Криминална банда уапсена во Белград
Шест лица од српска националност, се уапсени во Белград, во една широка, меѓународна операција во која биле вклучени полициите на Србија, Британија, Швајцарија и Италија. Сите се обвинети за провални кражби низ Европа, во куќи и имоти на богати лица.
Во соопштението на српските власти се вели дека станува збор за организирана криминална група, инаку формирана во Обреновац, во околината на српскиот главен град, чии припадници живееле богато со парите од богатите грабежи, користејќи притоа лажен ( украден) идентитет.
За водач на бандата се смета извесен Љубомир Радосавлевиќ, познат на европските полиции и како Алфредо Линдли, од Перу, инаку адвокат по професија, кому водачот на бандата му го има украдено идентитетот.
Спектакуларни грабежи во Лондон
Информацијата за апсењето се рашири низ европските медиуми, откако стана јасно дека токму оваа српска банда е одговорна за неколку спектакуларни грабежи во Лондон и во Британија, од пред неколку години, како и за грабежи извршени во Италија и Швајцарија.
Станува збор за грабежот во куќата на Тамара Еклстон, ќерка на поранешниот сопственик на трките Формула-1, Берни Еклстон и на нејзиниот богат сопруг, потоа во куќата на поранешната ѕвезда на лондонскиот фудбалски клуб „Челси“ Френк Лампард, како и на имотот на сега починатиот сопственик на ФК „Лестер“ Виши Шриваданапраба.
Против Радосавлевиќ/Линдли од порано се води кривична постапка во Британија , со обвинување дека има извршено кражби во вредност од над 26 милиони фунти (или безмалку 32 милиони евра).
За него се знае дека живеел долго во Британија и дека неговите соседи го познавале како мирен, семеен човек кој има скапа куќа, неколку скапи автомобили и неколку авто-салони, па во соседството важел за успешен бизнисмен. Никогаш не сомневајќи се дека тој е опасен криминалец.
Операција во куќата на Тамара Еклстон
Токму лажниот идентитет, за што до скоро не се знаело, ја има наведено и британската полиција да тврди дека крадецот кој го бара е Перуанец, по кого трагале низ Европа. Британскиот сервис Би-Би-Си , прв има објавено дека Британците се на трагата на криминалецот – „Перуанец“, откривајќи дека тој се крие во Белград, односно дека таму се има населено.
Во сегашната српска политичка атмосферата , силно антизападно насочена , веста дека опасниот крадец се шета слободно низ главниот град на Србија, веднаш има предизвикано одбојна реакција и неверување, што ја има развлечено истрагата, се додека не се разбра кој, навистина се крие, зад презимето Линдли. Тогаш стана јасно дека српската банда е таа која една деценија има оперирано низ Европа, но и на Балканот- преселувајќи се во Белград, откако во 2017 година, белградскиот „Перуанец“ изгубил се што имал во Британија.
Од 2018 година, па се до апсењето минатата недела, бандата продолжила да оперира, при што има извршено серија грабежи на разни локации , меѓу кои е и кражбата во семејството на Тамара Еклстон, во 2019 година.
Лампард ограбен на спиење
Според лондонските весници, операцијата во куќата која се наоѓа во скапиот и отмен дел на Лондон- Кенсингтон- траела цели 50 минути. Краддците мирно работеле одземајќи на крајот скап накит и пари, додека таа со семејството се наоѓала на одмор.
Во куќата на Лампард, меѓутоа, грабежот се одвивал додека тој и неговата сопруга спиеле на горниот кат. И овој грабеж е извршен во кварт кој инаку важи за мирен и безбеден , каков што е Челси, во југозападниот дел на британскиот главен град.
Од Италија сега се јавува дека токму оваа банда ја има ограбено , во 2009 година, куќата на фудбалерот Патрик Виера кој сега е тренер во Англија, додека за еден од членовите на бандата сега се открива дека веќе е осуден во Швајцаријам за извршени провални кражби, со одземање разни предмети во вредност од над 250 илјади швајцарски франци.
Кражби и перење пари
Богатите грабежи, правени по истиот терк и во Белград, Загреб и Сараево, на членовите на бандата им овозможувале да живеат богато- купувајќи имот на територијата на Србија, купувајќи и возејќи скапи автомобили и трошејќи на лагодниот живот.
Српските власти, но и полициите низ Европа кои трагале по нив,сега ги обвинуваат за грабежи- главно накит, пари и скапи предмети што ги земале од куќите во кои провалувале- но и за перење пари.
Истрагата покажува дека сите пари добиени од криминалот, овие криминалци ги вложувале купувајќи недвижен имот. На тој начин сакале да се обезбедат за во иднина, но така ги „переле“ валканите, криминални пари на кои така им се губела трагата за потеклото.
(С.Г.)