Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Руски шпиони откриени во Бугарија

Руски шпиони откриени во Бугарија

Двајца Руси- еден маж и една жена-  со лажен идентитет како да се бугарски државјани- се откриени од бугарските власти. За нив сега се знае дека обајцата со години работеле за руската тајна служба.

Во Бугарија се претставувале како да се Денис и Дијана Рашкови, а всушност  станувало збор за Владимир и за Татјана Горочкин, обајцата во своите  доцни триесети години од животот. И мажот и жената биле ангажирани  за да бидат дел од широката руска разузнавачка мрежа.

Биле ангажирани од надворешната руска тајна служба (СИВ),  откако им бил обезбеден лажен бугарски идентитет, по што од бугарските власти успеале да добијат и  бугарски лични карти и други документи  кои ги имаат државјаните на Бугарија.

Лажен  бугарски идентитет

Сега е познато дека нивната основна задача била да креираат лажен идентитет, за други шпиони кои како бугарски државјани , потоа, би можеле да патуваат низ Европа и да влегуваат и да се вработуваат како граѓани на земја членка на ЕУ. За нив се вели дека биле оспособени и за креирање на лажни биолошки податоци- за себе, за да се потврди нивното (наводно) бугарско потекло, но и за други корисници.

Целата оваа операција била смислена за да преку Бугарија во европските земји се протураат  руски шпиони.

Веднаш по откривањето, двојката Горочкин  има добиено забрана  за влегување во било која од земјите-членки на ЕУ, но софиските медиуми пишуваат дека тие во меѓувреме ја имаат напуштено Бугарија и не се знае каде сега се наоѓаат. Оставајќи ја отворена дилемата,  која постои во тамошната јавност – како успеле да заминат и зашто претходно никој не го спречил нивното бегство.

Медиумите, затоа, прашуваат  дали можеби имале помагачи од другите оперативци на руската тајна мрежа, или пак можеби во тоа биле вклучени и домашни помагачи, од се уште силната русофилска база во бугарската јавност. Има прашања и за тоа како успеале  лесно и брзо-  лажните Денис и Дијана – да ги стекнат сите потребни бугарски документи.

Софија се чисти од руски шпиони

Бугарија која ги подржа европските и западните санкции против Русија, со години на ред беше најлојален сојузник на Москва , во времето н комунизмот. Но, првата вистински проевропска и прозападна влада во Софија- на Кирил Петков-  навести нова политика на Бугарија  на Балканот ( и кон Македонија), во што беше вклучено и осудата на руската агресија врз Украина , помагајќи ја борбата на Украинците со оружје и со муниција.

Владата почна и со извлекување на земјата од цврстата руска прегратка, но и со расчистување со моќната разузнавачка мрежа, па во еден момент беа протерани дури 70 руски разузнавачки оперативци, затскриени зад дипломатските пасоши кои ги поседуваа. Тоа предизвика гнев на Москва , а уследи и закана од руската амбасадорка во Софија дека ќе ја затвори мисијата на Русија.

До тоа не дојде, затоа што руската страна знае дека се уште има сили на кои Кремљ може да смета. Пред се, во социјалистичката партија ( поранешни комунисти), во претседателот на државата и во десничарската, националистичка партија Взраждане.

Шпионска „шесторка“ во Лондон

Сепак, Москва  брзо возврати, па со помош на домашните  русофилски сили и оние кои седат на две столчиња, предизвикаа владина криза и го соборија Петков.

После пет вонредни избори, на крајот се направи меѓупартиски компромис-од партиите на Петков, на Борисов и на партијата на бугарските Турци- за да се создаде апсолутно мнозинство во Парламентот со  кое земјата ќе може да продолжи на европскиот пат, како лојален западен партнер.

Сето ова во Софија- со откривањето на шпионската двојка- доаѓа во време кога во Лондон, британското контра-разузнавање откри  една шпионска група  составена од бугарски иселеници  кои , всушност, биле дел од руска разузнавачка мрежа која успеала да се инфилтрира во лондонското и во британското  општество. Сите прикажувајќи се како  лојални Британци – а  тајно работејќи против интересите на Велика Британија.

Првично беа откриени и уапсени петмина, а од минатата недела, кога беше уапсен лидерот на групата, се оформи „бугарската шпионска шесторка“ која била ставена во служба на путинова Русија.

(С.Б.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе