Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Србија ги призна табличките на Косово

Србија ги призна табличките на Косово

Владата на Република Србија одлучи да ги признава и да ги прифаќа регистарските таблички на Косово, со што од 1 јануари, се овозможува слободно движење на сите возила од косовската територија кои имаат ознака РКС ( Република Косово) слободно и без ограничување да се движат на целата територија на Србија.

Станува збор за нешто што во еден подолг период беше причина за ескалација на тензиите меѓу Белград и Приштина и за создавање безбедносна криза во која српската страна се закануваше и со воена сила.

Сето тоа, сега,  се разреши тивко, без нови  расправии, патриотски говори и закани , во време на длабока политичка криза во Србија, по вонредните избори од 17 декември, кои опозицијата не ги признава, обвинувајќи ја власта за фалсификување на волјата на граѓаните.

Прифаќање на реалната состојба

ЕУ и Брисел ја поздравија одлуката на официјален Белград и притоа порачаа дека сега се очекува нешто слично да направи и Приштина и владата на косовскиот премиер Албин Курти- претпоставка е дека тоа е создавање на Заедницата на српските општини (ЗСО), односно за општините на територијата на Косово во кои етничките Срби се во мнозинство.

Белградските проевропски медиуми, кои инаку, се насочени кон сегашната криза која се заканува да ескалира, доколку не се задоволат барањата за прегласување, посебно кога станува збор за Белград и тамошната локална власт, ги прозиваат политичарите од власта.

Коментирајќи ја одлуката на владата на Србија,   медиумите пишуваат дека овие политичари се однесуваат како  да заборавиле што  до скоро зборуваа за случајот со табличките.

Директорот на Канцеларијата за Косово (и Метохија) , како што официјален Белград ја нарекува поранешната покраина, Петар Петковиќ ја соопшти владината одлука , оправдувајќи го тоа со констатцијата дека – „не е тајна оти 99 отсто од Србите кои живеат таму ги користат табличките РКС, затоа што тоа е единствениот начин луѓето да опстанат и да се движат- да патуваат“.

„Кој ги палеше возилата на косовските Срби“

Според белградските проевропски медиуми, доколку се прифати ваквото објаснување на „министерот за КИМ“ во српската влада, тогаш останува отворено прашањето – кој и зошто им ги палеше возилата на косовските Срби кои старите регисарски таблички, со српски ознаки, доброволно ги заменуваа за новите косовски со ознаката РКС, прифаќајќи ја одлуката на владата во Приштина.

Сите српски националистички и антиевропски партии во Белград ја осудуваат одлуката на владата, означувајќи  го тоа како- предавство и откажување  од Косово, обвинувајќи ги  владеачката партија СНС, на претседателот на државата Александар Вучиќ и на социјалистите кои се редовна коалција со „напредњаците“ . Медиумите при тоа потсетуваат на тврдата и остра реторика на српскиот претседател дека „нема да има откажување од Косово (КИМ), ниту ќе помине барањето за (на Приштина) за замена на табличките.

Во своето обраќање до српската јавност,  на 27 октомври 2022 година, претседателот има речено дека  -„Србија никогаш нема да се предаде ( за Косово), ниту дека ќе попушти пред Албин Курти“ ( кој, патем, избразно  го покрена прашањето за регистарските таблички, како еден анахронизам останат од минатото, во време кога земјата веќе 15 години е независна). Притоа, Вучиќ порачал дека зад барањето на Приштина се криел планот – „КИМ  да се избришел и веќе да не постои.

„Вината“на претходната власт

Петковиќ сега зборува сосема поинаку и притоа настојува „ вината“ и „одговорноста“ за тоа што владата во Белград сега морала да ја прифаќа реалноста, ја префрла на власта во тоа време. Според него, уште во 2011 година, во времето пред СНС да ја преземе власта, во преговорите за и околу Косово, била прифатена клаузулата  за – слободно движење.

Што ќе рече, по стариот добар балкански обичај- вината е на  претходната власт и на една ( во основа) декларативна изјава за слобода на движењето, што после 12 години  стана толку битна за СНС и за власта, како оправдување пред домашната јавност во Србија, за она што до скоро беше означувано како „предавство“.

Некои медиуми во Белград пренесуваат  реакции на косовските Срби кои  цинично забалежуваат дека табличките со ознаката КМ (Косовска Митровица) ќе останат да живеат, но само на графитите по ѕидовите.

(Д.Б.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе