Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Брисел против вето во надворешната политика

Брисел против вето во надворешната политика

После Самитот на земјите од Берлинскиот процес, што се одржа во Тирана, сосема е извесно дека ( за прв пат) постои рок за ново проширување на ЕУ- со земјите од Западен Балкан, како и со Молдавија и Украина. За земјите од нашиот регион и за сите со кандидатски статус, тоа е 2030 година, но тоа е рок и за подготвување на Унијата за примањето нови членки.

Притоа, беше потврдено дека таквиот процес не им  потребен само на кандидатите, од кои некои со години чекаа во ред да се покрене процесот ( како Македонија , на пример), туку и на самата ЕУ. Не само поради инвазијата врз Украина, заканата од русифизација  на Западен Балкан и од кинеското влијание, туку и поради запазувањето на кредибилитетот на Унијата.

Последниот прием е извршен во јули 2013 година, со влегувањето на Хрватска, а за последен пат, масовен прием на нови членки е извршен уште во мај 2004 година- со влезот на осум земји од поранешниот источноевропски, советски комунистички блок, како и на Кипар и Малта.

Злоупотреба на ветото

Франција која доскоро беше главниот кочничар на проширувањето, сега е силен заговорник за што побрзо покренувањето на процесот за прием на нови земји. Овој пат, сосема во право, во исто време покренувајќи го и прашањето за употребата на правото на вето што го имаат земјите во ЕУ.

Париз бара да се разреши ова прашање кое е присутно со години на ред, а особено по приемот на земјите од Истокот на Европа кои често го (зло)употребуваат како начин за пресметка со Брисел и Унијата, или како можност  за „вратка“ на некоја од земјите во ЕУ.

Во минатото, Северна Македонија беше најголемата жртва на ова право дадено  уште додека Унијата беше ЕЕЗ. Прво, од Грција се до договорот од Преспа, а потоа и од Бугарија.

Сега тоа го прави Унгарија на Виктор Орбан, а не ретко и Полска , додека целата власт во земјата ја имапе партијата Право и Праведност на конзервативниот националист Јарослав Качински, блокирајќи го единството во ЕУ , а посебно делувањето на Унијата како глобална сила и важен меѓународен фактор.

Блокадите на Орбан

Орбан, на пример, има ставено вето за европската помош за Украина, како одмазда што Киев на „црна листа“ ја има ставено унгарската  банка  ОТП, која продолжува да работи не само во Русија, туку и на окупираните територии, третирајќи ги како руски. Има вето и блокада и за заедничката миграциска политика на ЕУ ( заедно со Полска).

Унгарскиот премиер  ги блокира речиси сите европските значајни проекти и иницијативи , постојано настојувајќи да се пазари со Брисел ( за да тој попушти) од каде, инаку,  и натаму зема пари од европските фондови за побрз развој. Преку вака поставеното право на вето, меѓутоа, ЕУ ја губи кредибилноста како партнер во големата меѓународна политика , неможејќи брзо да реагира и одлучува , дури и за состојбите на Западен Балкан.

Орбанова Унгарија се заканува дека ќе блокира секаков обид за санкционирање на Милорад Додик во БиХ и на српската енклава Република Српска. Во исто време,  му има ветено на Белград дека ќе стави вето доколку Брисел ја санкционира Србија- за нејзината некооперативност на Косово и за тешкиот инцидент во селото Бањска, во северно Косово, за кој  малкумина во Европа веруваат дека нападот  бил изведен без знаење на Србија.

Без вето за проширувањето на ЕУ

Во една ваква ситуација во која се наоѓа ЕУ, токму поради правото на вето, Франција инсистира брзо да се разреши ова прашање, сугерирајќи -ДА НЕМА ВЕТО  за прашања од меѓународната политика и  меѓународните односи, но и за ПРОЦЕСОТ НА ПРОШИРУВАЊЕ на ЕУ.

Според Париз, би било опасно за  ЕУ, оваа заедница  целосно да се заглави при носењето на важни за Унијата одлуки и решенија, доколку би имало вето и во услови на уште четири нови членки , кога ЕУ ќе брои 31 земја, или доколку таму се најдат уште четири други, вклучувајќи ја и една Украина.

Особено што во блиското минато, блокади имаат ставано и една Чешка, а и  Словачка, када на власт се врати левичарскиот популист Роберт Фицо, чии ставови многу често се блиски до оние на десничарот Орбан.

Колку за потсетување, и Словенија стави вето за Хрватска при хрватското влегување  во ЕУ, а Италија на времето се закануваше со вето за Словенија, околу прашањето за старите имоти на Италијанците , што се на територијата на денешна Република Словенија.

Искривоколчено толкување

Како и да е, проблемот и блокадите, сепак, го прават поранешните комунистички земји, членки на некогашниот советски воено-политички блок, до падот на комунизмот, А. тие се оправдуваат дека правото на вето за нив било – „право за водење национална политика“ во рамките на ЕУ.

Станува збор за крајно искривоколчено толкување ( и оправдување), бидејќи сите земји при влегувањето во Унијата се имаат обрзано за почитување на единствената, заедничка надворешна политика на ЕУ. Тоа е едно од важните поглавја што морало да се исполни пред нивното зачленувањето во ЕУ, кое  сега мора да го исполнат земјите-кандидати.

Во настојувањето да се тргне правото на вето- пред се, во меѓународната политика- Франција не е сама.

На таа позиција е и Германија со која изготвуваат заеднички предлог-план кој треба да се реакизира пред 203о година.

Но, со нив се и повеќе земји од европскиот Запад. Сите тие се револтирани од однесувањето на Истокот на ЕУ, најмногу на Унгарија и на Полска кои  стана правило да контрираат  и едноставно- да тераат инает со Брисел и со западниот блок.

Препород со западна помош

На Западот се инсистира дека токму со западните пари, обезбедени од западните даночни обврзници, целиот Исток бележи силен економски и општествен раст во годините по влегувањето во ЕУ.

Дури 350 милијарди евра се префрлени на Истокот за првите 15 години во ЕУ, од што само Полска има примено 135 милијарди евра, додека Унгарија, само од Германија, како инвестиции има добиено 90 милијарди. Словачка, пак, се тврди дека сега има повисок приход по глава на жител , од сите земји во Западен Балкан- заедно.

Не е прв пат Франција и нејзиниот претседател да реагираат на источноевропската неблагодарност кон Западот, спротивставувајќи се на принципот на солидарност, затоа што токму тоа  многу има помогнато- земјите од тој дел на Европа да се развиваат побрзо- за да се намали разликата со западните држави.

Уште на почетокот од првиот претседателски мандат, Емануел Макрон, инаку силен проевропеец,  на една конференција во Братислава остро им замери на источноевропејците за нивното однесување.

Со европски пари против ЕУ

Според него- поразувачки делува сознанието дека земјите од Истокот-  со „европски пари работат против европските интереси и стандарди, што инаку ги прифатиле при влегувањето во Унијата“.

Продавајќи при тоа национализам и популизам, заговарајќи десничарење и авторитарност, наспроти либерализмот и либералната демократија врз чии темели е создадена и уредена ЕУ.

Во тие рамки се става и правото на вето кое се злоупотребува за внатрешно-политички потреби, па затоа од поодамна се заговара тоа да се користи само во исклучителни потреби и при носење на одлуки од витален интерес за Унијата.

Прв тоа го има побарано поранешниот шеф на германската дипломатија Ханс Дитрих Геншер , сугерирајќи дека на тој начин ќе се зголеми единството во она што е денес  ЕУ и значително ќе се засили нејзиниот кредибилиет во европската и во глобалната политика. Во сегашните услови тоа е важно и за да се блокира отровното влијание на Русија врз земјите од Истокот, создавајќи од државите каква што е орбанова Унгарија-  разбивачи на европското единство.

(О.У.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе