Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Србија : Историска победа, или историски грабеж

Србија : Историска победа, или историски грабеж

Само еден ден по последните предвремени парламентарни избори во Србија, што се одржаа  неполни две години по претходните, земјата влезе во уште поголема политичка криза, не чекајќи ги конечните резултати од гласањето.

Секоја вечер, белграѓани се на улиците , собрани пред зградата на Републичката изборна комисија (РИК) нездоволни што комисијата ги има соопштено резултатите од изборите, онака како што претходно ги објави претседателот на државата, иако тој неколку месеци наназад (формално) не е лидер на владеачката партија СНС.

Излегува дека партијата која е на власт уште од 2012 година и сега победи- како што изгледа уверливо- на државно и локално ниво, како  и во Белград. Опозицијата, пак,  не ги признава резултатите, а посебно оние во главниот град, обвинувајќи дека изборите не биле фер и демократски и дека власта им ги има „украдено гласовите“ на граѓаните.

Протести и штрајк со глад

Сега се бара независно пребројување на гласовите, потоа проверка на тоа како течело гласањето, поради бројните забелешки  на домашните и странските посматрачи  и поништување на изборите во Белград, каде се тврди дека се случил и најголем изборен грабеж.

На локално ниво разликата меѓу  двата водечки партиски блока  изнесува  само пет отсто, па затоа и се тврди  дека таму е направена изборна измама, што натера двајца од лидерите на опозицијата да најават и започнат штрајк со глад , пред зградата на РИК- се додека не се исполнат нивните барања.

Според прелиминарните резултати, партијата Српска напредна странка (СНС) која се врзува за претседателот  Александар Вучиќ има освоено 46 отсто од гласовите во Србија, што е повеќе од досега, па затоа се означува како „историска победа“ .

Коалцијата (СПН)- Србија против насилството ( создадена  по масовните злосторства во едно училиште во Белград и  во Обреновац, кога во два дена беа брутално убиени 20 лица  (15 од нив деца), стана водечка опозициска партија, која има добиено 24 отсто.

Тежок пораз на Ивица Дачиќ

Политичките аналитичари го сметаат овој резултата за најдоброто постигнување на една опозициска партија со години наназад, но  водството на оваа партија смета дека се покрадени во Белград, каде тврдат дека тие ги поразиле „напредњаците  на Вучиќ“.

Тие уште обвинуваат дека станува збор за „историски грабеж“ на волјата на српските и белградските гласачи.

Таквата атмосфера во домашната политика и предизвика ситуација во која земјата се најде  меѓу една „историска победа и  еден историски грабеж“, заканувајќи се да предизвика посериозни политички потреси, па дури и да доведе  до хаос, како што проценуваат најскептичните домашни аналитичари.

Во сенката на овој постизборен дуел , остануваат поразувачките резултати на мноштвото партии кои се јавија на изборите , во еден дијапазон од ултра- левичарски- екологисти, до националистички, крајно десничарски и силно русофилски партии,  кои не се во Парламентот, иако некои од нив влегоа на изборите  пред 18 месеци..

Сепак , како изненадување се издвојува тешкиот пораз на Ивица Дачиќ и неговата Социјалистичка партија – остаток од режимот на Слободан Милошевиќ- која освои 6,5 отсто од гласовите. Во кампањата тој самоуверено настапуваше од позицијата  дека се кандидира за иден премиер, а сега најавува дека ќе поднесе оставка.

Уште една победа на СНС

За ( неочекуван) триумф, меѓутоа,  се означува влегувањето во парламентарниот состав  на малата и маргинална партија на контроверзниот лекар Бранимир Несторовиќ кој преку својот подкаст и настапите на телевизизиите под контролата на власта,  стана позната јавна личност , иако беше и остана антиваксер во време на корона пандемијата, исмевајќи го вирусот, но и зборувајќи за теории на заговори и за луѓе- марсовци.

Како и да е , впечаток е дека на државно ниво СНС , успеа одново – во условите во кои живее Србија, каде со години на ред работите се одвиваат  според диктатот на оваа партија и на нејзиниот лидер –  да собере повеќе гласови од опозицијата.

Особено што таа  и натаму продолжува да биде разединета, како поради суетите на политичките лидери, така и не успевајќи да се усогласат околу главните прашања- Косово и затворањето на косовското прашање, ЕУ и тоа дали Србија навистина сака во Европа и односот кон Русија.

Во такви услови , реакцијата на странските посматрачи, делува како  неединствена, верувајќи дека сега и повеќе од порано е јасно оти само со цврстата рака на А.Вучиќ ќе може да се разрешат овие дилеми на српската политичка сцена. Посебно кога станува збор за нормализацијата на односите на Белград и Приштина.

Гласачи донесени од Република Српска

ЕУ и САД, сепак, бараат од властите брзо да  реагираат на бројните забелешки за изборите од страна на опозицијата и од посматрачите, а од Европа се нудат за посредници во сега веќе отворениот спор на власта и на опзицијата.

Германското МНР отиде чекор понатаму, па Берлин има критики за злоупотребата на јавните ресурси за потребите на СНС, за примери на заплашување на гласачи, за купување на гласачи, што спред германското министерство е неприфатливо од земја , кандидат за ЕУ.

Посматрачите на австриските социјалисти, пак, сметаат дека е  „несватливо и шокантно да се носат гласачи од надвор, од други земји , за да гласаат за белградските локални избори“.

За разлика од овие и вакви реакции, шефот на посматрачката мисија на Европскиот Парламент, Владимир Билчик предизвика гневна реакција на опозицијата, со изјавата дадена за прорежимски таблоид дека „ изборите, главно, поминале без поголеми нерегуларности“. Веднаш беше обвинет за тоа дека е „ во служба на претседателот Вучиќ“.

„Неуставно однесување на претседателот“

Но, далеку поостро му одговори шефот на делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Штефан Шенах  кој во својата изјава за изборите има речено дека – „Вистината  е сосема поинаква. Станува збор за шокирачки нефер избори, на кои се манипулираше  со гласовите“.

Шенах тврди дека при броењето на гласовите забележал гласачки ливчиња направени на копир апарат. За него, исто така,  е недозволиво над 40 илјади државјани на БиХ ( од српската енклава Република Српска) да гласаат во Белград , за локалните избори, а  шефот на државата да го означи тоа како легално, иако не е .

Конечно,  овој посматарч, смета дека е „неуставно претседателот на Србија да ја води кампањата за партијата СНС“. Во услови на вистинска демократија, тој треба да седи настрана, затоа што по Уставот ги штити интересите на сите граѓани на земјата.

Како куриозитет, но и како показател за изборното расположение во Белград, се посочува податокот дека во изборната единица ( во Нов Белград) каде гласал и претседателот, неговата СНС  е уверливо поразена од партијата Србија против насилството (СПН).

(Д.Б.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе