Словачка- Премиерот ќе ја расформира државната ТВ
Илјадници демонстранти во Братислава и во Кошице се собраа на протести против најавениот проект на словачкиот левичарски популист и националистички премиер Роберт Фицо, за „реформирање“ на јавниот сервис- Радио и телевизија Словачка (РТВС), обвинувајќи го дека на тој начин сака да ја „загрози слободата на медиумите“.
Премиерот се обвинува дека сака државната телевизија да ја стави под директна контрола на владата.
Според публикуваниот проект, Фицо сака, прво, да ја распушти и да ја расформира сегашната РТВС , за да потоа формира сосема нова бродкастерска, медиумска куќа за која владата, веќе има одбрано и ново име- СТаР (Словачка телевизија и радио).
РТВ под владина контрола
Со проектот се предвидува и формирање на посебно тело за РТВ , што би го именувала и би го поставувала владата во Братислава.
Ова тело би одлучило и за новиот генерален директор, иако сегашниот кој е избран од Парламентот, има мандат до 2027 година и досега никој (јавно) се нема пожалено на неговата работа и на функциирањето на јавниот сервис.
Новото тело, во иднина, ќе биде единствено овластено да го менува директорот и да поставува нов човек, без притоа да има обврска да објасни зашто тоа се прави.
Демонстрантите, како и противниците на контроверзниот проект, за растурање на сегашната државна РТВ, тврдат дека новиот човек треба да биде само послушник кој доследно и без поговор ќе ја спроведува политиката на коалиционата влада на Фицо и ќе ги подржува неговите , често контроверзни одлуки.
Вработните се против планот
Сето тоа е налик на ситуациите во земјите каде (практично) има деспотска власт- како во орбанова Унгарија.
Затоа, најголем број од над илјада вработени во РТВС веќе имаат потпишано петиција против владиниот проект, инсистирајќи дека нема никаква потреба, а ниту смисла да се расформира сегашниот јавен сервис.
Со реакција се огласи и Европската бродкастерска унија (ЕБУ), предупредувајќи ја владата дека евентуалното усвојување на проектот ќе претставува закана за слободата на медиумите во Словачка.
Роберт Фицо се врати на власт во минатата 2023 година, заканувајќи се тогаш со покренување на евроскептицизам во земјата. Меѓутоа, локални политички експерти проценуваат дека таквата политика сега не му одговара. Пред се, затоа што ЕУ и Брисел му се мошне потребни за санирање на словачката економија која се уште не може да се опорави од кризата предизвикана од корона пандемијата.
Фицо поврзан со скандали
Но, сепак, тој успеа брзо да предизвика револт во јавноста кога најави менување на сегашниот правосуден систем, прикажувајќи го тоа како реформа. Противниците на оваа „реформа“ сметаат дека станува збор за план со кој се загрозуваат правото и правната држава.
Фицо се има неколку пати враќано на власт, како словачки премиер. Последен пат од премиерската функција беше соборен – присилен да даде оставка- по масовните протести во земјата, откако беше убиен еден млад словачки новинар, во неговиот стан, заедно со свршеницата која случајно била со него.
Убиството се претвори во голем скандал, не само затоа што тогашната власт одолговлекуваше со истрагата, за да на крајот не се разјасни кој го има нарачано убиствито, туку и затоа што новинарот- истражувач обвини неколкумина владини високи функционери за корупција.
Според убиениот новинар (тогашната) влада на Роберт Фицо беше „длабоко вовлечена во корупција“ која тврдеше дека власта ја има потикнувано.
(Б.С,)