Влада на Духови
Во деновите на верскиот празник Духови (Дуовден), Република Северна Македонија доби нова влада.
А, таа, таква каква што е, совршено може да се врзе за денот, посветен на сеќавањето на мртвите, затоа што во сегашната (вмровско-албанска -бранковистичка) влада по многу нешто може да се поврзе за Дуовден.
Премиер по нарачка
Прво, со духот на избеганиот поранешен премиер, осуденик за корупција, кој сега управува со вмровската партија од Будимпешта- како азилант кај Виктор Орбан.
Наместо на отслужување на затворската казна, тој определува премиер на државата од која побегна, кој треба да му го чува местото за враќање (велат ќе било на бел коњ), но и да го обнови духот на- за РСМ – разорната политика што се водеше 11 години.
Тоа се годините кога вмровската власт ја претвори „гордата Македонија“ во заробена држава, во деспотија предводена од еден човек , во која се переа пари- домашни, руски, српски и унгарски- каде корупцијата беше раководена од премиерската канцеларија.
Враќање на стариот дух
Според тоа, новата влада навестува враќање на духот на онаа од 2006 година, која не направи ништо реформско, ништо во духот на Европа, лажејќи ги сите оние кои сакаат да изгледаат наивни.
Затоа, (тогаш) навестената демократија се претвори во брутален режим на врхушката на партијата која сметаше дека земјата е нивна компанија за богатење на фрустираните нови господа.
Со нив се создаде „новата класа“ од вмровци со чија помош избеганиот осуденик- слепо подржуван од сегашниот премиер- го поделија етничкото македонско тело на „патриоти“ ( вмровци) и на „предавници“.
Лажни патриоти и „предавници“
Тие другите, означени како „предавници“ се оние кои и посакуваат на државата европска иднина, кои сакаат РСМ да биде дел на ЕУ и на голема врата да влезе во европското семејство на држави и нации.
Духот на минатото кој се врати после седум години, се гледа (веќе на стартот) низ нацоналистичкиот популизам, дека се што се прави и ќе се прави, ќе било во името на народот.
Стариот дух, што се помовираше на Дуовден, е и блефот со продавањето антиалбанство ( во изборната кампања и во опозициските години) за да се распали таквото расположение во националистичката јавност.
Се навестуваше некаква „чиста“ македонска влада, Но, се покажа дека и тоа е едно од лажните ветувања. Македонските Албнци се и во владата и во власта- како што впрочем и треба да биде- затоа што тие не се дојдени од некоја друга планета.
Одмаздата на остарениот мангуп
Конечно, во духот на стариот „груевизам“ се вклопува и предавничкиот, бранковистички блок, создаден од некогашното „скопско мангупче“ што сега остарениот мангуп го претвори во предавство на партијата, која во едно време ја предводеше- измамувајќи ги луѓето кои му веруваа и го подржуваа.
Партијата којa со сите ја растураше изминатите седум и повеќе години, сепак, не е и никогаш не била негова сопственост, ниту негова приватна фирма.
Но, затоа овој мангуп најпосле покажа дека е сосема налик на избеганиот осуденик и вмровски деспот, кој бара лојалност до гроба и кој казнува, ако тоа не се почитува.
Тоа најдобро го знае новиот премиер кој затоа можеше да се смести на таа функција и затоа ќе функционира така како што ќе му се наредува.
Владата бега од Европа
Па, така овој човек – во духот на вокабуларот на избеганиот- зборува за „големи милијарди “, за некакви „мега проекти“ на државата со пари од „некои земји“.
Зборуваа тоа дека „мед и млеко ќе течело по Вардар“, а дека „бедниот народ“ кој наводно едвај крпи -крај, со крајот (летувјќи во Северна Грција) – ќе стане уште побогат.
Во тој дух од времето од деспотијата, во секој случај, никаде ја нема Европа. Откако станавме (повторно) горди и со помош на глсачите на изборите- „одново Македонија стана наша“ – за ЕУ ништо не се зборува.
Не се нуди европскиот пат, како што тоа го правеше претходната, вистински проевропска влада, кој земјата ја доведе на самата врата на Унијата.
Последниот чекор не можеше да се направи поради блокадата на друштвото кое сега е на власт.
Против стратешките интереси
Тоа е коалицијата која ќе владее и која тоа свесно го прави, знаејќи дека на тој начин ги гази стратешките интереси на државата , кои се определени уште пред 30 години.
Пред пред тоа да сторат една Словачка, или Романија и Бугарија, како и Хрватска, и Србија ( Црна Гора не постоеше како независна држава).
Оние кои се прават недоветни и гласаа за националистите, претпоставувам, знаат каде се сега сите овие земји- едни се во ЕУ, а другите се на патот кон Унијата.
Црна Гора дури, дотурка да биде и прв кандидат за влез во ЕУ, до 2030 година.
Северна Македонија, пак, стои во место и за тоа не е виновен Брисeл како шо домашните „мудреци“ милуваат да зборуваат, во стилот на Македонецот дека секогаш- некој друг нам ни е виновен.
Овој пат, земјата чека да се смилува деспотот сокриен во Будимпешта и да се придвижат другите кои ја чинат власта, за да државата стане дел од европското семејство.
Само така вистински ќе може да биде и горда и своја на своето и секако- ќе „биде олрајт“.
Меѓутоа, владата создадена на Духови не оди подалеку од она што го има определено бегалецот.
„Крадеа ама градеа“
Тоа значи, копирање на српскиот модел на деспотска власт и лажен патриотизам, како и братство со Србија, а преку неа со Русија и секако со Унгарија- земјите кои во Европа важат за вазали на Владимир Путин.
Впрочем, така определија гласачите- националисти, албанофоби и антевропски определени.
Оние кои повеќе ги сакаа тие што – „крадеа, ама градеа“ – додуша лажна антика и кич споменеици од туѓа историја – како и оние кои подржуваат омраза , наместо коегзистенција, еквидистанца и добрососедство.
Сега ќе треба (одново) да се прогонува духот на „груевизмот“ за да конечно се смести таму каде им е местото на – духовите. До тогаш ќе треба да задоволуваме со она што националистичките гласачи и го заслужуваат- „тражили сте, па сада гледајте“.
(Спектатор)