Атал- Французин со православна мајка и татко Евреин
Премиерот во Франција ја нема моќта и значењето што го имаат претседателите на владите во најголемиот број земји во светот. Во француската политичка пракса, премиеррот е повеќе како „техничко лице“ во системот на власта во државата, отколку политичко, иако станува збор за втората по важност позиција во француската политика. Тоа е така, затоа што претседателот на државата ја води владата и управува со земјата, во домашната и во надворешната политика.
Премиерите не се ниту избираат, туку нив ги назначува шефот на државата, останувајќи ги длабоко во сенка на претседателот.
Но последната смена на оваа функција, означена како дел од владината реконструкција, што ја направи Емануел Макрон, предизвика големо внимание во француската и во европската јавност. Пред се, поради одлуката таа функција да му ја додели на еден мошне млад – 34 годишен политичар.
Спектакуларно напредување
Станува збор за Габриел Атал , за кого велат дека на овој начин има направено спектакуларен скок во политиката и во напредувањето во кариерата , за само десет години.
Од почетник во администациата на министерството за здравство, до премиер на Франција. Без разлика што познавачите на приликите во фрнцуската политика велат дека кога е тој во прашање- со неговиот привилегуван бекграунд – целиот овој скок изгледа како лесна и нормална работа.
Атал е сега најмладиот француски премиер во модерната историја на земјата. Помлад на оваа функција е дури и од досега најмладиот- социјалистот Лоран Фабијус кој на 37 годишна возраст, во 1984 година, беше именуван за премиер од тогашниот претседател Франсоа Митеран. Атал е и првиот отворено деклариран геј во француската влада.
За него се вели дека уште од почетокот на првиот мандат на Макрон, се наоѓа во близината на претседателот- заедно со група млади и образувани луѓе, донесени за да го советуваат и да го подржуваат новиот, исто така, млад и недоволно искусен избран претседател.
На почеток- „запален левичар“
Израснат е во Париз, во семејство во кое таткото – Ив Атал, правник и филмски продуцант, е со туниско-еврејско потекло, а мајката Мари де Куртис, потекнува од православно семејство од Одеса, па сето тоа го прави квалификуван за да ги разбира национално- верските разлики кои стануваат се поизразити во француското општество.
Во една прилика, во интервју за весникот „Либерасион“, на таа тема , го има цитирано својот татко кој му рекол дека- „можеби е православец, но дека ќе се чувствува како Евреин, целиот живот, затоа што ќе се соочува со антисемитизмот“.
Атал, во секој случај, има добиено високо образование, типично за децата на родители од високото општество во политиката и во уметноста, како дипломец на угледниот француски Институт за политички науки.
Во политиката, сепак, влегува како „запален “ левичар, демонстрирајќи проти Жан Мари ле Пен, кога овој ултрадесничар и расист , во 2002 година, влезе во вториот круг на претседателските избори во Франција, против Жак Ширак.
Најмлад член на владата
На социјалистите им се приклучува во 2006 година, па во 2007 година силно ја подржува Сеголен Ројал, поранешна партнерка на еск претседателот Франсоа Оланд, која беше кандидат на оваа партија за претседател на Франција.
Таа не успеа, откако не ја доби подршката на партиското раководство кое се определи за нејзиниот животен партнер Оланд, што предизвика тие двајцата да се разделат и приватно и партиски. На изборите победи Оланд, а Сеголен која беше мошне популарна во јавноста, одби да соработува со новоизбаниот претседател.
Во 2012 година, Атал е прв пат на работа во владата, во министертсвото за здравство. На работа го има примено тогашната министерка Марисол Турен, на препорака и (велат) наговор од нејзиниот син- инаку другар на Атал од училишните денови. Сепак, таа е првата која има речено дека новопримениот е – „момче кое многу ветува“.
Така или не, во 2016 година Атал ги напушта француските социјалисти за да му се приклучи на движењето, подоцна партија, на Макрон која идеолошки беше и сега е поставена во политичкиот центар.
Од тогаш медиумите во Париз пишуваат дека следи неговото постојани напредување, па на само 29 години е именуван за државен секретар во минитерството за образование и станува најмладиот член на една француска влада. Од јуни 2023 година е пратеник во Парламентот.
Наследник на Макрон ?
Она за што сега се дебатира во француската јавност е дали Макрон кој сега го одработува својот втор мандат, го подготвува Габриел Атал за свој наследник- на партијата и во Елисејската Палата.
Велат дека по сите параметри тој би можел тоа и да биде, иако е се уште рано за претседателските избори.
Прво што сега треба да одработи е да не доживее пораз од крајната десница на Марин ле Пен за евроизборите- прибирајќи ги кон центарот политичарите кои досега беа без политички функции. Целта се оние од десниот блок на левицата и од левото крило на умерената десница.
Затоа, аналитичари во Париз велат дека одлуката на Макрон да го постави, токму Атал за премиер е „мошне паметна“. Тој е „дета на левицата“, кое подоцна полека се приклонува кон центарот и кон неговото десно крило, што значи дека би можел да се појави како обединител на едните и другите.
Веќе го има направено и првиот потег на тој план- за министерка за култура ја има поставено Рашида Дати, министерка во десно-центристичката влада на Никола Саркози и функционер на републиканската партија.
(П.Ф.)