„Кловн кој може да стане тиранин“
Прославениот американски актер Роберт Де Ниро остро го нападна поранешниот претседател на САД Доналд Трамп, нарекувајќи го „кловн кој би можел да стане тиранин“.
Ваквата изјава холивудската ѕвезда, која главно живее во Њујорк, ја има дадено за медиумите кои го следат судскиот процес против Трамп. Во него тој е обвинет за давање поткуп на порно -ѕвездата Сторми Даниелс, за да биде замолчена и да не зборува за заеднички проведената ноќ, во хотел во Лас Вегас.
Тогашниот адвокат на Трамп кој беше сведок на судењето, потврди дека на актерката во филмови за возрасни и биле исплатени 13о илјади долари, за да не и наштети на неговата изборна кампања за претседателските избори во 2016 година.
Роберт Де Ниро против Трамп
Сето тоа, на поткупувањето и дава дополнителна тежина и сериозност , затоа што директно се врзува за изборите и за изборната кампања од пред осум години, во која тајно се давани (корумпирани) пари за успех на изборите.
Де Ниро, инаку, неочекувано се има појавено во близината на њујоршкиот суд – непосредно по завршниот збор на трамповиот адвокат, кој побарал од поротата неговиот клиент да биде ослободен. Актерот тогаш остро ги нападнал милијардерот од Њујорк, Трамп и неговите амбиции да ја добие номинацијата на републиканската партија, за да одново стане претседател на Америка.
Актерот кој важи за симпатизер и подржувач на демократската партија, во својата изјава рекол дека Њујорк е негов град и дека- нема да дозволи никому да го уништува.
Грешката од пред осум години
„Доналд Трамп, меѓутоа, не само што сака да го уништи Њујорк, туку тој сака да ја уништи и Америка, а на крајот од краиштата, би можел да го уништи и светот“- рекол 80 годишниот Де Ниро кој во американската јавност е познат како остар критичар на Трамп и на сите негови потези- во политиката и надвор од неа.
Во оваа прилика, актерот го нарекол Трамп – кловн- и притоа потсетил на реакцијата во американската јавност пред осум години, кога луѓето се смееја и правеа шеги , кога тој се кандидираше за претседател на САД.
„Кога Трамп се кандидираше во 2016 година се правеа шеги за тоа дека станува збор за будалетинка кој решил да биде претседател. Сите ние во Америка тогаш заборавивме на историјата и на лекциите од минатото , кога и други кловнови не биле сфатени сериозно , се додека не станале сурови диктатори“- им рекол Роберт Де Ниро на новинарите во Њујорк.
„Не е време за правење шеги“
Мислејќи, секако, притоа на еден Адолф Хитлер во нацистичка Германија, или на Бенито Мусолини во фашистичка Италија , од европската историја на дваесетите и триесетите години на 20 век, но и на другите кои се имаат појавено на речиси сите континенти, во годините подоцна.
Затоа, актерот предупредува дека сега никој не би требало уште еднаш да се смее и да прави шеги , поврзани за Трамп и за неговите амбиции одново да влезе во Белата куќа и да се одмаздува.
Според Роберт Де Ниро ситуацијата треба да се сфати сериозно и да се гласа на есенските избори против него, за да се тргне од политиката на Америка- „еднаш и засекогаш“.