Претседателот Радев контра владата во Софија
Бугарскиот претседател Румен Радев кој од првите денови на новата заедничка влада на партиите ГЕРБ и ПП-ДБ (Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија) е против ваквата владина комбинација, што тој не ја очекуваше, продолжува да создава проблеми, настојувајќи да го разбие владиното единство.
Претходно има речено дека со владата (практично) управува партијата на Турците, изјава во типично балкански, националистички стил што се слуша и на македонската политичка сцена од домашните лажни патриоти, насочена кон партиите на овдешните Албанци, а сега го користи атентатот врз бугарскиот бизнисмен и едно време политичар Алексеј Петров, за дисквалификации на владата.
Политички инсинуации
Во најновото обвинување, Радев тврди дека убиениот Петров „учествувал во креирањето“ на владиниот состав, уште префрлајќи и на владата дека е „неспособна“ и дека веќе е „обременета со ( политички) промашувања“ .
Обвинувајќи ги притоа, премиерот Денков и министрите дека настојуваат да „грабнат што повеќе моќ и власт“ за да целосно овладеат со сите државни тела. Мислејќи посебно во секторот на безбедноста и судството, таму каде тој се судира со уставните права на владиниот состав, кога станува збор за кадровската политика.
Ваквите коментари на претседателот, на неполни 100 денови од функционирањето на владата, предизвика остра и бурна реакција на владеачкиот блок. Одговор уследи од Марија Габриел, вицепремиер и министерка за надворешни работи, која за обвинувањата на Радев врзани за убиениот Петров, ги означи како подметнување и како инсинуации за политички потреби.
Враќање на евро-атланскиот пат
Според Габриел, до пред три месеци еврокомесар во Брисел, нема никакви политички промашувања во владиното работење, порачувајќи му на претседателот дека сегашната влада за само три месеци успеа да ја извлече земјата од меѓународната изолација во која беше сместена изминатите над две години, успеа да донесе буџет и да постави бугарската политика на евро-атланскиот пат ( од кој беше одалечена).
Тоа за вицепремиерката има огромно значење, бидејќи градењето профил на Бугарија како цврста сојузничка членка во ЕУ/НАТО е важно за земјата и за нејзините граѓани, кога започнува пресметката со инфлацијата, кога треба да се покрене инвестициски фронт и кога се решаваат новите геостратешки прашања во Европа.
Она што овојпат се крие зад нападот на претседателот врз владата, според софиските медиуми, е гневот на Радев поради (наводните) чистки на неговите луѓе и на оние шти ги поставуваа разните технички влади во изминатите три кризни години. Алудирајќи притоа дека на тој начин владата и двете главни партии , настојуваат да остварат целосна контрола пред локалните избори.
Раскинување со руското туторство ?
Тој обвинува за чистки , а од владата му порачуваат дека актуелниот министер за внатрешни работи само поставува нови луѓе во кои тој и владата ќе имаат доверба дека ќе се спроведува владината политика во виталните безбедносни сектори и пред се, дека ќе се изврши реформата во правосудниот систем.
Радев , како предводник на националистичкиот и русофилскиот блок во Бугарија е против откажувањето од празнувањето на 3 март- што сега се слави како денот кога земјата е ослободена од Отоманската власт.
Владата настојува земјата целосно да раскине со руското туторство кое трае од втората половина на 19 век, кога со одлучувачка помош на царска Русија е ослободена земјата, по што Москва, за свои потреби ја има создадено т.н. „Санстефанска Бугарија“ – орудие на Русија за дестабилизација на Балканот.
Освен Габриел, реагираше и партијата ГЕРБ на Бојко Борисов од која потекнува вицепремиерката , обвинувајќи го претседателот за лицемерност и цинично потсетувајќи го на неговата врска и навивањето за социјалистите, поранешните владеачки комунисти. „Државата не се чува со подигната тупаница„ – се вели во изјавата на оваа партија.
Бегство од шести избори
Се огласи и поранешниот премиер и лидер на ПП Кирил Петков кој го појасни отпорот на Радев кон сите владини потези. Според него, претседатлот на државата „не сака неговиот човек – сега главен секретар на МВР- да биде тргнат од функцијата.
Најострата осудата на политиканските игри на шефот на државата дојде од функционер на партијата на Петков. Во изјавата се вели дека токму поради Радев и неговите потези да се држи државата изолирана од Европа, партијата Продолжуваме со промените (ПП) се согласи да прави влада со нејзиниот главен опонент- партијата ГЕРБ.
Од ПП велат дека тоа се направило поради ризикот од нови, шести по ред вонредни избори и од тоа Радев да продолжи да управува со Бугарија, да прави тајни договори за руски гас, да го плаши народот со војна и со зима без греење, но и да назначува свои луѓе, за да има контрола врз владата.
Само поради претседателот на државата Бугарија немаше донесено буџет се до формирањето на оваа влада и се признава дека ПП се согласиле со оваа политичка опција- за да се спречат нови избори и за да се прекине политичката криза, бидејќи во криза и без политичка влада, земјата има загубено големи од европските развојни фондови кои се стопирани.
Претседателот сака да владее
Од сите овие причини, ГЕРБ и ПП-ДБ во содејство со Европската комисија и со Брисел, се согласија да создадат заедничка влада , што и не ја нарекуваат коалициска, на тој начин што девет месеци премиер ќе биде кандидат на блокот на Петков, а потоа во другите девет, кандидатот на ГЕРБ. Станува збор за модел што сега во ЕУ го користи Ирска, а беше користен и од Израел.
Румен Радев кој во изминатите години на полтичка криза ( од летото 2020) менаџираше со Бугарија со тенички влади кои ги создавање , главно, со свои луѓе, одржувајќи ги и потхтанувајќи ги национализмот, русофилството и политиката на српскиот претседател – да се седи на две столчиња, но повеќе свртен кон Москва, отколку кон Запад.
Впечаток е дека сега, кога се создаде силна прозападна и превропска влада, бугарскиот претседател како да сака да го копира претседателот на Хрватска, продавајќи популизам, наводно незвисно политичко дејствување, а всушност, поткопувајќи ја довербата на владата во јавноста. Јасно е, велат, експерти во Софија, дека Радев не може да го копира српскиот модел, колку и да сака да биде бугарски Вучиќ.