Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Западен Балкан оди во Европа

Западен Балкан оди во Европа

„Време е ЕУ да се зафати со проширувањето на Унијата“– рече во Блед, во Словенија,  претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, на годинешниов Стратешки форум. Според него- „за една моќна Европа, потребно е сите во Европа да бидат и силни и безбедни, а за тоа е потребно Унијата да се зафати со  своето проширување“.

Тоа според Мишел, не е никаков сон, па затоа инсистира дека е време работите ( околу проширувањето) да се забрзаат. „Верувам дека сите ние мораме да бидеме подготвени  за проширувањето до 2030 година“- рече  европскиот претседател.

Заложбите на Шарл Мишел

За давање рок за проширувањето и за почеток на прием на нови членки во Унијата се зборува поинтензивно од почетокот на руската инвазија и потврдата дека Русија ( и од позадина) и Кина се сериозна закана за Европа , за ЕУ, доколку во Унијата не бидат сместени и земјите од последниот европски регион – Западен Балкан. За тоа зборуваа европски дипломати, политички експерти и воено- безбедносни аналитичари уште и пред агресијата на путинова Русија врз Украина.

Но, ова е прв пат некој европски лидер, каков што е претседателот на Европскиот совет, на официјален форум да го отвори на овој начин прашањето за проширувањето и при тоа да посочи рок. Односно, на краен рок кој за Мишел би требало да биде обврзувачки – и за регионот на Западен Балкан, но и за ЕУ.

Ваквата негова елаборација на ова прашање предизвика збинетост во Брисел- наводно, затоа што  дошло неочекувано и без претходен договор со Европската комисија, па така од таму и се реагираше. Со избрзано соопштение кое антиевропејците веднаш го означија  како (наводно) отфрлање на заложбите на Мишел упатени до лидерите на Западен Балкан кои беа во Блед.

„Сега е време за проширување“

Меѓутоа и забележлива  исплашеност меѓу западнобалканците-  дека нема да бидат подготвени  за седум години. Или, што е многу  поверојатно, затоа што политичките  сили ( кои постојано пред своите гласачи зборуваат за посветеност на европскиот пат), во основа  бегаат од Европа . Затоа што,   не сакаат да се подготват за влез во Унијата, измислувајќи секогаш едно исто оправдување- дека  таму не ги сакаат и дека се измориле од чекањето да бидат во ЕУ.

Шарл Мишел во Брисел, на новинарите, уште еднаш им повтори дека – Европа мора да се подготви за прием на нови членки, дека само тоа ќе го зголеми нејзиниот кредибилитет и кај земјите кандидати и кај нивната тамошната јавност, дека така ќе се поразат евроскептиците. Давањето рок за почеток на влегувањето во ЕУ- на оние земји кои се спремни за тоа- ќе ги натера сите да го забрзаат своето реформирање, без да се оправдуваат на разни начини.

Според Мишел, во Блед зборувал после бројни разговори и консултации со европски лидери и дипломати и со политички експерти кои предупредуваат  дека ЕУ може да го загуби Западен Балкан и тој да падне под малигното влијание на Русија и Кина. Веднаш по него со подршка се огласи еврокомесарот за проширување во Европската комисија.

Балканските старо-нови проблеми

Сепак, токму Комисијата во Брисел предизвика да се појават различни толкувања и коментари од Западен Балкан – одново од оние кои  не сакаат во Унијата, па измислуваат приказни за седење на две столчиња и за некаква самостојна политика и за такво позиционирање во сегашните глобални поместувања.

А, од Брисел порачаа дека – не е битен датумот , колку што е важна спремноста на секоја земја -кандидат за членство, како и тоа дека во ЕУ нема да се влагува во пакет ( како во 2004 година- десет земји)- туку  секоја држава ќе стане дел од ЕУ кога ќе  ги исполни европските критериуми. Работа што е  од одамна позната како обврска  за сите нови членки.

Ваквата реакција на Европската комисија доаѓа после очигледниот факт  дека  Западен Балкан и натаму е создавач на проблеми, иако  во тоа сите не  партиципираат.

Освен тоа,  низа отворени прашања се уште не се затворени- посебно,  соседски односи. Конечно, освен шестмината од регионот  – и тие и Унијата се  соочени и со кандидатурите на Молдавија и на една Украина – кои на европскиот пат, сепак,  заостануваат зад западнобалканците.

ЕУ со 33 или со 35 членки

Според тоа, она што го има речено претседателот на Европскиот совет и не се разликува од ставот на целата ЕУ. Едноставно, веќе не станува збор за тоа дали Западен Балкан е дел од Европа и дали ќе се вклучи во ЕУ, туку за тоа како да се изведе проширувањето, а притоа да не се разниша и самата Унија . Таа  од сегашните 27 земји, би требало да нарасне на 33 (сметајќи го и Косово), или дури и на 35 членки.

Тука е и  можноста од влез на Украина, со нејзинаите 40 милиони население и со сите нејзини состојби и   проблеми  со кои се соочува и без војната со Русија. Освен тоа, земјата има двојно повеќе население од сите на Западен Балкан заедно, дури и кога  би биле  одеднаш примени во Унијата.

Косово, на пример,  останува меѓународно  непризната држава, иако новата балканска земја е признаена од стотина земји во светот. Но, пет од членките на ЕУ тоа го немаат сторено и  засега  не ја менуваат својата позиција- очекувајќи ја спогодбата меѓу Белград и Приштина за  конечниот косовски статус.

Создавачи на проблеми

За тоа  подолго време се преговара со посредство на ЕУ и САД, но и покрај оптимизмот на почетокот од оваа година, по постигнатите договори во Брисел и во Охрид, кога изгледаше дека двете страни се на пат да се спогодат за нормализација на нивните односи- работите  се  вратија назад. Уште за  изненадување на европската јавност, ваквата ситуација , заеднички, ја предизвикаа и Косово и Србија.

Сепак, основниот проблем лежи во Белград и во неговата намера да го развлекува решавњето на косовското прашање во  недоглад- не сакајќи да се прифати новата балканска политичка реалност. Тоа значи дека српската страна не сака нормализација на односите со владата во Приштина, што во сегашната сериозна политичка криза во Србија , инаетењето со ЕУ, значи можнот за опстанок на актуелната власт.

Впрочем, тоа во Блед го има покажано српскиот шеф на дипломатијата И. Дачиќ кој во својот познат стил ја искара ЕУ што рок за влез во Унијата нема дадено уште пред 30 години (!?),  во исто време, неприфаќајки  откажување од неодрживата политика за седење на две столчиња, што  е меѓу условите за  влез на Србија во ЕУ.

БиХ- нефункционална држава

Во слчна ситуација е и БиХ која и натаму продолжува да делува како нефункционална држава, која преку дејствувањето на  српскиот националист и сепаратист М. Додик, постојано е на работ да се расцепи, што се верува дека во Белград тоа не би било осудувано. Србија ја признава независниста на БиХ, но со соседната држава нема се уште договор за границата за што не брза да се постигне.

Малечката Црна Гора, пак, која се отцепи од Србија во 2006 година и направи целосен пресврт во својата меѓунардна позиција- свртувајќи се кон Западот, влезе во НАТО и започна преговори со ЕУ, од „предводник “ на Западен Балкан, стана негов проблем.

Соочена со политичката криза, со мешањето на Белград  во нејзините внатрешни состојби и со новата власт која не успева да почне да управуваат со својата држава, Црна Гора почна да го загрижува и НАТО, околу тоа како земјата понатаму ќе чекори.

Македонската шанса

Остануваат уште Северна Македонија и Албанија кои во ваквата ситуација во регионоит и во атмосферата на ширење на антиевропското расположение и на евро-скептицизмот, изгледаат како да се надвор од западнобалканските проблематични состојби.

Не се сосема надвор, барем во македонскиот случај, поради дејствувањето на антиевропската, русофилска опозиција, сместена во националистичката дпмнеовска дружина и во десничарската „левица“ која се појасно се оформува како некаква филијала на српските социјалисти од милошиќевото време.

Како и да е, РСМ сепак, има големи шанси да истрача и прва ( со или без Албанија) на патот кон ЕУ, како што тоа го посочуваат и некои српски аналитичари.

Потребно е  во Скопје да се елиминираат пречките кои ги создаваат опозицијата и  силите кои дејствуваат од „сенка“ , како дополнителна контра за европскиот пат, продавајќи ја притоа  српската приказна дека – Македонија (како и Западен Балкан) не ги сакале во Европа.

(О.У.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе