Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Трамп меѓу затворот и Белата куќа

Трамп меѓу затворот и Белата куќа

Доналд Трамп е првиот претседател на САД осуден за кривично дело, откако поротата составена  од 12 американски граѓани, во судот во Њујорк го прогласи за виновен за сите 34 точки од обвинувањето .

Во него доминираат две  главни кривични дела- едното е фалсификувањето на деловните книги и измамата на државата за исплатите што ги извршувала неговата компанија, а другото е корупцијата.

Станува збор за  давање пари и за подмитување  на ( за него) опасен сведок кој  со своето зборување би можел да им наштети на неговите политички амбиции- да стане претседател на Америка, на изборите во 2016 година.

Спремен да се одмаздува

После ова, милијардерот од Њујорк кој одлучи да влезе и во политиката,  водејќи ја на авторитарен начин, каков што немало во американската политичка историја- нудејќи десничарење, популизам и расизам – се соочува со единствена ситуација.

Како екс претседател кој сака одново да биде во Белата куќа, тој и не сокрива дека ќе им се одмаздува на сите кои (наводно) му ја „одзеле победата“ на изборите во 2020 година, продолжувајќи лажно да ги  обвинува победниците, демократите,  судовите дека ги „фалсификувале“ и го одобруваат „фалсификувањето“ на тие избори.

Притоа не нудејќи ниту еден доказ за ваквите тврдење и не обидувајќи се да објасни како тоа Џо Бајден освои најмногу гласови во историјата на САД, во гласањето на Американците. Освен, измислените „аргументи“ дека машините кои во САД ги бројат гласовите, биле „наместени за фалсиикување“.

Судењето било „наместено“

Сега , меѓутоа, Трамп , кого и неговата родена сестра го има прогласено за „ноторен лажго“,  се соочува да биде осуден на затворска казна и до 20 години, но  може да помине и со условна казна, па до 11 јули кога ќе биде изречена пресудата , освен што ќе се жали, ќе продолжи да се расправа со сите, да се заканува и да обвинува  – овој пат дека му се судело  од политички причини.

Типично за него и за неговиот карактер, но карактеристично и за сите диктатори, деспоти и авторитарни властодршци, кога ќе се соочат со правдата- таму каде таа постои и каде може да им се суди на вакви луѓе за сторени кривични дела- за измама и за корупција, на пример.

Затоа и во овој период од околу пет недели, Трамп  се однесува по старата шема и со реториката од пред четири години, кога правеше пуч за да остане во Белата куќа. Обвинува  дека судењето против него било “срамно и наместено, дека судијата во процесот е корумпиран , а дека државниот обвинител е „платеник на Сорос“ . Порачувајќи  дека вистинската пресуда ќе биде изречена на 5 ноември, на денот на изборите- кога тој ќе победел.

Грешката на САД од 2016-та

Ваквата негова одбрана, кога се соочува со затвор и (веројатно) крај на сите амбиции да биде  американски политичар, а не некој кој го копира еден Виктор Орбан, според некои американски и странски аналитичари, само покажува колкава била голема грешката – еден ваков човек да се номинира и да се избере за да ја води Америка и за да го предводи слободниот, демократски свет.

И сега, кога одново е амбициран да биде претседател, а републиканската партија не знае, не може. или не сака да му се спротивстави, Америка, а и светот се соочуваат со истата  закана. Затоа и се шири загриженоста од еден ваков Трамп, кој во политиката сака работите да се како во неговата компанија- каде самиот за се одлучува

Тоа е опасно за САД, но и за демократскиот свет кој верува во американските високи демократски принципи и стандарди. Не е затоа случајно, што еден ваков човек, кој  се мести и како осуденик да се најде во Белата куќа, е популарен кај Орбан, кај ултрадесничарите во Европа, кај националистите во Западен Балкан, како и во Русија и Кина, чии режими сметаат на претседател кој би ја изолирал Америка.

Остра реакција на Бајден

По осудувањето на Трамп, во еден момент мораше да реагира  и американската администрација, кога осуденикот почна да зборува дека судењето било режирано и спроведено по налог на политиката.

„Безобзирно , крајно неодговорно и опасно е да се тврди дека процесот и пресудата се политички мотивирани“- изјави претседателот Џо Бајден , инсистирајќи  притоа дека  членовите на поротата само го реафирмираа американскиот принцип дека – никој не е над законот и дека за секого во САД следува осуда, доколку стори кривично дело.

Според Бајден, срамно е да се зборува за наместено судење, а целиот случај да се става во политичка пропаганда , само затоа што пресудата не е онаква како што се посакувало- ослободителна. „САД не смеат да дозволат , било кој, да може да го урне правосудниот систем“- рекол актуелниот претседател.

“Судење на њујоршки Дон“

Во изјавата на државниот обвинител на Њујорк , пак , се вели дека дванаестмината граѓани-поротници одлучиле за вината на Трамп  врз основата на законот и на доказите. „Нивната едногласна одлука доведе до тоа Трамп да биде осуден“- има изјавено обвинителот по изрекувањето на пресудата.

Обичните  Американци, меѓутоа,  се поделени околу тоа што и како понатаму.

Според еден граѓанин на Њујорк кој зборувал за локалните медиуми, судењето на милијадерот го гледал како да му се суди на еден Дон- како од книгата и филмот „Кум“- забележувајќи дека токму поради тоа, се плаши оти Трамп и овој пат ќе успее да се извлече.

Така размислуваат ( и стравуваат) и други кои им  изјавиле на медиумите  дека – „може да се случи тој одново да помине без казна“ и признаваат дека не се оптимисти за тоа што ќе биде на крајот.

Уривање на угледот на Америка

Сите, сепак, истакнуваат дека со сето ова, врзано  со случајот на Трамп,  Америка го има достигнато дното и дека го има урнато својот углед во светот.

Луѓето надвор од САД гледаат што се случува и не може да веруваат дека станува збор за американско судење- кога на еден екс претседател кој по секоја цена сака да биде одново на таа позиција- му се суди и е осуден за сторено кривично дело.

Погледите сега се насочени кон републиканската партија и кон нејзиното водство, за тоа што тие ќе направат , без разлика на  тоа каква ќе биде казната. Како сега стојат работите, нивниот (засега) единствен кандидат,  во секој случај,  треба да излезе на избори- како осуден човек.

Според Уставот на САД тоа е дозволено, но големо прашање е каков ќе биде  кредибилитетот на еден таков претседател –  во Америка, а посебно во светот. Конечно, каков углед ќе имаат републиканците во домашната политика, со човек кој е осуден за корупција и за измама на државата.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе