Регионот „заложник“ на Белград и Приштина
Во неделата, доцна вечерта, косовската полиција и нејзините специјалци ја презедоа контролата врз локалниот манастир кај Бањска, во севернокосовската општина Звечан, кој беше ставен дваесетина часови под опасада. Опсадата беше покрената , откако во него се сокрија тешко вооружените српски напаѓачи кои претходно – без никаков директен повод- од заседа нападнаа косовска полициска патрола. Притоа, еден косовски полицаец беше убиен, а друг тешко ранет.
Повлекувајќи се по првиот напад, напаѓачите со блиндиран џип ја урнале големата манастирска врата и навлегле во манастирот кој и припаѓа на Рашко-призренската епархија на СПЦ, претворајќи ги монасите и случајните верници кои биле во манастирските одаи, во заложници.
Најтежок инцидент досега
Во престрелката што потоа се развила и траела се до неделата во доцните часови, се убиени (најмалку тројца, или четворица) од групата напаѓачи, за која се верува дека имала триесетина лица. Има и десетина полесно и потешко ранети , а на крајот, по предавањето на најупорните напаѓачи, билансот за нив е поразувачки.
Десетина побегнале на српска територија и се сместени во болницата во Нови Пазар, но исто толку се заробени или уапсени од косовските полицајци. Заробено е исто така и многу оружје и воена опрема, како и десетина возила- главно џипови кои припадниците на вооружената група ги оставиле при бегството. На заробените и уапсените- според обвинителството во Приштина- ќе им се суди за низа кривични дела, меѓу кои и за тероризам.
Станува збор за најтежок досега инцидент на Косово, по многу години и за најсериозна ескалација на косовската криза во моментите кога ЕУ и САД настојуваат да ја затворат, настојувајќи Србија и Косово да ги нормализираат односите.
Целата таа работа сега е тргната на страна, по оптимизмот изразен после постигнатите договори во Белград и во Охрид.
Кој стои зад оружениот судир
Наместо тоа, Европа, и Америка сега настојуваат да утврдат кој стои зад вооружениот напад и дали воопшто нешто може да се направи за вистинскиот мир на Косово.. Аналитичарите- косовски и српски, како и европските, пак, настојуваат да утврдат- кому овој воружен судир може да му користи.
Особено што моменталната тврда реторика и од едната и од другата страна, не остава простор за оптимизам кога станува збор за враќањето на преговарачката маса.
За Приштина, нападот и убиството на полицаецот претставува напад врз Косово од криминална банда, потикнувана и подржувана од Белград. Српската страна тоа го демантира, но неутрални аналитичари оценуваат дека овој тежок инцидент може да и користи на власта во Србија.
Прво за развлекување на целиот преговрачки процес и за одлагање на нормализацијата на билатералните односи во недоглед, како и за уште посилен притисок ( врз власта во Косово) за создавањето на Заедницата на српски општини (ЗСО).
Полза за Србија и за Косово
Но, нападот во Бањска на српската страна може да и користи и за натамошно одржување на нестабилноста во целиот регион и за сегашната длабока политичка криза во Црна Гора , која останува блокирана и без влада, во што силно е замешан официјален Белград.
Србија притиска во новата коалициона влада во Подгорица да влезат и просрпските партии кои заговараат силна блискост со Белград ( со тамошната владеачка СНС партија) и се повеќе блиски до Русија, отколку до Западот. Затоа, судирот во Бањска може да ги натера во Црна Гора да се согласат и да попуштат пред српскиот притисок- за влез во владата на просрпските партии- за да се спречи уште подлабока и подолготрајна криза во државата, ризикувајќи застој на патот кон ЕУ.
Проценка е, меѓутоа, дека полза може да има и Косово, посебно премиерот Албин Курти кој сега има силен аргумент за намерата да се воведе вонредна состојба во северно Косово.
Уште повеќе што убиството на полицаец дополнително ја заострува целата косовска ситуација и ја продлабочува кризата, која од поодамна му пречи и на регионот на Западен Балкан, а посебно на земјите кандидати за влез во ЕУ, а не само на Србија и Косово.
Мешање во Црна Гора
Уште повеќе што во тоа одмерување на силите на теренот, меѓу косовскиот премиер и српскиот претседател, Курти веќе има направено низа непромислени грешки. Од инаетењето со замената на српските сообраќајни таблички со косовски, преку верификацијата на изборните резултати со само 4 отсто излезност на гласачите, без разлика што бојкотот во северниот дел на Косово беше потикнат од Белград, до насилното поставување на нелегално избраните градоначалници.
Наместо потврда на државноста на Косово и на редот и правдата на внатрешен план ( што се сакаше), Курти само успеа да го засили милитантниот српски национализам кои и онака делува деструктивно на северот од Косово.
Излезе така дека власта во Белград и нејзините тајни служби на теренот го наместија косовскиот премиер да дејствува онака како што не требаше- прикажувајќи го како политичар контра мирот, кој со своите потези предизвикал и судир со силите на КФОР, на почетокот од јуни. При што Србија, наеднаш, стана некаков деескалатор, иако Белград никогаш тоа не бил , додека Косово, за прв пат, заработи санкции од ЕУ и САД.
Манипулирање со Скопје и Тирана
Таквите надитрувања ги ставаат соседите во незгодна ситуација- манипулирајќи со нив, или префрлајќи ги своите проблеми на регионот. Освен Црна Гора, на удар е и Албанија и посебно Еди Рама, колку тој да настојува да остане неутрален и да го одржува проектот Отворен Балкан, што Белград и Приштина се утркуваат кој повеќе ќе му наштети.
Но, проблеми и создаваат и на Северна Македонија , која настојуваат повремено да ја замешаат во својата нетрпеливост и неподготвеност за компромис. Српската страна настојувајќи (како и во времето на СФРЈ) да има сојузник во Скопје, а косовската – преку туѓ грб да градат некакво национално единство. Сето тоа во земја, каде веќе има просрпско навивање и со опозиција која потикнува антиалбанско расположение.
Проевропските аналитичари во Белград, сепак, не влегуваат во ваквите шеми на власта.
Според нив, можеби Александар Вучиќ го има надитрено Албин Курти, но затоа дозволи да ја загуби предноста што ја имаше половина година. Дури и српскиот претседател признава дека напаѓачите во Бањска се Срби. Тоа значи дека српската страна е виновна за конфликтот, што му овозможува на косовскиот премиер да биде уште потврд околу ЗСО, на што Белград инсистира.
(О.У.)