Погрешен човек во Белата куќа
Изборите во САД се американски- Американците избираат претседател за себе. Но од почетокот на шеесетите години на 20 век, од времето на Џон Кенеди, изборите во Америка станаа и глобална политичка тема. Меѓу другото и поради големата улога на САД како предводник на слободниот, демократски свет, во тоа време на Студената војна.
Затоа и претсдетелските избори оваа година , станаа прашање со кое се занимаваа политичарите од Далечниот Исток, преку Иран и Израел, до Латинска Америка и посебно до Европа и ЕУ.
Пред се, затоа што Американците се определуваа меѓу две различни политички опции и двајца сосема различни кандидати.
Инает и одмазда
Се уште актуелната потпретседателка на САД Камала Харис- жена, демократ и космополит и поранешниот претседател Доналд Трамп. кој по поразот пред четири години, одлучи- од инает и за одмазда- одново да се кандидира, наметнувајќи се пред Републиканската партија, која се однесуваше како да нема друг човек.
Гласачите, пак, поуверливо од очекувањата и од сите прогнози, се определија за контроверзниот Трамп- милијардер кој одлучи да се бави и со политика- и тоа определување светот сега мора да го прифати.
Но, без разлика кој како мисли , веќе сега е јасно дека -во Белата куќа во Вашингтон влегува погрешен човек.
Вртење на САД во десно
И, тоа поради сето она што го правеше во својот претходен мандат- 2016/2020 и во четирите години, како опозиција, по поразот од Џо Бајден, што само тој не го призна и за кој само Трамп вели дека му била „украдена победата“. Отиде до таму што не сакаше да ја предаде власта во јануари 2021 година , па дури потикна и пуч за да остане на функцијата.
Но, реалноста по годинешниве избори е дека Трамп е новиот претседател на САД . Тоа го покренува прашањето – што овојпат може да се добие од еден арогантен, нахален и самобендисан и (велат) неспособен политичар во следните четири години, кога „виталниот“ 78 годишник ќе треба да управува до својата 82 годишна возраст.
Сигурно е само дека овој деклариран десничар, ќе ја сврти Америка и нејзината домашна и надворешна политика во десно.
Држава водена од волјата на Трамп
Демократска САД , предводена од Харис која подоцна се вклучи во изборната трака, доживеа пораз, не само кај збирот на електорските гласови, туку и во т.н. народно гласање.Тоа го прави републиканецот да биде уште поарогантен, затоа што во народното гласање и со Хилари Клинтон, пред осум и со Џо Бајден, пред четири години, доживеа уверлив пораз.
Во секој случај, гласачите овој пат помалку и веруваа на Харис, отколку на Трамп, кој згора на се, обезбеди мнозинство на републиканците и во Сенатот, покрај она во Конгресот, што ќе предизвика натамошно поларизирање и остра поделба, на и онака поделеното американско општество.
Најмногу затоа што државата одново ќе биде управувана според волјата на еден човек- на претседателот, кој и во првиот мандат покажа дека не го интересираат детали во политиката. Што ќе рече дека миграцијата, абортусот и даноците , како и надворешната политика ќе се свртат во десно- не само низ законите, туку и низ поставувањето на судии истомисленици на претседателот.
И натаму без жена-претседател
Досегашната стабилност на домашен и надворешен план, карактеристична за четирите години на Џо Бајден, ќе се заменат со еден непредвидлив претседател, остарен за толку години и уште повеќе суетен.
Особено што Трамп продолжува да се воодушевува со диктаторските и деспотски режими на Русија, Кина , или на Северна Кореја, омаловажувајќи ги американските сојузници во Европа и Азија. Што значи дека дури и статусот на НАТО, а посебно помошта за Украина може да се стават под прашање.
На друга страна, САД ( и светот) и натаму ќе чекаат на првата жена претседател, откако не успеаја во тоа ниту Хилари Клинтон , а сега ниту Камала Харис.
Првата инсистираше на тоа што е жена во политиката, додека Харис одбегна во кампањата да се промовира на тој начин. Не занимавајќи се ниту со своето миграциско потекло.
Грешката на Камала Харис
Таа, сепак, остана поразена – прво затоа што влезе во трката како замена за Бајден, наводно, според годините, неспособен да му се спротивстави на „младиот и витален“ Трамп. Но, (велат сега) и затоа што не успеала да ги увери гласачите дека ќе води поинаква политика од онаа на Бајден.
Тој останува запаметен по успехот во стабилизирањето на земјата по бурата што ја предизвика Трамп кој побегна од инаугурацијата на новиот претседател, како и со носењето на цела низа важни закони. Но, се тврди дека не успеал да ја покрене економијата доволно силно и не ја „запечатил“ јужната граница на САД.
На Демократската партија сега и претстои работа за да се избегне неслога во нејзините редови, по сериозниот пораз- кој не е толку страшен затоа што доаѓа до смена на власта- туку само поради тоа што еден Трамп ја презема власта.
Некои аналитичари, притоа, имаат забележано дека речиси целата рурална Америка стана трамповска, односно дека посиромашниот дел од гласачите се имаат свртено кон десницата , верувајќи му на еден десничар каков што избраа за претседател.
Ветувањата на новиот претседател
Доналд Трамп побрза да се пофали дека веќе има создадено „историја“ и дека (заедно со своето другарче Илон Маск) веднаш тргнува да го остварува ветеното.
Вообичаена постизборна фраза , особено на популистите- политичари, иако во практика тоа поретко се случува. На реализација на ветувањата Трамп, сепак, ќе почека д0 20 јануари, кога демократите му ветија – мирна транзиција на власта – за разлика од сите будалести работи што тој ги правеше кога заминуваше од Белата куќа.
Колку за потсетување, вети-депортација на илегалните мигранти, како и затворање на ѕидот кон Мексико, што го има почнато уште Џорџ Буш, потоа намалување на даноците и укинување на сите климатски прописи.
Вети дека нема да има забрана на абортусот, но и завршување на војната во Украина ( што не може да се изведе без Украинците), потоа ослободување од затвор за пучистите од 6 јануари 2021 година и брзо сменување на специјалниот државен обвинител.
Не кажа само во кој рок тоа ќе го реализира.
(О.У.)