Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Борут Пахор – Каде ќе беше Словенија без ЕУ

Борут Пахор – Каде ќе беше Словенија без ЕУ

Поранешниот словенечки претседател Борут Пахор изјави дека ЕУ и порано и  беше потребна на Словенија,  потребна и е и сега, а така ќе остане и понатаму. Посебно во денешниот свет во кој на европскиот континент се води вистинска војна, како  и во условите на најновото  глобално стратешко разместување.

Во интервју за Хрватската радио и телевизија (ХРТ), Пахор кој десет години беше шеф на државата, а пред тоа претседател на Парламентот и премиер,  го истакнува силното значење на ЕУ за Европа и  нејзината важна улога која ја има  воопшто на континентот.

Затоа и прашува – каде ќе беше Словенија ( но и Хрватска) доколку не беше Унијата. При тоа открива дека ЕУ (сепак) имала улога и во разрешувањето на „историскиот спор“ на двете соседни држави околу граничната линија која ги раздвојува во Пиранскиот Залив, во северен Јадран.

Помирување со соседите

„Како претседател најважната работа ми беше помирувањето- како во самата Словенија, меѓу нејзините луѓе, така и со нашите  соседи- Хрватска и Италија , пред се, со кои беа останати стари нерасчисетени работи“- рекол Пахор потсетувајќи дека спорот со Хрватска, иако е формално се уште отворен, затоа што се уште трае процес пред меѓународната арбитража, за двете страни е завршен. Посебно, по влегувањето на Хрватска во Шенген зоната.

Според поранешниот претседател, изгледаше дека овој стар спор ( уште од времето на Југославија) е практично нерешлив, но како што вели , бил потребен еден долг, неколкучасовен и сеопфатен разговор што го имал со тогашнта хрватска премиерка ( Јадранка Косор) во 2012 година – нешто повеќе од една година пред влегувањето на Хрватска во ЕУ.

„Тој разговор беше пресвртен, како за историскиот граничен спор, така и за нашите билатерални односи. Беше отворен патот на Хрватска за влез во Унијата, а ние како први соседи покажавме дека можеме и самите да преговараме и да се договориме“- рекол Пахор за ХРТ, истакнувајќи ја притоа улогата и моќта на ЕУ за Европа.

Унијата-гарант на мирот

Притоа, смета дека можеби Унијата нема да биде совршена, но најважното, како што вели поранешниот словенечки претседател,  е дека само таа гарантира мир, што беше афирмирано после 2014 година, кога Брисел и ЕУ направија една силна и значајна промена во својата поставеност.

Унијата не беше веќе само економски проект, туку и безбедносен , ставајќи го во центарот прашањето за мир и за мирно живеење.

На тој начин, ЕУ   сега значи гаранција за мирот во Европа, што е најважното нешто за континентот, каде се почнати две светски војни, без разлика што таква како што е сега уредена, можеби никогаш нема да биде идеално поставена.

Пахор кој признава дека е европски федералист, проценува дека некои работи околу натамошното уредување, можеби нема лесно да одат.

Малите и „големите“ во Европа

Но, потсетува дека војната во Украина и можното раширување на кризата на Блискиот Исток , како и внатрешно-политичкото превирање во САД ( една година пред тамошните избори) поради што изгледа дека САД се ладат околу околу украинската војна, можат да изменат некои состојби.

Тоа значи  дека војната на Истокот на Европа ќе падне на товар на Европа (ЕУ) за што вели дека е убеден оти Унијата  е подготвена за една таква задача.

„На тој начин, доаѓаме до едно многу важно прашање, како за нас во Словенија, така и во Хрватска-  а тоа е што би се случило доколку би ја немало ЕУ. Каде во еден таков хипотетички случај  би оделе и двете земји кои важат за мали, во европски рамки“. Каде би се нашле  во однос на бројните и моќни Германи, или на франко-романскиот свет  (Франција или Италија и Шпанија)- има речено Пахор за ХРТ.

Зачувување на идентитетот

Тој смета дека малите никако не можат,   самите,  да им се спротивстават на големите и на моќните во денешениот свет“.

Затоа, според него, сите заедно мора да работат за одржување на ЕУ, како силна, моќна демократска заедница, затоа што тоа е во интерес и на големите ( во Унијата), но посебно на малите земји-членки.

“Токму преку овој европски проект, земјите како што се  Словенија и Хрватска единствено може да го сочуваат и да го одржуваат својот идентитет“- инсистирал  Борут Пахор и при тоа забележал дека – „има мали земји во ЕУ кои никако не можат да разберат дека се малечки, дека не се големи“.

Едноставно, инсистира поранешниот словенечки претседател -сите во ЕУ, без системот на Унијата, се мали држави. „Замислете ги сите тие европски земји- сами, индивидуално поставени- во натпревар со  една Кина, на пример, со Индија, или Русија и секако со САД“.

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе