Саудиска Арабијa: Условено признавање на Израел
Шефот на дипломатијата на Саудиска Арабија Фејсал бин Фархан , на годишниот Економски форум во Давос, навести дека неговата земја би можела да го признае Израел- доколку се разреши палестинското прашање.
Ова е прв пат вака висок функционер на Ријад јавно да зборува за една ваква можност. Според него, услов за тоа би бил прекинот на огнот- на сите страни- вклучени во сегашниот судир, а тоа значи и на Израел и на Хамас.
„Сеопфатен регионален мир“
„Ние (С.Арабија) се согласуваме дека регионалниот мир на Блискиот Исток, го вклучува и Израел. Но тоа може да се случи само доколку има мир со Палестинците“- рекол саудискиот министер. Во таа прилика, Бин Фархан рекол дека Ријад би го признал Израел, како дел од еден широк договор за Палестина.
Во 2020 година, четири арапски земји- Обединетите Аеапски Емирати (ОАЕ), Бахреин, Мароко и Судан го признаа Израел , како дел од една широка спогодба, позната како договорот Аврам, така што беа тргнати настрана долгогодишните арапски барања за создавање палестинска држава.
За тоа не зборувал во Давос ниту министерот на Саудиска Арабија, барајќи само еден сеопфатен и гарантиран, траен мир со Палестнците.
Од 2020 година, официјален Вашингтон ја потикнува Саудиска Арабија, која стана главниот играч на Блискиот Исток, но и во целиот арапски свет, преземајќи ја таа позиција од Египет, да го следи примерот на овие арапски земји.
Приближување на Ријад и Тел Авив
Во тие рамки, израелските и некои арапски медиуми тврдеа дека имало директно израелско-саудиски контакти и дури дека Бенјамин Нетанијаху се има сретнато со саудискиот принц- престолонаследник кој (практично) управува со земјата во името на неговиот татко кој е тргнат настрана.
Политички и безбедносни експерти велат дека приближувањето на Ријад кон Тел Авив се засновува врз потребата на Саудиска Арабија уште повеќе безбедносно да се осигури, за што и е потребен Израел, во саудиското соперништво со режимот во Техеран – религиозно, но и политичко и воено во поширокиот блискоисточен регион.
Со години на ред, а посебно по победата на Исламската револуција во Иран, во Саудиска Арабија внимателно и загрижено се следи ширењето на иранската религиозна и воено политичка моќ. Преку навлегувањето во Либан, со помош на Хезболах, делумно во Сирија, а посебно во северните делови од Јемен.
Таму, повеќе години трае граѓанска војна во која јеменските Хути настојуваат да ја преземат контролата врз сунитскиот, јужен Јемен и власта во Аден.
Хутите во служба на Техеран
Од почетокот на судирот, Техеран е на страната на побунетите Хути- хранејќи ја тамошната војна со пари и оружје, додека С.Арабија, заедно со Египет и уште три други арапски, сунитски земји, го памагаат режимот во Аден.
И сега, во војната на Хамас против Израел, јеменските Хути се во функција на Иран и на неговата регионална политика, претворајќи се во втор Хезболах- како орудие кое како да војува со Израел , наводно, заштитувајќи ги Палестинците, но во основа дејствувајќи како иранско орудие против арапските, сунитски земји. Саудиска Арабија е првата на удар.
Кога на 7 октомври терористите на Хамас го нападнаа, без никаков директен повод јужен Израел, убивајќи, масакрирајќи и грабнувајќи како заложници цивили – набргу по жестокиот воен одговор на Израел кој се уште трае, властите во Ријад објавија дека- во сегашните услови се запираат разговорите за воспоставување односи со Израел.
Има проценка дека и терористичкиот напад на палестински Хамас бил планиран и бил изведен- не толку од грижа за палестинската положба, колку за да му се помогне на Техеран, да се натера Ријад да не прави договор со Тел Авив, односно да се попречи нормализација на односите меѓу двата некогаш „смртни непријатели“
Измена на саудиската позиција
Изјавата на министерот Фархан во Давос, затоа, се сметаше и како саудиска реакција на иранската агресивност.
Но, работите наеднаш се изменија откако израелскиот премиер Нетанијаху одби прекин на огнот со Хамас, неприфаќајки создавање палестинска држава. Тој уште и најави дека појасот Гзаа, по елиминацијата на Хамас, ќе биде под безбедносна контрола на Израел- за да не се случи обнова на Хамас и запоседнување на појасот од палестинските милитанти.
Таквата тврда израелска позиција , веднаш предизвика контра реакција на Ријад. Кога се мислеше дека Саудијците се подготвени да го стават настрана барањето за палестинска држава, министерот Фархан сега се врати на некогашната саудиска позиција- барајќи како услов за признавање на Израел, создавање на држава за Палестинците.
Во тоа сега Ријад не е сам, не само во арапскиот свет, туку и во Европа и во САД.
За палестинска држава се зборува и во ЕУ, каде шефовите на европските дипломатии, во понеделникот, се согласија дека само тоа може да обезбеди траен мир и стабилност во регионот. Секако, давајќи му го на Израел правото да се брани и да ја одбрани државата од секој евентуален напад.
(С.Г.)