Анџелина Џоли како Марија Калас
Американската актерка Анџелина Џоли ја толкува главната улога во филмот „Марија„ – биографска драма за животот и кариерата на прославената грчка оперска пејачка Марија Калас.
Филмот премиерно беше прикажан на неодамнешниот фестивал во Венеција, каде Џоли беше поздравена со овации од присутната публика. Најавено е филмот за Калас да почне да се прикажува на крајот од ноември.
Романсата на Калас и Оназис
Филмот „Марија“ ги обработува последните години од животот на Марија Калас, во времето кога таа постојано живееше далеку од Грција, во некакво самопрогонство во францускиот главен град, по својот турбуленатен , а на почетокот и мачен живот во сиромашните предградија на Атина, меѓу двете светски војни.
Марија Калас на врвот од својата кариера важеше за една од најдобрите оперски пејачки на сите времиња , која ги имаше освоено сите водечки и најпознати оперски сцени во светот.
Во годините на својата слава кога беше дел од меѓународниот џет-сет во шеесетите и седумдесетите години на 20 век, Калас ги полнеше весниците својата романтична врска со тогаш најбогатиот грчки бродосопственик Аристотелис Оназис.
Тој подоцна се ожени со Џеклин Кенеди, вдовицата на убиениот американски претседател Џон Кенеди, а веста за нивната венчавка предизвика вчудоневиденост во светската јавност.
Турбулентниот живот на Џоли
Актерката Џоли и самата како постојано да минува низ својот турбулентен приватен живот , водејќи судски спорови со својот трет поранешен сопруг Бред Пит. Еднаш за нивните деца, потоа за поделбата на заедничкиот имот, а во последно време и за еден замок, опкружен со лозови насади во Франција, каде оваа двојка, некогаш позната како Бренџолина, се венчаа.
Веста за објавувањето на трејлерот за филмот „Марија“ се појави во време кога Џоли соопшти дека ја повлекла тужбата против американското ФБИ, во врска со наводниот инцидент на Бред Пит, пред крајот на нивниот брак.
Според актерката, екс сопругот ги нападнал Џоли и децата, во текот на еден авионски лет, а полицијата (наводно) ја заташкала работата.