„Најкорумпирана зделка на Трамп“
Информацијата дека зетот на Доналд Трамп, како што пред тоа беше и со зетот на Виктор Орбан, станува инвеститор во Белград- на мала врата, сокриено од јавноста и без никаков тендер- предизвика бурна реакција во српската, проевропска и продемократска опозиција.
Особено кога се разбра дека станува збор за локацијата на која сега се наоѓа тешко оштетената зграда на поранешниот Генерал-штаб на некогашна ЈНА, а потоа на војската на Србија, во бомбардирањето на НАТО во 1999 година, на која Американецот сака да изгради хотел со бизнис центар.
Српски “подарок“ за Кушнер
Острата реакција уследи затоа што локацијата од подамна е ставена под заштита на државата, како историски важна и затоа што има архитектонско значење.Таа требало да биде ревитализирана , со обнова на разурнатиот објект и за таа опција ( до пред неколку години) се има согласено и актуелната власт.
Гневот, меѓутоа, стана уште поголем откако се разбра дека зетот на Трамп -Џаред Кушнер- за разлика од оној на Орбан, целата локација во центарот на Белград, практично, ја добива , како подарок од државата- на закуп од 99 години, а посебно, кога угледниот американски весник „Њујорк Тајмс“ дилот на Трамповци со српската власт го означи како- „ досега најкорумпирана зделка на екс претседател на САД“.
Самиот Кушнер , кого остро го напаѓаат за правењето бизнис во појасот Газа, откако Палестинците ќе бидат „преселени во израелската пустина Негев, која претходно со булдожери ќе биде расчистена“- откри дека освен во Белград, е предвидено тој и неговата компанија да учествуваат и во два (поголеми) проекти во Албанија- на нејзиниот Јадрански и Јонски брег.
Гренел како посредник
Тоа би било не само промоција на инвестиционата компанија на зетот на Трамп, туку и нејзино прво учество во Европа- и тоа во две земји на Западен Балкан. Аналитичари велат дека не е јасно зашто е одбран овој дел од Европа на човек кој, инаку, живее богато на Флорида, но њујоршкиот весник пишува дека како посредник во зделките се јавува Ричард Гренел- уште еден политичар од администрацијата на поранешниот претседател.
Зетот Кушнер беше советник на Трамп за Блиски Исток- од каде се дофинансирала кушнеровата инвестициона компанија, а Гренел беше назначен за специјален трампов претставник за Балканот- практично за средување на односите меѓу Белград и Приштина.
Кушнер нешто не направи за обезбедување мир и стабилнност на Блискиот Исток, освен што се покажува дека инвестициските фондови на Катар, како и на Саудиска Арабија- кој е влезен со две милијардди долари-се вклучени во подршката на зетот на Трамп. С.Арабија, инаку, е единствената земја што ја посети Трамп во регионот како шеф на државата.
Политика за приватни интереси
Ништо не направи ниту Гренел кој изгледа наместо да работи на приближувањето на српско-косовските позиции, уреди одржување на еден самит на српскиот претседател и на косовскиот премиер, во Белата куќа, од кој ништо не остана.
Но, затоа и тој и Џаред кој има присуствувано на тој самит во Вашингтон, ги имаат поставено темелите на зделката која го разбранува Белград и откри дека онаа во Албанија се одвивала во длабока тајност- за островчето Сазан, некогшна подморничка база што ја има користено СССР и на малиот полуостров Звернек, што Џаред и Трамп би ги превеле ексклузивни одморалишта.
Во САД велат дека ова откритие на „Њујорк Тајмс“ , во секој случај, одново го покажува системот на владеење на Трамп, кој Америка ја водеше ( и ја третираше) како компанија во која надворешната политика е ставена во функција на неговиот приватен бизнис- сега вклучувајќи го во тоа и зетот Кушнер.
Сокриен меморандум за разбирање
Тој има изјавено дека договорите и со двете земји се уште не се парафирани до крај, но дека преговорите напредуваат, па за белградскиот дил неговата компанија „Афинити Партнерс“ веќе има изработено и идеен проект.
Од српската опозиција се разбира дека во меѓувреме, владата на Србија веќе има потпишано меморандум за разбирање „со една компанија од САД“- чиј идентитет беше сокриван од домашната јавност, се додека не се открија деталите кои ги дава весникот од Њујорк.
Според него, инвестицијата во Белград би требало да чини меѓу 500 милиони и една милијарда долари, а дека дилот, за кој весникот тврди дека практично е направен, Србија би требало да добие 22 отсто од профитот.
Локациите и во Белград и оние во Албанија сега се во државна сопственост, а тоа значи дека за нив е потребно, договорот со Кушнер да се направи со српската влада и со владата во Тирана, што и во двете земји остава простор за сомневање.
Пред се, за тоа дали се ќе биде изведено легално, особено, откако американскиот весник, белградската инвестиција веќе ја означи како „најголема корупција“.
Бизнисот префрлен на зетот
Трамп се заинтересирал за Балканот уште во 2013 година. Сето тоа застанало кога влезе во политиката, што не значи дека тогаш заборавил на правењето пари на балканскиот регион.
Се верува дека затоа во американската администрација ќе се најдат двајца „аматери“- Кушнер, како зет за ќерката на претседателот и Гренел од (велат) неуспешен дипломат во Берлин, за „миротворец“ за најтешкиот западнобалкански проблем- Косово.
По откривањето на зделките што во името на Трамп , кој одново има политички амбиции, се префрлени на неговиот зет- обајцата- и тој и Гренел тврдат дека -„ не знаеле оти Трамп бил заинтересиран за инвестирање во Србија и во Албанија“. Тврдење во кое никој не верува.
Но, сега зетот и Гренел заедно работат за успешно реализирање на вносната зделка. Дури се открива дека поранешниот посредник меѓу Србија и Косово, бил силен потикнувач за да се покрене бизнисот и за да се комплетира. И, дека за тоа се има залагано и додека бил на службената функција, поставен од претседателот на САД.
Приватното и јавната функција
Станува јасно, дека човекот кому Александар Вучиќ му има доделено и орден за посебни заслуги за Србија, двете години на функцијата- наместо за средување на односите со Косово, ги поминал терајќи бизнис за компаниите на Доналд Трамп, од кои и во Белград и во Тирана гледале свој интерес.
За „Њујорк Тајмс“ сето ова покажува дека дошло до тежок судир на приватниот интерес и јавната, државна функција – сето тоа изведено зад грбот на Американците.
Сега се отвара и ново поглавје, со вклучување на целото семејство- затоа што очигледно е дека ги префрла бизнисите на неговото најтесно семејство, за да тој се прикажува како „чист“ како политичар. Експерти, затоа, оценуваат дека Кушнер ќе мора целосно да ги запре сите бизнисите, во случајов оние на Балканот, доколку неговиот таст Трамп стане претседател , бидејќи ќе има „ силен судир на интереси“.
Поради крупните бизнис интереси во двете балкански земји , трамповата администрација може да се најде во ситуација- да навива и да им служи само на интересите на Србија и на Албанија во регионот.
(С.С.Г)