Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Руските војници се повлекоа од Нагорно Карабах

Руските војници се повлекоа од Нагорно Карабах

Руските војници  се повлекоа од Нагорно Карабах,  каде беа стационирани како мировни сили. Баку и Москва ја потврдија веста, но и двете страни не објаснуваат зашто Русите си заминаа и зашто  токму сега.

Нагорно Карабах, невралгична точка во регионот под Кавказ, каде на неколкупати се водени војни за оваа територија, доскоро (фактички) беше независен регион населен со Ерменци , на територијата на Азербејџан. Сега таму  нема Ерменци , откако избегаа кога азербејџанската војска  ја освои  целата територија.

Последниот ерменски егзодус

Руските мировни сили беа стационирани во регионот , по завршувањето на војната меѓу Ерменија и Азербејџан, во 2020 година.

По овој повод, во Баку беше дадено само една куса изјава на азербејџанското  МНР во кое се вели дека за повлакувањето на руската војска  се договориле двете земји. Воени аналитичари, меѓутоа, сметаат нема веќе ниту потреба за руското присуство во регионот.

Азербејџанците, во септември минатата година, со една молскавича акција , подражана од Турција која  силно ја има вооружено војската на оваа поранешна советска (муслиманска) република, лесно и брзо ги совладаа симболичните ерменски сили во регионот и (конечно) воспоставија контрола врз целата територија на Нагорно Карабах.

Локалните Ерменци побегнаа од регионот  во кој од секогаш живееле, префрлајќи се во соседна Ерменија. Во Ереван се тврди дека тоа беше последниот егзодус на ерменското население во кое над 100 илјади лица заминаа од Нагорно Карабах, оставајќи го целиот имот што го поседувале.

Кризно жариште под Кавказ

Веднаш по распадот на СССР во 1991 година, Нагорно Карабах стана поприште на криза и на меѓуетнички и меѓуверски судирања. Сето тоа како последица на советскиот модел на решавање на националното прашање, при што на територијата на Азербејџан е создадена посебна енклава во која над 90 отсто од населението беа етнички Ерменци.

До војната во 2020 година, регионот беше под целосна контрола на побунетите, локални Ерменци, кои не сакаа да останат , како малцинство, во државата Азербејџан во која 90 отсто од населението се муслимани, откако се распадна Советскиот Сојуз.

Сите тие години, соседна Ерменија политички, економски и воено го помагаше ерменското население во соседството, одржувајќи силни тензии меѓу двете држави кои порано беа „братски“ републики во СССР.

Ердоган поважен од Нагорно Карабах

Таквата ситуација се прекина во 2020 година кога (сега) економски осилениот Азербејџан (поради гасот и нафтата), со подршка од Турција, која го има опремени со современо оружје , вклучувајќи и дронови, се одлучи да раскрсти со „ сепаратизмот на Ерменците“ од Нагорно Карабах.

Во војната таа година силите на Баку воспоставија контрола врз повеќе од половината од регионот.

Русија која во Ерменија има своја воена база, по прекинот на војната испрати над две илјади мировници во Нагорно Карабах.

Тие  требаше да го надгледуваат примирјето и на некој начин да се грижат за безбедноста на преостанатите локални Ерменци.  Русите требаше да се грижат и за единствениот слободен пат  од регионот во Ерменија.

Но, властите во Баку, на крајот од 2022  го прекршија примирјето и го блокираа и тој пат. Руската војска не реагираше, правејќи се  како ништо да не се случило.

Москва ги предаде Ерменците

Тоа ги разгневи Ерменците во Еревена кои се почувствуваа дека се предадени од Москва која ја сметаа за свој сојузник. Особено што блокадата од страна на Азербејџанците ги остави луѓето во регионот без храна и лекови.

На Русија која веќе беше зафатена со војната во Украина, меѓутоа, повеќе и требаше Турција како сојузник, која нема да воведува блокади и санкции за Москва и за Русите, па ги оставија Ерменците без заштита.

Тогаш Азерите, (велат) по  договорот на Путин со Ердоган, добија зелено светло за „блиц- криг“ на војската на Азербејџан за да го освои целиот Нагорно Карабах, принудувајќи ги локалние Ерменци на капитулација.

Посредник во ерменската капитулација беа токму мировните руски сили.

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе