Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Игнорирање на државноста

Игнорирање на државноста

Годинешниов Илинден останува запаметен само по тоа што беше со нова власт-вмровска. А, таа  секогаш себе си се означува како „вистински патриотска“, или  како наводно,  „единствената која водела сметка за националните интереси“.

На овој Илинден, меѓутоа, одново се покажа дека сето тоа е само обична, гола пропаганда, наменета за наивните и за оние заслепени од партиската лојалност.

Уште еднаш, вмровската власт го искористи празникот за самореклама, за промоција на лидерот кој, всушност,  не е тоа, како и за ширење омраза. За натамошно делење на македонскиот етникум на „патриоти“ ( што ќе рече, на вмровци кои треба постојано да гласаат за нив) и на „предавници“, а тоа се оние кои мислат поинаку.

Власт без визија за иднината

Тоа се оние кои ја сакаат земјата  сместена во Европа и рамноправна со сите другите, а не нечии вазал, или автономен привезок. Онака како што сегашната власт ја гледа иднината на „нашата земја“- свртена наназад и сместена во минатото.

Гласачите ,  по овој Илинден, уште еднаш видоа дека се измамени, но тврдоглаво се прават дека – „сега се горди“ – не сакајќи да ја  признаат заблудата, верувајќи им на  некои недораснати на одговорните функции, дека ќе ги менуваат состојбите во меѓународните односи.

Затоа, не е чудно што ваквите патриоти со лажен сјај го игнорираа она што не смееја- 2 август 1944 година-  како Ден на државноста и како вистински историски ден за земјата и за народот во неа.

За прв пат со своја држава

За оние кои и не знаат и за сите запалени вмровци кои раскажуваат само историски приказни, станува збор за денот кога Македонија за прв пат во својата историја стана држава.

Тогаш, за прв пат, таа не беше објект кој Русија им го дава еднаш на Србија, а друг пат на Бугарија, туку стана меѓународно-правен субјект.

Навистина, имаше државата свој претставник во Пелинце (некогаш тоа се правеше во Прохор Пчињски, додека од таму не бевме протерана од милошиќевците и шешељовците).

Но работата е во тоа што овој 2 август беше јубилеен, па годинешново одбележување на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, затоа,  требаше да биде доминантно во чествувањето на Илинден.

Затоа што тоа  е денот од кога почнува да тече нашата државност- од пред рамно 80 години.  Бидејќи,   според меѓународното право, тоа собирање во манастирскиот конак,  на тогашните вистински патриоти, на ден Илинден, се означува како – формирање на привремениот македонски Парламент.

АСНОМ и Бадинтер

Токму таквото толкување ( и на комисијата на францускиот правен експерт Бадинтер, по распадот на СФРЈ) овозможи државата во 1991 година да прогласи независност, таа одлука да биде прифатена од меѓународната заедница , а земјата подоцна да биде примена во ОН.

За да не може да биде делена, според планот на Слободан Милошевиќ меѓу Србија и Грција, на тој начин што- југот (некаде до Тополчани да биде во Грција), а северно од таа линија, земјата да биде дел од српската државна територија, затоа што станувало збор за т.н. „Стара Србија“.

Целта на планот беше- да нема повеќе „македонско прашање“ на Балканот, а Атина и Белград одново да бидат соседи.

Планот, сепак, не помина- го отфрли грчката страна. Тогашниот премиер Константин Мицотакис ( татко на сегашниот премиер) знаеше дека на тој начин се ризикува  (нов) балкански судир, можеби и војна,  а таквата српска понуда никако немаше да биде прифатена од Европа.

Лажни патриоти и „предавници“

Сето ова , меѓудругото, треба да им покаже на сите денешни лажни патриоти, зашто овој 2 август мораше да биде во знакот на одбележувањето на осумте децении македонска држава.

Притоа, секоја чест на старите илинденци, без разлика на разните толкувања  на нашите и на туѓите историчари, а посебно на политичарите кои сето тоа го прават само од политикански причини- за да го замајуваат народот, кога не знаат како да управуваат со државата.

Во тој стил- на замајување на јавноста-  помина и годинешново славење на власта во Крушево.

Како партиско собирање, со доведени вмровски запаленковци, на кое се зборува за „славното минато“. Но, притоа се разградува потребното единство, посебно во македонското етничко ткиво, со дисквалификувањето на политичките противници.

Противници на европското чекорење

Тие (наводно) ги продале македонските интереси- на тој начин што ги исполнија стратешките цели на државата- влез во НАТО и враќање на европскиот пат.

Можеше сега да имаме и отворени преговори за влез во ЕУ, да не беа антиевропските вмровци и гласачите на изборите- кои наместо за иднината на Северна Македонија, гласаа за минатото.

Игнорирајќи го и заветот  комитите- кои нели- се бореле за самостојна Македонија. Што ќе рече  се бореле за тоа и ние Македонците да имаме своја држава, заедно со сите кои живеат на нејзината територија. За да бидат дел од европското семејство на народите.

Ако нашите претци, навистина, вака размислувале, овие од сегашново поколение ги нема никаде да зборуваат за европскиот дух и за нашето, македонско приклучување кон Европа.

Темелот на државата

Тие, едноставно,  немаат никаква визија за македонската иднина, освен да бидат вазали на некои европски отпадници и да ги обвинуваат сите другите дека се виновни.

Во таа матрица, во која ги има сместено избеганиот криминален осуденик, полесно е да се продава патриотизам и кога е сосема лажен и неискрен, отколку да се зборува за забрзано чекорење на патот за Европа.

На тој начин,  ќе се продолжи да се зборува за некогашните комити, за  паролите од 19 век- смрт, или слобода, за востанија против некогашната османлиската власт, наместо за асномското поставување на темелите на државата, врз кои стои денешна Северна Македонија.

Молк од новите „патриоти“

Сокриени зад вмровците, ќе молчат за ова и новокомпонираните „комити“ од редовите на „бранковистите“ и нивниот предводник, како и кумановските национал-социјалисти, како што нивниот лидер  се има еднаш декларирано.

Можеа тие – иако отпадници од вистинската социјалдемократија- да се огласат за 2 август, за АСНОМ и за иднината на својата држава, за која (наводно ) се здружиле со оние кои и сега  работат против македонските  стратешки и национални интереси.

Можеа, но ништо не направија, како што ништо немаат направено и кога имаа мандат нешто да направат за државата.

(Спектатор)

 

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе