Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

„Забрана“ за Британците за брак со странци

„Забрана“ за Британците за брак со странци

Владата на Велика Британија одлучи – практично- да им забрани на најголемиот број британски државјани да се мажат, или да се женат со државјани на странски земји.

Ваквата крајно контроверзна одлука , означена како дел од пакетот антимиграциски мерки, веднаш предизвика бранување меѓу активистите од разните агенции и групи за човекови права, кои ја означуваат како -„жртвување на основното право кое им припаѓа на луѓето- да си одберат во кого ќе се вљубат и со кого ќе стапат во брачна или партнерска заедница“.

Овие активисти велат дека десетици илјади Британци низ земјата се, или ќе се најдат погодени со владината мерка за добивање на т.н. семејна виза, кога на почетокот од април следната 2024 година, ќе стапи во сила.

Доказ за финансиската способност

Според владината мерка, државјани на Британија, или оние кои се населени во земјата, со статус на британски жители, ќе мора да докажат дека заработуваат најмалку 38.700 фунти (45. 300 евра) – годишно- за да може нивниот животен партнер , кој живее некаде во странство, да дојде и да живее со избраничката на своето срце , или со  својот избраник , некаде на британска територија.

Меѓутоа, според официјалните податоци на британското министерство за финансии и на даночната служба, само 27 отсто од населението заработува еден ваков износ, или повеќе од тоа, за да можат да се квалификуваат да аплицираат за семејна виза.

Има многу двојки кои  веќе се во Британија, дојдени во едно друго време и поради бројни лични причини, па тие  сега се соочуваат со реалната закана да мора да се определуваат како да продолжат понатаму-да се разделат и да живеат одвоено, или пак заедно да ја напуштат земјата, барајќи некаде попријатна имиграциона клима за ваквите случаи.

Вината е во грешката со Брегзит

„Британските политичари , очигледно, имаат пратено силна порака дека доколку во Британија, луѓето се мигранти, не се добродојдени. Односно дека се третирани како отпадници на општеството, иако многу често, станува збор за луѓе кои не се тоа“- има изјавено за „Јуроњуз“ една активистка, која открива дека  и самата ќе се најде меѓу жртвите на новите британски прописи.

Владата на британските конзервативци својата одлука, како и онаа со „планот Руанда“ се обидува да го оправда со настојувањето да се намали бројот на мигрантите, но и на корисниците на разните државни социјални бенифиции ( кои ги користатат и дојдениците), затоа што повеќе не може сето тоа финансиски да го издржи.

Зад ваквите потеззи околу миграцијата, во основа, сепак,  се крие  грешката со Брегзит и со напуштањето на ЕУ. Особено што домашната јавност сега  го третира таквото решение од 2016 година, донеено под притисок на ториевците  и нивниот евроскептицизам, како на англиските националисти, за штетно за британските државни интереси и за промашување.

Задоволување на десничарите

Министрите во владата се бранат дека со мерката ( со која практично)  се збранува брак со странски државјани ќе се овозможело „семејствата да може самите да се издржуваат- без социјална помош.

Така не мислат тие  кои ќе бидат жртвувани со новите мерки. Посиромашните семејства и сите оние кои не може да обезбедат гаранции за брачниот партнер- дојденец, сега имаат две опции- или да заминат некаде во егзил, или да се разделат од саканиот и од децата, доколку ги има.

Во секој случај, ваквата политика на ториевците кои сега ги предводи Риши Сунак, дете од брак на мигранти, дојдени од Индија, треба да им угоди на домашните десничари и националисти, што, инаку, е спротивно на нивните декларативни изјави за глорифицирање на бракот и семејството.

Тоа, меѓутоа, во случајот се става на страна, пред потребата на конзервативците да застанат на нозе и на своите гласачи да им покажат дека Брегзит е успешна приказна, во услови кога во економијата и кај миграцијата состојбата е и полоша од времето кога  Британија беше во ЕУ.

Просечна плата-3200 евра

Британците  се определија на референдум за Брегзит,  верувајќи им на брегзитерите,  предводени од Борис Џонсон, дека надвор од ЕУ , Британја ќе биде и побогата и поголема и без мигранти. Сега ништо од тоа не е постигнато, па затоа се влечат контроверзни потези околу мигрантските прашања кои само уште повеќе ја одалечуваат земјата од европските стандарди.

Од друга страна , брак, или партнерска врска на маж и жена , излегува, дека ќе можат да имаат само богатите, или поимотните, односно оние кои заработувааѕ над 39 илјади фунти годишно.  Тоа не можат да го постигнат 73 отсто од населението, затоа што според Бирото за статистика- просечната годишна плата во Британија, во јуни оваа година, во услови на мошне скапата живеачка, изнесувала 34.900 фунти (или 40. 800 евра).

Сето ова се прави за да се намалела миграцијата за околу десет илјади годишно , бројки што останаа нереализирани од кампањата за Брегзит. Активистите за човекови права, уверуваат дека во вакви услови, голем број од оние кои не ќе може да стекнат право за семејна виза- едноставно- ќе се претврат во жители без документи.

(Е.Н.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе