ја осудуваше Русија за кршење на човековите права во земјата и  за  мешањето во американските избори, туркајќи го Доналд Трамп во Белата куќа.

Таа и таква влада на Курц се распадна откако избувна политичка афера која предизвика и бранување во австриската јавност.

Медиумите открија дека лидерот на Слободарската партија и заменик канцелар, тајно, во  Шпанија, преговарал со руски бизнисмен, поврзан со Кремљ, партијата да го купи виенскиот весник „Кронен Цајтунг“ .

Пари за тоа требало да даде Москва, како бизнис инвестиција, а весникот да стане гласило на ултра-десничарите и да ја истурка крајната десница да победи на првите следни избири.

Во служба на руските интереси

По распадот на коалицијата, Книсел замина од политиката и за почеток стана дел од пропагандната, анти- западна и силно пропутиновска телевизија „Раша Тудеј“. Во 2021 година, таа беше многу пообилно наградена- стана член на бордот на нафтениот гигант „Роснефт“. Наградата уследи за нејзинта  работа во полза на руските интереси.

На неодамнешниот африканско-руски самит таа беше со руската страна, поостојано изјавувајќи  дека се чувствува како – политички бегалец.

Таквите бегалци од Западот во советско време добиваа работа во советската државна хиерархија. И во ова путиново време,  работите не се изменети, па фрау Книсел е наградена со директорско место во новосоздадениот „Горки“ центар за геополитички прашања при Универзитетот во Санкт Петербург.

Примерот со оваа поранешна австриска министерка , на тој начин,  покажува дека Москва  и не сокрива дека ги користи европските крајнодесничарски партии (во Австрија, Германија, Франција, Италија) за своите стратешки потреби.

Со парите кои им ги дава, тие  ровараат низ Европа и  ЕУ, за разбивање на Унијата и посебно за разбивање на нејзиното  и европското единство. Внатре во ЕУ за тие потреби Русија веќе го има Виктор Орбан.

(О.У.)

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе