Пропагандистот Такер во Кремљ
Такер Карлсон, поранешен новинар и водител на американската десничарска и конзервативна телевизија Фокс кој сега е само пропагандист- како што го нарекуваат колегите во САД и во Европа- беше примен во Кремљ, за да направи интервју со Владимир Путин.
Станува збор за двочасовен разговор со рускиот лидер кој веќе две години води своја војна против Украина, ја парчосува нејзината територија и анектира делови од една независна држава, членка на ОН, прогласувајќи ги за „руска земја“. За тоа е изолиран од демократскиот свет на меѓународната заедница и прогонуван од Меѓународниот кривичен суд (ИЦЦ).
Карлсон, инаку истеран од работа, по наредба на сопственикот на ТВ Фокс Руперт Мардок, со интервјуто, му овозможи на Путин, одново, да ја повторува својата приказна за војната, за САД и за Западот, на еден месец пред изборите во Русија, како и да ги продава за вистина , приказните за инвазијата . За мотивите да се покрене војна во Европа и за „вината“ на Украинците што не сакаат да признаат дека- тие се виновниците.
Лажни и измислени приказни
Според она што го има во интервјуто, излегува како, безмалку, Украинците самите да извршиле инвазија врз сопствената територија, па морало да дојдат Русите, со својата армија, за да спречат војна. Убивајќи цивили и разурнувајќи се што ке им се најде на дофат, за да ги убедат дека треба да се предадат и да капитулираат.
Во вакви услови, разговорот во царските одаи во Кремљ станува преполн со познатите уверувања на домаќинот- дека само неговата вистина е вистинската. Но. и со истото такво однесување на гостинот, кој и како новинар, а и сега е сакаран со вистината. Тој и онака од ТВ Фокс беше набркан за лажни тврдења и за подметнувања во „анализите“ и измислените теории на заговор, во кои не веруваа ниту про-републикански наклонетите гледачи.
Уште пред да стигне во Москва, тој има зборувано дека администрацијата на САД го попречувала да оди кај Путин , што се покажна како неточно, а потоа објави дека американските власти го предупредувале дека интервјуто нема да се објави.
На крајот се обиде да се пофали дека патува во Москва – како единствен новинар од САД и Западот- кој побарал интервју за да ја слушне и другата страна на војната. Критикувајќи го останатиот новинарски свет, дека намерно, го одбегнувал рускиот претседател.
Повторување на веќе реченото
Мораше да интервенира и портпаролот на Кремљ- Дмитри Песков- за да објасни дека тоа што го зборува Такер- не е точно. Песков признал дека од почетокот на војната имало повеќе барања за интервју со Путин ( и од Америка), но дека Кремљ сите ги одбил.
Затоа што станувало збор за – „редакции кои веќе покажале дека се необјективни“ кон Руусија и војната, а дека Карлсон бил оценет за „непристрасен“. Или што е поточно-затоа што тој нема да прашува тоа што на Москва не и се допаѓа, а ќе прифати да не го прекинува новиот „руски цар“ додека 40 минути зборува за – руската историја.
Како и да е, Такер Карлсон ги виде Москва и Кремљ, а интерјуто е направено, како што било и договорено и веќе се појави на интернет. Од него се гледа дека Путин не само што не зборува како државник кој вистински сака мир, туку продолжува да зборува како што тој и другите околу него две години зборуваат.
Манипулирајќи со неточни верзии за блиското политичко минато во Европа, за односите со САД и со Западот, но и за замешателството на Русија на Западен Балкан, посебно во Србија, во годините по распадот на екс Југославија.
„ Москва воведе санкции за Србија“
Реакциите на Белград ( на оној дел кој не е зафатен со русофилството) е груба кон Путин и за она што му рекол на Такер..
Го обвинуваат дека „лаже кога зборува за руската подршка на Србија во деведесетите години“ инсистирајќи дека подршка – еднставно- немало. Аалитичари од тоа време и сега го потсетуваат дека Москва тогаш целосно застана зад Западот и воведе санкции за тогашна СР Југославија на Слободан Милошевиќ. Згора на тоа, Русија ја вооружуваше Хрватска, а на Фрањо Туѓман ( во 1996 година) му има доделено и орден.
Путин , пак, го уверувал Такер дека Русија била силно на страната на Србија и српскиот народ- како братски, словенски и православен- не зборувајќи ништо за обилната воена помош со секакво оружје и опрема за хрватската страна. Сведоци во Белград, меѓутоа, за независната Н телевизија докажуваат дека во 1992 година, Борис Елцин има воведено забрана за увоз и за извоз за СР Југославија ( Србија).
Русија имаше право на вето, во Советот за безбедност на ОН, но не го има употребено и гласаше за резолуцијата – за санкции кон српската страна.
„Наместо да му помага- на братски народ- како што се фали Путин, официјална Москва го казнуваше истиот тој народ, а во исто време ја полнеше Хрватска со оружје- од ракетниот систем С-300, преку авиони и борбени хеликоптери , до софистицирана воена опрема“- велат во Белград.
Горбачов контра Путин
Слична е реакцијата ( во Европа) и за тврдењето дека „НАТО го има прекршено ветувањето ( дадено на Москва) дека нема се проширува кон Истокот “. Тоа се оценува како неточно, а критичарите се повикуваат на една изјава на Михаил Горбачов кој на времето има речено дека со САД и со Западот не било разговарано за НАТО, туку само за обединувањето на поделена Германија- на мирен начин и за тоа како таа ќе изгледа во иднина.
Путин е целосно неискрен и кога зборува за „мир во Украина“ и за тоа дека е спремен да преговара ( со Володмир Зеленски)- но, под одредени услови. Тие услови се онака како што ќе ги диктираат тој и Москва.
Затоа што, доколку навистина сака мир не би му зборувал на Такер дека „оперцијата“ , како што цинично се нарекува војната- се уште не ги постигнала своите цели. Се уште Украинците не биле ослободени од „нацистите“.
А, Карлсон, беше истеран од ТВ Фокс , иако до тогаш таму важеше за ѕвезда, затоа што со своите измислици дека „изборите во САД, во 2020 година“ биле наместени – за да победел Џо Бајден- ги обвини машините за броење на изборните гласови. Компанијата- производител го тужеше Фокс , барајќи отштета од 1,2 милијарди долари.
Мардок, како газда на телевизијата, се испазари за исплата на 850 милиони -отштета, но му ја покажа вратата на Такер.
(С.Г.)