Русија- Драстичен пад на наталитетот
Во првите шест месеци на оваа година, Русија има забележано најниска стапка на наталитет, каква немало во последните 25 години.
Според државниот завод за статистика, во јуни годинава, за прв пат досега, бројот на родените тој месец бил помал од 100 илјади бебиња.
Комбинацијата на нискиот наталитет , со зголемената смртност, има предизвикано намалување на бројот на населението. Тоа се јавува како сериозен проблем за државата, но и за Кремљ, посебно сега додека се води војна во Украина во која никој и не знае колкав е бројот на жртвите.
Најнизок природен прираст
Росстат , во секој случај не води евиденција за тоа, бидејќи противниците на агресијата и војната против Украина, тврдат дека бројот на загинатите руски војници се смета за најстрога тајна.
Но, државната статистика открива дека во првата половина од 2024 година во Русија се родиле 599.600 деца, а тоа е за 16 илјади помалку отколку во истиот период во претходната 2023 година. Станува збор за најнизок природен прираст во последниот четврт век.
Демографски експерти велат дека падот на наталитетот некако се покрива со зголемениот раст на мигрантите- најмногу од државите – екс републики на поранешниот СССР, но и од земји од Азија (Индија и Шри Ланка) и нешто од Латинска Америка (Куба пред се).
Тие доаѓаат во Русија како економски мигранти, а потоа, за да добијат жителство и работа, завршуваат како војници- наводно како доброволци.
Меѓу јануари и јуни оваа година, бројот на миграните во Русија нараснал за 20 отсто.
„Загрозен опстанокот на нацијата“
Демографската криза, сепак е голема и неа ја засилува и големиот број на иселени лица. Тоа се бегалци од војната, оние кои не сакаат да служат војска и да војуваат на украинскиот фронт, како и оние кои бегаат од рускиот режим, незадоволни од гушењето на човековите слободи.
Не се знае колкав е бројот на овие лица, но проценките се дека станува збор за најмалку над еден милион и во огромен број тоа се млади луѓе.
Коментирајќи ги демографските податоци за оваа година, портпаролот на Кремљ Дмитри Песков целата состојба ја означил како – „катастрофа за иднината на земјата и за опстанокот на руската нација“ – која инаку постојано се намалува.
Специјална демографска операција
Одборот за семејство и семеен живот при руската Дума, затоа, сугерирал покренување „итна демографска операција за раст на наталитетот “- која (како што било речено) – треба да е налик на „ специјалната воена операција“ – односно, на војната во Украина.
Одборот не објаснил како тоа замислува да се спроведе „демографската операција“ која би наликувала на „операцијата“ на руската војска на украинска територија.
Особено што станува збор за војна, која патем, веќе е развлечена на 32 месеци, во која Русија остана заглавена, уште од февруари 2022 година и во која секој ден гинат млади луѓе.