Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Украина меѓу војната и мирот

Украина меѓу војната и мирот

Американците кои веруваат дека еден краен десничар и популист може да биде „миротворец“, веруваат дека Доналд Трамп- после сите работи што ги има напрвено додека беше на власт, а и потоа- сепак- може да „му донесе мир на светот„.

Тие веруваат во таквата „шеќерна приказна“ ,како што веруваат во неговите лаги, измислици и  ноторните дезинформации кои постојано и ги истура на американската, но и на европската јавност.

Посебно на онаа на  ултрадесничарите, конзервативните популисти и на националистите, кои се противат на една демократска, цивилиирано уредена Европа и на нејзиниот либерализам.

Трамп продава миротворство

Знаејќи го тоа, Трамп продолжува да верува во неговата лажна приказна дека победил на изборите од пред четири години, продавајќи им се на американските републиканци како „обединител на Америка“ која, инаку, тој ја има поделено.

Тие, пак, на тој начин го амнестираат за обидот за пуч  ( со помош на расистите и оние кои заговараат бела супремација) , во јануари 2021 година- за да ги поништи легалните изборни резултати.

Во една таква атмосфера, кога демократите самите го соборуваат својот кандидат (актуелниот претседател)- правејќи му пат на Трамп за победа која не ја заслужува – овој сега се обидува да се покаже дека е изменет, па  гради лик на миротворец.

Пазарлак со Кремљ ?

Ветува дека ако биде избран, ќе му донесол мир на светот и дека со него ќе немало војни, како што имало сега.

Мислејќи (веројатно)  на војната во Украина што ја предизвика неговото омилено другарче Владимир Путин, со инвазијата од пред 29 месеци и  на онаа што ја води Израел против палестинската терористичка организација Хамас.

Сега помалку ветува дека војната во Украина ќе ја заврши за 24 часови, при што како десничарски популист не кажува како тоа ќе го направи- без Украинците.

Не  открива дали тој ќе се испазари со Путин, како што тоа го посакува новиот руски „цар“, жртвувајќи ги Украинците како да се заморчиња. Или пак ќе им ја запре неопходната воена помош, за да може руската армада да ги тепа безмилосно  луѓето во земјата, која се определи да не биде повеќе руски вазал.

Празни ветувања

Не одговори ниту еднаш на повиците на Володмир Зеленски- да каже како ќе ја смири путинновата глад за убивање и ќе обезбеди брз мир, за да не мора да се чека до после изборите во САД- при што непотребно ќе гине невин народ.

Трамп, меѓутоа,  (наводно ) има план за мир и благосостојба, па продолжува  да зборува за тоа , раскажувајќи му ја истата приказна и на Зеленски, кога овој, деновиве, му се јавил по телефон.

Украина на тој начин, продолжува да живее заглавена меѓу војната и определбата на Украинците да продолжат да војуваат, или пак да се свртат кон барањето за  мирно решение за војната која- ниту ја сакаа, а ниту  ја предизвикаа.

Да се спречи победа на Путин

Во секој случај , Киев се поготвува за една нова, можна ситуација. Прво во Вашингтон со изборите  на есен, а потоа и кај сојузниците кои силно  го помагаат.

Иако  сите и натаму се определени да продолжат да и помогнат на Украина- да не биде поразена и принудена да капитулира. Што  се претпоставува дека е една од варијантите за некаков мир кои ги нуди Трамп.

Последнта конференција на групата Г-7, па Самитот на НАТО во Вашингтон, новиот состав на Европскиот Парламент, како и четвртиот Самит на Европската политичка заедница, што се одржа во Лондон, и дадоа силна подршка на украинската борба за одбрана на земјата.

Останува затоа и натаму заложбата на НАТО/ЕУ дека не смее да му се дозволи на Путин да излезе победник од војната што тој ја наметна. Бидејќи  во тој случај би се легализирало правото на агресија и правото на посилниот ( како во времето на хитлеризмот).

Лекција од европската историја

Што ќе рече- да се измисли било каков изговор и да најде некакво  „оправдување“ за да се нападне една суверена и независна држава, како што е Украина- на која токму Русија , со договор, и го гарантира триторијалниот интегритет.

Адолф Хитлер, колку за потсетување, има измислено изговор за аншлусот (анексијата)  на Австрија и за нападите врз тогашна Чехословачка и Полска- предизвикувајќи ја Втората светска војна.

Таа лекција од еврпската историја виси како закана врз  денешна Европа, односно како потсетување дека непредизвиканата војна не смее да се брани и да се оправдува.

Русите против украинскиот идентитет

Но, тоа не ја исклучува потребата да се бара и да се изнаоѓа мир. Секоја војна низ историјата, завршувала на „зелената маса“ со преговори.

Прашањето е какви треба да бидат преговорите на Русите и на Украинците, кога Путин смета дека Украина е „историски руска земја, дека државата е вештачка творба која ја создал Сталин, а дека Украинците , како посбен народ не постојат, затоа што тие се Руси“.

На другата страна, се Украинците и нивната гордост- дека се посебен народ, со посебен идентитет (Нешто кое Македонците би требало да го знаат  и да имаат разбирање за Украинците и за настојувањето на Европа и САД да ја одбранат украинската позиција- а за жал го немаат тоа и навиваат за путинова Русија).

Поделени мислења на Украинците

Во секој случај, „царот“ од Кремљ погрешно се пресмета , па сега се соочува и со украинската борбеност и со укранскиот патриотизам и со национализмот, каков велат, немало досега.

Неколку анкети , направени во текот на јуни годинава се показател за тоа какво е сегашното расположение на Украинците. Мнозинството останува определено за тоа дека може да се преговара со Москва, но и за тоа дека неможе да има отстапување на украинска  територија за Русија.

Така, 44 отсто од оние кои живеат зад линијата на фронтот  се согласуваат со преговори, а 35 отсто се против.

Но според анкетата на институтот Разумков , дури 83 отсто од луѓето се против повлекувањето на украинските сили од преостнатите делови од Донбас, Хершон и Запорожје кои Русите се уште ги немаат окупирано.

И Русија на конференцијата за мир ?

Тоа значи дека мнозинството од анкетираните се за продолжување на војувањето.

Особено што 84 отсто од луѓето се изјасниле против давањето украинска територија на Русија, додека други 77 отсто се противат на укинувањето на западните санкции кон Москва.

Кога станува збор за ( путиновото барање) за неутрален статус на Украина и за тоа да нема нуклеарно оружје, 58 отсто од Украинците од териториите под контрола на Киев , се против таквиот статус. Само 22 отсто би се согласиле со неутралност.

Фрустрација на населението

Конечно, на прашањето за тоа што е минимален услов за договор за мир со Москва, над 51 отсто имаат речено дека тоа е – ослободување на сите окупирани територии- до границите од 1991 година.

Овие сознанија, се смета дека само ја откриваат длабоката фрустрација на  јавноста во земјата околу перспективите на државата во наредниот период. Сега кога е јасно дека Украина стана заглавена во војната.

Сознанијата од анкетата ,сепак, може да им бидат показател на Зеленски и на владта во Киев за тоа како натаму. Особено што украинскиот претседател сега не се противи на руско учество на конференцијата за мир во Украина, предвидена за ноември.

Но, сето ова  тешко дека може да му помоне на самобендисаниот  кандидат за претседател на САД- дека мирот во Украина е во неговиот џеб. И тоа онака како што тој си замислува- да му ја предаде Украина на Путин.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе