Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

„Уставобранителите “ се сокрија

„Уставобранителите “ се сокрија

Скопје  се уште е излепено со (во основа), националистички и неевропски пароли и изборни пораки на вмровските националисти, во кои доминираат омразата и заканите.

Прво,  дека земјата (одново) ќе ни била горда- затоа што на Грција  ќе сме им речеле- „не важи Преспа“, а на Бугарија дека – договорот за пријателство ќе се преправа, онака како што тоа го замислило вмровското друштво. Второ,  дека „Македонија пак ќе била наша“- откако македонските етнички Албанци ќе бидат тргнати на страна- од политиката. Како да се дојдени од некаде далеку, или како да се мигранти.

Патриоти со лажен сјај

Врз таа основа се водеше изборната кампања, продавајќи невистини и нудејќи некаква имагинарна милијарда (евра), со која ќе се помогнало – „Македонија пак да ни биде ол рајт“, или како во песната- „Одново цела, од трите дела“.

На таа и таква  основа, националистите обезбедија  уверлива победа, благодарејќи на наивноста на гласачите и на нивниот отворен, или прикриен национализам- верувајќи дека партијата на избеганиот лидер, осуденик за корупција, навистина сето тоа ќе го испорача.

Затоа што уште пред да се создаде новата влада, „патриотите со лажен сјај“ пратија порака до Атина и Брисел дека (сепак) ќе се почитува Преспа, а до Софија дека ќе треба да се сочека бугарската страна да ги одржи своите шести по ред вонредни избори и да направи влада.

Излезе, така,  дека двете ветувања од билбордите избледеа уште пред вмровските  пропагандисти да ги тргнат гордите и борбени пораки до народот.

Наивни и измамени гласачи

Но, шлаканицата уследи откако една маргинална партија на овдешните Албанци, која влезе во коалиција- за да нема едноетничка власт во мултиетничка Северна Македонија- побара и доби  етнички Албанец да биде спикер на Парламентот.

Без разлика што човекот е непознат во овдешната политичка јавност, новоизбраните „патриоти“ одново  покажаа дека не се за верување. Покажаа дека едно зборуваат и ветуваат по митинзи, само за да ја запоседнат власта, а друго прават кога ќе ја освојат власта. Покажувајќи, практично, што единствено им е важно и за што се тепаат на изборите.

Наивни и смешни излегоа патриотите од гласачкиот табор кои веруваа дека може да се погази меѓународен договор, а уште повеќе да се создаде власт во државата по изборите, со елиминирање на етничките Албанци.

Ветување што не се исполнува

Особено што уште пред да се гласа, а посебно по соопштувањето на изборните резултати, беше добро познато  дека било која од партиите на Албанците да влезе во коалиција, со вмровците и нивните- бранковисти- ќе ја бараат за себе функцијата спикер, која по Уставот е втората по тежина во државата.

Според тоа, не е работата во тоа дека некој од најбројната етничка заедница ќе биде на оваа висока позиција, која, инаку,  ја држеа и во социјализмот, кога СР Македонија беше дел од  СФРЈ. Работата е во тоа што јавноста, гласачите на вмровците и другото националистичко друштво беше  лажено и излажано, бидејќи им се ветуваше нешто што може да се изведе-  само со сила.

Тажното е што гласачите поверуваа  во неможното – казнувајќи ги социјалдемократите  ( и претходната проевропска власт) дека им ја „предале државата“ на Албанците , односно  дека РС Македонија „забрзано се албанизира“. Приказни од националистичкиот табор од пред 30 години и првата вмровска власт, за што државата плати висока цена и се врати назад од својот стратешки пат во Европа.

Правење пуч со напад на Парламентот

По изборот на Албанец за вториот човек во хиерархијата на  власта, меѓутоа, главното прашање е – каде се и каде исчезнаа македончињата- патриоти, заштитници на македонскиот идентитет и карактер на власта во “нашата“ држава- кога пред седум години Талат Џафери, од најголемата партија на овдешните Албанци, стана спикер на Парламентот.

Разулавена вмровска  толпа, бесна  што нивните ќе мора да се тргнат од власта, после 11 години режимско владеење, тогаш се втурна во парламенарниот дом, за да се пресметаат со албанските пратеници и со  луѓето од новосоздадената коалиција.

Еден пратеник од редовите на албанскиот блок беше силно претепан и спасен со интервенција на здравите сили во МВР, а лидерот на новата коалица со раскрвавена глава  беше изнесен од Парламентот.

Неговата слика го заобиколи светот и ја покажа вистината за деспотската власт во Скопје, криминализирана и корумпирана од премиерската канцеларија на тогашната влада, која згора на се, ги прислушуваше своите граќани- за да ги има под контрола.

Насилнички национализам

Таа и таква власт, се обиде тогаш да изведе пуч , за да спречи новата коалиција да ја преземе власта. Оној, кого избеганиот, корумпиран  лидер сега го постави  да биде и негов премиер, беше  во својот кабинет ( како ген.сек.) на партијата и чекаше разврска.

Претседателот на државата- ставен да биде пион на премиерот – да прогласи вонредна состојба, па создавањето нова влада да се одложи за во недоглед.

Вмровската пропаганда, толпата насилници,  ја прогласи за „група уставобранители“ кои сега, исплашени и сокриени, останаа без „рабита“- затоа што овој пат не ги викнаа   да ги „бранат“ Уставот и Парламентот. Сега тие насилници се дел од новата власт и чекаат награда.

Овој пат  ги нема за   да го заштитуваат   „македонскиот карактер на Македонија“ и таквата нејзина власт. Односно да го „штитат Уставот“ , како што тоа го правеа на крајот од април 2017 година, кога еден албански политичар од Македонија го презеде управувањето  со Парламентот.

Молк за новиот спикер-Албанец

Седум години по тоа време, откако оние кои 11 години го газеа Уставот , а потоа   се прогласија за негови заштитници , на тој начин што  ги тепаа политичките противнци , сега се помали од маково зрнце.

Нема протести, нема тепање, дури и тогаш кога новиот спикер ќе признае дека Македонија и не е негова матична држава и не ја чувствува како своја. Бил дете на родители преселници од Косово.

Оној што сега замина од таа позиција и за кого вмроните ќе правеа пуч, тоа го нема речено.

Впрочем тој ( како дел од партијата ДУИ) беше во  владата на избеганиот вмровски  премиер, како министер. Двете партии заедно останаа во вистинско братство и единство девет години, делејќи ја власта  во совршено разбирање.

Талат Џафери стана „опасен“ и Уставот беше „повреден“ тогаш кога тој со партијата и со Али Ахмети, сменија страна во домашната политика.

(Спектатор)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе