Поврзете се со нас

Skopje Global

Македонија

Наместо Европска – Орбанова Македонија

Наместо Европска – Орбанова Македонија

Епилогот од претседателските и парламентарните избори во Северна Македонија е познат. Досегашниот претседател не успеа да обезбеди уште еден мандат за себе и за својата опција, поразен од кандидатката на националистичката десница. На гласањето за новиот состав на Парламентот, пак, европската коалиција, предводена од социјал-демократите беше уверливо надгласана од антиевропскиот блок, предводен од вмровците.

Сега веќе бившиот претседател не ја доби подршката на гласачите за изградбата и уредувањето на една современа, европска, прозападна, развиена  и над се мултикултурна Македонија. Понесени од национализмот, од антиалбанството и антиевропеизмот- верувајќи повеќе во националистичката патетика, отколку во  македонската, балканската и европската реалност- гласачите се определија за 71 годишната професорка по право, во пензија.

Назад во минатото

Не е проблемот што станува збор за изборот на жена, бидејќи наивните може да мислат дека станува збор за (прва) победа над македонскиот мачоизам. Проблемот е што таа со својот избор заговара, застапува и брани- тврд десничарски, вмровски национализам. Брани и потикнува омраза и нетрпеливост во државата и  провоцира нова криза во добрососедските односи, кои изминатите седум години, некако, почнаа да наликуваат на европските.

Определбата таа да биде на претседателската функција, затоа, не значи само напуштање на македонскиот европски пат- за што очигледно гласаа мнозинството граѓани- туку и враќање на Македонија назад во минатото.

Во времето на деспотијата  и на  заробената држава,  на реваншизмот и одмаздувањето . Сето тоа обоено со некакво  русофилство и во секој случај уредено држсвата да се претвори во  Орбанова , наместо во Европска Македонија.

Националистичка реторика

Надворешни посматрачи на македонските  состојби  кои ги пренесуваат ваквите пораки, на новоизбраната претседателка кои се истоветни со оние на нејзината партија , забележуваат и тоа дека оваа правничка не  го знае Уставот на државата што ќе ја предводи и овластувањата што ги има.

Но, повеќе од тоа ги интересира- дали Македонија по изборите ќе остане на патот за Европа и дали таа, заедно  со новата власт –  ќе го нарушат кревкиот мир меѓу двете најголеми етнички заедници. А, таа зборува како што и рекле да зборува, па  порачува дека „ќе распише референдум“ за враќање на поранешното име на земјата, како и дека нема да прифати никаков договор со соседна Бугарија.

Држејќи се за националистичката патетика од вмровската изборна пропаганда дека – „Макединија пак ќе била горда„ односно дека „Одново ќе станела  наша“- што  треба да се разбере како земја само на етничките Македонци!?

Реторика која (инаку) со години на ред се слуша во соседна Србија, а која очигледно, има солидна почва и во македонското општество – над се кај вмровските гласачи. Но и меѓу оние притаени националисти кои исто така,  немакедонците во државата сакаат бидат третирани како некакви страни тела.

Против мултиетничка Македонија

Станува збор за оние гласачи кои на изборите  и свртеа грб на граѓанска и мултиетничка Македонија, која инаку како таква е означена уште  во Илинденскиот и во Асномскиот манифест.  Работа што треба да ја знаат сите оние кои со години  манипулираат со историјата, за политикански потреби, а не го познаваат  своето минато на кое  сакаат „гордо“ да се повикуваат.

Поради ваквата реторика дури и балканските аналитичари, посебно оние во Белград,   објавија дека на изборите во Северна Македонија победила партијата која е -просрпска, проруска и проунгарска- а дека Македонија од модел и урнек (околу демократскиот изборен процес, за српските политички неприлики), сега е на пат да стане – копија на Србија и на нејзината власт.

Во секој случај,  неразумно е од   домашните националистички  политичари да заговараат напуштање на европскиот курс, на НАТО, создавајќи во исто време и  нова криза во соседските односи, во време на сериозна безбедносна и политичка криза во Европа и во време на брутална војна на Истокот од континентот.

Заговарање меѓунационални тензии

Меѓутоа, уште понеразумно е определувањето на гласачите за провоцирањето и со гласањето- за  давањето подршка на меѓунационално тензии-  на потикнувањто омраза и  судирање во земјата, чија стабилност се темели на стабилните меѓунационални односи и на она што едно време се нарекуваше- сожителство.

Посебно, подржувајќи ја приказната на вмровците за „опасноста од албанизација“ , за тоа дека наводно ќе ни била одземена „националната држава“ затоа што политичар од албанскаѕа националност е Спикер на Парламентот, или министер за надворешни работи.

Опасно играње со оган е ваквото продавање на изборна програма,   во време кога национализмот на Западен Балкан и десничарењето одново земаат замав, кога се заговараат етнички чисти, национални држави и кога се продава како „патриотизам“ и како „стабилност“ менувањето на некои граници во регионот.

Тоа може да се толкува само како – удирање со главата во ѕид и  определување во полза на нашата штета. И како држава и посебно како етнички Македонци.

Лажен патриотизам

Особено што новозбраните ги имаат заведено и своите слепо определени навивачи- гласачи , а и оние другите, дека станува збор за наводен „патриотизам“  (национализмот никогаш и никаде не е тоа) и за потребата од „промена “ на политичката сцена.

На тоа се додава приказаната  за божемната сиромаштија на народот и на назадување на државата , за некаков колапс- економски и енергетски-кои никој не го гледа , затоа што стандардот е највисок во изминатите 3о години- кога станува збир за платите и пензиите и за зголемената куповна и платежна моќ на граѓаните.

Целото  ова прикривање на национализмот се затвора со приказната за силната корупција во државата. Состојба која не се елиминира изминатите три и повеќе децении, но сепак,  навистина, е  цинично, вмровците да зборуваат за корупција и тоа главно ставена кај една од албанските партии.

Криминал во годините на гордоста

Ова е и навредливо за оние кои на гласањето го прифатиле овој „аргумент“ , затоа што  токму вмровската власт во годините на режимот, до пред седум години,  од корупцијата, перењето домашни и странски  валкани пари , од изигрувањето на прописите, или од наместените тендери- за кои вмровската власт земаше поткуп-  се создаде кримално совршенство во „гордата“ Македонија.

Некои преселни птици и сокриени националисти, имаат изјавено дека граѓаните така гласале , затоа што биле изневерени нивните очекувања. Или биле изморени од долгото чекање за влез во ЕУ, што може да звучи фино и разбирливо.  Но, никако  не може да биде објаснување или оправдување.

Истите тие незадоволници (некои се вечно такви) цели  11 години толерираа режим и деспотија на еден човек, кој без да трепне и од народот да побара согласност-  се откажа од европскиот пат, за сметка на грабежот и криминалот и владеењето до бесконечност- како еден Путин или Орбан.

На ова друштво , во  тие години не им пречеше „братството и единството“ со сега криминализираните Албанци- истите  со кои една деценија хармонично делеа власт.

(О.У.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Македонија

Горе