Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Човекот кој сака да биде „фолксканцелар“

Човекот кој сака да биде „фолксканцелар“

На последните парламентарни избори во Австрија, најмногу гласови освои  Слободарската партија (ФПО) на Херберт Кикл, партијата која ја имаат формирано австриските  неонацисти.

Оваа антимигрантска, расистичка и тврдо антиисламска партија освои 29,2 отсто од гласовите, пред досега владеачката Народна партија (ОВП) која доби 26,5 отсто и австриските социјалдемократи со освоени 21 отсто од гласовите. Покрај поразената десно-центристичка ОВП, на изборите загубија и австриските Зелени.

Прва честитка од Орбан

Успехот на Кикл и на ултрадесницата не е неочекуван и тоа се смета за заслуга на Кикл кој себе си ( а така зборуваат и неговите ултраши) се смета за иден „народен канцелар“ (премиер и водач), односно  за „фолксканцелар“- термин кој е многу близок до терминологијата на некогашните нацисти, во Германија и во Австрија.

Победата , иако неуверлива и без мандат за создавање ултрадесничарска власт, ја загрижува и слободарска, демократска и либерална Австрија, но и Европа која се соочува со национализам, со омраза и со опасен националистички популизам низ целиот континент- се до турбулентниот Западен Балкан.

Вакви партии собраа најмногу гласови и во една Холандија, иако не ја добија власта, а ваква партија владе и во Унгарија, па затоа не чуди што првата честитка за ФПО и за Кикл дојде од Будимпешта, од Орбан, промовиран на големо и во Северна Македонија за „стратешки партнер“ на локалните вмровски националисти.

Лидер без харизма

За лидерот Кикл се зборува како за човек кој нема харизма, како некогаш Јерг Хајдер кој и не го сокриваше својот неонацизам, или како Ханс Кристијан Штрахе кој настрада во познатата афера „Ибица“- кога со руски пари сакаше зад грбот на паријата ОВП со која тогаш коалицираше, да партиски изврши пуч.

Планот беше, прокремљовски бизнисмен да го купи ( без тендер) популарниот виенски весник „Кронен Цајтунг“, да го претвори во гласило на ултра-десницата и со пропагандата што ќе и биде сервирана, да ја сврти австриската јавност кон ултрашите за да на тој начин им се помогне да преземат власта во земјата.

Аферата беше откриена, Штрахе беше развластен- беше вицеканцелар во владата на Себастијан Курц- пропадна и коалицијата и владата, а за нов лидер на ФПО од 2021 година беше назначен  Херберт Кикл.

Блискост со путинова Русија

Во паднатата влада беше министер за внатрешни работи кој остана запаметен по уривањето на угледот на австриската тајна служба и рацијата на нејзините простории, за што (се тврди) бил на врска со путинова Русија.

Во секој случај за него и во ФПО велат дека не е човек кој фасцинира. Важи за осменик, за фрустриран човек, како и најголемиот број ултра-десничари, кои фрустрацијата ја носат во себе и ја откриваат како деспоти, автократи и диктатори, ширејќи ја сопствената траума врз на масите, најчесто низ национализмот.

Кикл потекнува од Корушка ( област поделена меѓу Австрија и Словенија), од работничко семејство. Студирал , но никогаш не завршил ниту еден факултет, иако го интереисрала историјата.

Сепак, иако без факултетско образование, пишувал говори и за Хајдер и за Штрахе. Успевајќи да им ја наметне идејата за претворање на ФПО од некаква елитна партија во „социјална народна партија“.

„Кикл е безбедносен ризик“

Аферата „Ибица“ предизвика гласачите да ја напуштат ФПО која на првите избори потоа, доживеа тежок пораз.

Кикл ја подигна, користејќи ја корона пандемијата, кога силно агитираше како антиваксер (како и другите десничари низ Европа), против вакцинирањето на населението, обвинувајќи ја СЗО за „здраствена диктатура“.

Сега , меѓутоа, мора да се има во предвид неговиот изборен успех, а тоа е она што ја загрижува австриската политичка јавност.

Актуелниот канцелар и лидер на десно-центристичката ОВП Карл Нехамер не сокрива дека  Кикл е „безбедносен ризик за Австрија“.

Не само за внатрешната стабилност- затоа што заговара  забрана за давање азил на „ауслендери“- странци, туку и затоа што бара полициски час за азилантите и тврди дека  „има премногу странска крв во австриската“.

Загрижува и тоа што Херберт Кикл е ризик и за позицијата на државата во Европа и светот.

Против коалиција со „народниот канцелар“

Тој важи за проруски политичар кој ја продава приказната на Орбан и на Словакот Фицо дека треба да се укинат санкциите кон Москва, што е контра на сите западни сојузници, на ЕУ и на НАТО, без разлика што Австрија не е дел од Алијансата.

Сепак, Нехамер смета дека Кикл самиот се има радикализирано. Тоа може да значи дека ОВП не размислува за коалиција, како онаа од времето кога Курц беше канцелар. Но, остава  можност за коалицирање со делови од ФПО, што тоа и да значи.

Конечно, традицијата налага прво тој да добие мандат за состав на влада,  што во Виена се вели дека нема да помине, бидејќи сите другите се против „народниот канцелар“.

Во австрискиот Устав, меѓутоа, нема одредба дека мандат треба да добие политичарот кој освоил најмногу гласови. А, актуелниот претседател на Австрија веќе има изразено резерви кон почитувањето на таа политичка традиција.

(А.В.)

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе