Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Сега и пејџерите убиваат

Сега и пејџерите убиваат

Во време кога милитантната, исламистичка и шиитска организација Хезболах ги брои жртвите од серијата експлозии на (некогаш) популарните апарати за комуникација- пејџери- што го погодија Бејрут- заканувајќи се со одмазда кон Израел -паралелно, трае и потрагата за тоа кој и како му ги има продадено и доставено овие направи на Хезболах.

Истрагата тргна од снимката на еден експлодиран пејџер, на која се гледа ознаката на тајванската електронска фирма „Голд Аполо“.

Таа меѓутоа, многу брзо, уште веднаш по експлозиите во вторникот, се огласи со соопштение дека нема ништо со пејџерите, објаснувајќи дека тој модел -„го произведува и го продава фирмата БАК“ , на која Тајванците и го префрлиле целиот бизнис.

Тајванско-унгарска врска

Фирмата БАК- Консалтинг, пак, е сместена во Будимпешта, во Унгарија, каде според тајванското објаснување – се прават и се продаваат пејџерите „Голд Аполо“.

Тоа предизвика целата  меѓународна јавност да се заинтересира за оваа унгарска фирма, која излезе дека е сместена на будимпештанската периферија, во зграда во која има уште 13 други мали фирми- со по еден, или двајца вработени.

Унгарската влада, која и онака е „црната овца“ во европското семејство и во ЕУ, не сака на грб да си го навлече гневот на Кинезите ( што Орбан соработува со Тајван) и одмаздата на исламските милитантни групи.

Особено после неговите  расистички изјави дека ја „чува Европа од исламизација“, па брзо се огласи со демант. Тврдејќи   дека  во Унгарија никогаш не биле произведувани пејџери. Уште помалку за потребите на Хезболах.

Фирма со еден вработен

Од друга страна, анализата на работата на фирмата БАК покажува дека никогаш немало испорака и продажба, на вакви апарати.

Така се разбра дека фирмата се води на извесна жена-бизнисмен, како и дека само таа е вработена. Таа пак, уверува дека ниту произведува , а ниту продава (било што), туку е само посредник при правање зделки.

Очигледно е дека станува збор за нешто како фиктивна фирма, која би можела да послужи за било каква валкана зделка. Впрочем, фирмата  правела сосема мал обрт (барем според унгарските власти), не повеќе од половина милион долари годишно, износ кој во последните две години се намалувал.

За американската ТВ мрежа Ен-Би-Си таа, сепак,  признала дека нејзината фирма работела со тајванската компанија „Голд Аполо“, но тврдела дека не правела пејџери.

Унгарците ги кодошат Бугарите

Во целата оваа приказна за потеклото на убиствените пејџери, се најде и Бугарија, откако Унгарците ја префрлија топката врз Бугарите, тврдејќи дека нивната БАК-Консалтинг и го предала бизнисот на таква фирма , регистрирана во Софија.

Бугарската истрага брзо откри дека и кај нив станува збор за исто таква- уан мен- компанија, регистрирана од норвешки државјанин. И за неа се знае дека нема правено поголем обрт од 1,5 милиони евра годишно, а бугарската страна тврди дека, речиси целата трансакција одела- со Унгарија.

Во меѓувреме, лидерот на Хезболах го обвини Израел за (според него) над 30-те жртви, трипати повеќе од бројката на либанските власти, тврдејќи притоа,  дека Израелците ги „минале сите црвени линии“ .

Тоа би требало да значи натамошна ескалација на судирот со оваа милитантна организација, која политички, воено и финансиски е подржувана од Иран, во нејзините напади врз  територијата на северен Израел.

Операција  “хакирани пејџери“

Во секој случај, во оваа операција со хакирани пејџери (велат) има неколку илјади повредени лица- сите врзани на некаков начин за Хезболах и за неговото антиизраелско дејствување- овој пат како казна за војната против Хамас, во Газа.

Операцијата се врзува за одлуката на владата за Израел, за враќање на израелското население кое сега е во бегалство , по ракетните напади на Хезболах врз северот на државата.

Според Си-Ен-Ен, САД биле известени само дека Израелците планираат операција во јужен Либан, но Ентони Блинкен има изјавено во Каиро дека Вашингтон не знаел за каква операција станува збор.

Останува, затоа,  одново дилемата како била спроведена целата операција, кога се знае дека пејџерите се сосема нови.

Купени  се пред околу четири месеци, како замена за мобилните телефони кои припадниците на оваа организација не смеат да ги користат- за да не бидат уловени од израелските тајни служби.

Пејџерски систем на комуникација

Станува збор за водоотпорни пејџери , со издржливи литиумски батерии за комуникација на хезболаховците, па се смета дека серијата напади, одеднаш, врз сите од организацијата кои биле врзани меѓу себе, претставува сериозен напад кој го има нарушено нивниот пејџерски систем на комуникација.

Израелската страна (засега) се нема огласено со коментар дека токму таа стои зад оваа саботажа, за која воени и разузнавачки експерти сметаат дека е максимално прецизно изведена, а дека за тоа било потребно многу време и темелна подготовка.

Прво, разузнавачко дејствување и прибирање на разни податоци, а потоа и воена-техничка способност, што се смета дека во реонот, а и подалеку од него, го поседува само Израел.

Хезболах забранува мобилки

Уште во 1996 година, на пример, израелската тајна служба Шин Бет го ликвидира производителот на бомби и експлозивни направи за терористите на Хамас, со помош на експлозив, поставен во неговиот телефон.

Од тогаш, а посебно откако почна војната со Хамас, по неговите терористички напади врз јужен Израел, пред без малку една година, Хезболах  нареди неговите припадници, наместо мобилни телефони, да користат за комуникација меѓу себе- само пејџери.

Така и се случи, пред некој месец да се добие нова пратка од неколку илјади од овие мали апарати. Се верува дека тогаш израелските тајни служби успеале некако да навлезат во синџирот за набавка и снабдување на пеџери.

Алфанумеричка текстуална порака

Кога тоа се постигнало, експерти кои настојуваат да останат анонимни, објаснуваат дека во секој од нив биле ставени  10 до 20 грама експлозив со висок квалитет, поставен во апаратите како лажна електронска компонента.

Со  вака подготвените мали апарати, потоа, најверојатно, се управувало со помош на сигнал- што се означува како – алфанумеричка текстуална порака.

Кога таа ќе се покрене, следното лице што ќе го  користи пејџерот- ќе одговори на повикот- ќе го активира експлозивот, покренат од литиумската батерија- кај сите одеднаш.

Отприлика тоа се случило во вторникот во 15,30 часот. Кога кај хезболахофците почнале да ѕвонат пејџерите, тие почнале и да експлодираат.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе