Британија: Бившиот премиер стана министер
Поранешниот британски премиер Дејвид Камерон направи неочекувано враќање во политиката на Обединетото кралство, откако прифати и експресно беше именуван за нов шеф на британскиот Форин Офис.
Не се памети, во изминатите децении, еден бивш премиер на земјата, да станал министер во владата во Лондон и тоа после една широка реконструкција на владата, каква што сега направи актуелниот премиер Риши Сунак.
Особено откако Камерон, после неколку месеци од оставката на премиерската функција, во јуни 2016 година, објави дека се повлекува од пратеничкиот состав на Конзервативната партија на која 11 години и беше лидер и дека трајно заминува од британската политика.
Дејвид Камерон во Форин Офис
Седум години подоцна, меѓутоа, Камерон – како новиот министер за надворешни работи се врати во политиката и во владата, предизвикувајќи шок во британската јавност. Го замени на тоа место досегашниоѕ прв дипломат Џејмс Клаверли кој пак стана министер на Хоум Офисот наместо контроверзната Суела Брајвермен која беше сменета од функцијата.
Но именувањето на еден бивш премиер на третата по ранг позиција во владата во Лондон, кој (без потреба организираеше референдум за Европа и доживеа пораз) претставува коцкање за Сунак кому се уште многумина не му веруваат , а дури и неговите ториевци му замераат за некои негови ставови и поранешни заложби.
Камерон, пак, кој мораше по брза постапка да биде именуван во лорд ( со согласност на кралот) и и да стане член на Горниот дом на Парламентот, затоа што не е пратеник , па не би можел да биде министер, има речено дека иако не се согласува со некои од изјавите на актуелниот премиер, тврди дека Сунак е „енергичен како политишар и респектабилен како премиер“.
Судир на две политики?
Уверува дека се прифатил на еден ваков политички чекор – „само за да му помогне на Сунак да направи силна ториевска влада која би функционирала до следните парламентарни избори “во Британија. И тоа во сегашните „тешки времиња “ во меѓународните односи, со војна во Украина и со сериозна криза на Блискиот Исток, како и со силниот предизвик од опозициските лабуристи на домашната политичка сцена.
Неговите шест години како премиер (2010/2016 година) се силен и вносен мираз што Камерон ја носи во подновениот владин состав, со своето искуство.
Но, лондонските политички експерти забележуваат дека заедно со другите моќни ториевци во владата , како Џереми Хант и Мајкл Гоув и обајцата претенденти за лидерската позиција на конзервативците, може да претставуваат тежок камен за Сунак. Уште помалку да може да се промовира себе си кај Британците како лидер за промени во Британија.
Освен тоа со лорд Камерон како шеф на дипломатијата може да дојде до судир на новата меѓународна политика на Британија што ја турка Сунак со другите, наспроти старите и добро ознати позиции на поранешниот преммиер, сега министер- како за односите со Европа, така и за оние со другиот свет.
Британија во (само)изолација
Посебно кога станува збор за односите со Кина. Како премиер , Камерон беше промотор за градење мостови и билатерала со Пекинг, пред се, во економијата, што е спротивно на сегашната позиција на Форин Офисот за Кина- како новата светска закана ( заедно со Русија).
Како и да е, Британија и британската политика влегуваат во едно ново, компликувано и турболентно време во домашната политика, без разлика што Камерон како партиски лидер и премиер важеше за умерен, космополитски британски политичар кој настојуваше земјата да биде во центарот на европската и светската политика.
Нешто што премиерите по него, а пред се, Борис Џонсон, го напуштија носејќи ја Британија во (само)изолација- пред се поради промашената политика на Брегзит.
Камерон беше замислен да биде ториевска верзија на лабуристот Тони Блер- да ги пренесе конзервативците поблиску до политичкиот центар, како што тоа го направи Блер со својата партија.
Фијаското на Брегзит
Сепак, во британската и европската политика , новиот шеф на Форин Офисот ќе го паметат по организираните два референдуми. Првиот за независнст на Шкотска, што го доби и оној за Брегзит, од јуни 2016 година, што го загуби.
Антибрегзитерите нема да му заборават што прифати референдум кога никој, освен маргиналната партија УКИП и нивиот исто таков лидер Најџел Фараж, тоа од него не го бараше. Излегувањето од ЕУ, после 43 години, затоа, сега се смета за најголемата политичка грешка на Британија, а од Брегзит се откажува дури и Фараж кој излегувањето од ЕУ го има означено за фијаско.
Брегзит, пак, сега се соочува со најнеобичниот момент откако Британија прогласуваше „ослободување од Европа“. Со лорд Камерон како министер , британската надворешна политика се најде во ситуација да ја води екс премиерот кој водеше силна кампања против Брегзит и за останување на Обединетото кралство во ЕУ.
(Д.Л.)