Убивани само зашто се Евреи
Повеќе од 1200 израелски граѓани се досега брутално убиени и искасапени во своите домови, во раните утрински часови во саботата. Убивани се цели семејства. Жени и деца, дури и бебиња, се најдени мртви , некои од убиените и обезглавени, во ѕверскиот напад на терористите на милитантната , палестинска, исламистичка организација Хамас.
Во еден од кибуците на југот од Израел, се ликвидирани над десет отсто од жителите на овие аграрни, самоуправни заедници.
Над 350 главно многу млади луѓе , собрани на музички фестивал посветен на мирот, во близината на границата со Газа , безмилосно се испотепани . За инв има сознанија и докази дека се убивани и газени со возилата на терористите , додека се обидувале да се спасат, бегајќи низ пустината, пред разулавените борци на исламскиот џихад.
И сите тие се убивани и масакрирани само затоа што се Евреи.
Благословот на ајатолахот Хамнеи
В0 напад – да се убие, за да се убива- не испровоциран од ништо и без никакво оправдување за суровоста и бруталноста- што сега веќе може да се означи како најголемо масовно убивање на еврејска популација, после времето на холокаустот, во Втората светска војна.
Нападот ги изненади сите- најмногу Израелците и целиот безбедносен систем на Израел, за кој се мислеше дека е непогрешлив. Но, ги изненади и Арапите и европската и светската јавност ,меѓу другото и поради силната организираност со кој терористичкиот напад е изведен и со тајноста во која е подготвуван.
Сега се верува дека (најверојатно) Иран знаел дека нешто се подготвува. Впрочем, од таму доаѓаат и парите и оружјето за Хамас. Техеран, пак, сето тоа го демантира, бранејќи се дека не стои зад оваа масовна и крволочна терористичка операција.
И покрај демантите од Техеран, ајатолахот Хамнеи, сепак, има речено дека- му бацува рака на оној кој сето ова го има замислено ( и изведено).
Ликвидација на цели семејства
Ваквата изјава на верски лидер доаѓа иако, во билансот на терористите како жртви се жени, деца и стари луѓе. Одведени како заложници ( над 150 лица) се и мали деца и бебиња и жени постари од 85 години, а деца се чувани во кафези, за кои оние од Хамас сега сакаат да се „пазарат“ – не давајќи никаков доказ дека тие луѓе се воопшто живи.
Сепак, засега, нема цврсти докази дека Иран го потикнал нападот од Газа врз Израел , или дека стои зад целата оваа терористичка акција.
Она што е сосема јасно е тоа дека во саботата затаи израелскиот безбедносен ситем, покажувајќи дека и Израелците може да се опуштат , кога е безбедносната контрола во прашање. Се верува дека ги има успиено самиот Хамас, со повремените изјави дека „веќе се изморени од војувањето“.
На Израел, сепак, не му требаше долго за да се соземе и да тргне во контраофанзива со сиот свој моќен воен потенцијал. Над 170 илјади војници веќе се во акција, а е покрената и мобилизација на 300 илјади резервисти. Се најавува уништување на Хамас и целосно прочистување на појасот Газа од терористите и од оние кои ги помагаат, но засега, нема и копнена офанзива .
Очекувајќи копнена офанзива
Воведена е целосна блокада на Газа, за која арапски извори велат дека брзо ќе остане без гориво, храна и медицинска опрема.
Но, кога е копнената офанзива во прашање, Израелците се внимателни- не само поради многуте жртви што може да ги има и израелската војска, туку и затоа што светската јавност, која сега е на страната на Израел- како нападната страна- може да го смени гледањето доколку „бришењето“ на Хамас од Блискиот Исток, стане премногу крваво и трае предолго.
Од друга страна, останува се уште нејасно кој и што го покрена Хамас, или зашто оваа терористичка организација, токму сега, се определи да ги казнува Израел и Евреите, за минатите „гревови“.
Веќе во неделата од Газа се огласија дека се спремни да преговараат , како ништо да не било и како да се воена сила која сега ќе се пазари со Израелците. Ден подоцна, меѓутоа, од таму стигна закана дека ако се продолжи со бомбардирањето- за што шефовите и газдите на Хамас, секако, биле свесни дека ќе уследи и пред нападот- ќе почнат да ги убиваат заложниците.
Молк на Москва
Аналитичари велат дека во сегашната ситуација, можеби Катар би можел да се јави како посредник, нешто што во овој момент изгледа неверојатно.
Но, и да се случи, тоа не дава одговор на прашањето- што го испровоцира нападот од саботата. Дали приближувањето на Саудиска Арабија со Иран, инаку остри противници и религиозно и воено-стратешки, или пак навестувањето за „историска спогодба“ на Израел со Саудијците, при што и во едната и во другата ситуација никој не ги споменува Палестинците и што со нив.
Засега е познато само она што се знаеше и од порано. САД се силно на страната на Израел, иако нему во моментот не му треба екстра воена помош. И онака секоја година од таму добива 3,5 милијарди долари помош. Европа останува на израелската страна- од повеќе причини, а другите играчи на Блискиот Исток- молчат.
Тоа се однесува посебно на Русија, која поради војната во Украина, набрзина изгради силни врски со Техеран, од каде добива дронови со кои ја бомбардира украинската територија.
Блискоисточна математика
Москва ( традиционално) е на страната на Арапите и Палестинците, уште од советско време. Сега ги осудува воените судирања и жртвите и (каква иронија) Владимир Путин- кој дава наредби за убивање на Украинците – сега апелира да се прекине со убивањето. Но, рускиот претседател се уште го нема осудено Хамас- секако, поради неговата блискост со Техеран.
Меѓутоа, руската страна на тој начин ризикува да ја загуби блискоста со Израел ( посебно со Бенјамин Нетанијаху) кој не се замеша во војната на Русија во Украина.
Одби на Киев да им го испорача одбранбениот анти-ракетен систем -Железната купола, што Украинците го бараа за одбрана од руските ракетни напади. Со тоа Израел покажа дека Русите им се потребни за да ја држат под контрола Сирија од можни, откачени, неконтролирани напади, како овој сега извршен од Газа.
Блискоисточниот политички спектар, на тој начин, уште еднаш покажува колку е компликуван и тешко решлива политичка равенка. Затоа и не се знае колку долго ќе трае сегашната војна на Израел со Хамас и каков ќе биде исходот на крајот. Останува само да се бројат жртвите ( и на двете страни) и соочувањето на Евреите со реалноста- дека се уште ги убиваат само затоа што се Евреи.
(О.У.)