Сирија (конечно) без династијата Асад
„Едно ново поглавје се испишува од историјата на Сирија„- се вели во соопштението на министерството за надворешни работи во Дамаск, емитувано во неделата на пладне откако стана јасно дека бунтовничките сили го соборија режимот на претседателот Башар ал Асад.
Во соопштениеето уште се вели дека земјата започнува нова ера на обединување на сите Сиријци, за изградбата на една нова Сирија, уредена врз основите на правда и еднаквост, каде секој ужива целосни права , ослободени од доминацијата на една (политичка) опција.
Човекот кој сакаше да лекува луѓе
Одамна една ваква декларација не е објавена во сирискиот главен град, чии одредби, во секој случај, допрва ќе мора да се изборат и да се изградат, а над се да се спроведат.
Но, падот на Асад и неговата власт означува и крај на 14 годишната граѓанска војна , водена само за да еден човек може безгранично да управува и да остане на власт, по секоја цена. Војна која блискоисточниот простор се претвори во бојно поле на разни регионални и меѓународни сили.
Ваквиот пад на Асад е во спротивност со неговите први месеци на власт, кога не по негова волја, во 2000 година стана претседател на Сирија, наследувајќи ја тридецениската сурова деспотска власт на неговиот татко Хафез Асад, која траеше 30 години.
Сирија по советски модел
Синот-наследник имаше само 34 годни кога стана лидер на земјата, уште додека се школуваше во Лондон, за да биде офтамолог, чија млада сопруга беше родена во една од лондонските општини, каде живееше со родителите и каде го има запознаено младиот и аполитичен син на веќе заболениот властодржец.
Од еден таков човек, поради младоста ,пред се, Сиријците очекуваа реформирање на државата и излегување од советскиот стил на владеење што го наметна таткото Хафез, давајќи му своевидно арапско толкување на еднопартискиот систем од тогашниот, комунистички СССР.
Некои во арапскиот свет побрзаа тоа време да го означат и како „сириска политичка пролет“. Излезе, меѓутоа, дека синот Башар, наместо реформатор се претвора во копија на таткото, применувајќи ги насилните мерки на владеење од времето на Хафез Асад.
Бунтот стана граѓанска војна
Барањата на опозицијата за повеќе граѓански права и слободи, јавно повикувајќи- низ проглас на сириските интелектуалци- за воведување демократија и повеќе партиски сиетем, се претвори во бунт на противниците на власта, што набрзо прерасна во граѓанска војна.
Во неа веднаш се замешаа Русија, која уште од времето на таткот0- деспот се смести во Сирија, уредувајќи поморска и авио база- како и на режимот на Иран, преку шиитизмот на Асад.
Војната меѓу Сиријците на тој начин, има однесено речиси половина милион животи и раселено (велат) половина од 20 милионското население, што како бегалци и мигранте сега живее на разни страни во светот- во Турција и во арапските земји, како и во Европа.
Некрунисана династија
Конечно, соборувањето на Башар, значи крај и за една некрунисана династија и на едно семејно владеење кое траеше цели 54 години. После нејзиното пропаѓање и симнување од власта, наполно не е јасно што ќе биде натаму со Сирија, без разлика на убаво сроченото соопштение на МНР во Дамаск.
Прво, затоа што на Блискиот Исток нема таква држава и нема така поставена и уредена општествана заедница, на разни етнички и верски малцинства. А, потоа, и затоа што не се знае кој ќе го наследи Асад и ќе ја предводи државата низ реформите кои се крајно неопходни- со или без мешање од страна- на досегашните спонзори на режимот- Русија и Иран, или и на некои други.
За пошроката меѓународна јавност, ваквите случувања во Сирија ,сепак, претставуваат изненадување, иако во тој дел од светот веќе ништо не може да изненади.
Оставен од Русија и Иран
Регионот е зафатен со ( од Иран) покренатата војна на терористичката палестинска организација Хамас со Израел, а потоа и со Хезболах во јужен Либан. Европа се соочува , безмалку три години , со самоволијата на путинова Русија , по нејзината инвазија врз Украина и со праќањето нуклеарни закани. А Асад во ова меѓувреме оставаше простор да се верува дека полека ја стабилизира својата (меѓународна) состојба.
И покрај западните санкции, Арапската лига ја прими назад во членство Сирија, а Саудиска Арабија, после 12 години ги обнови односите со Дамаск.
Работите се изменија кога сириските опозициски сили , речиси неочекувано, во ноември покренаа офанзива штотив режимот на Асад кој , сега е сосема јасно, остане во шок, гледајќи како неговите гласвни сојузници му го извлекуваат тепихот од под нозе и го оставаат сам против (засега) шарената опозиција.
Башар наместо братот
Русија брзо покажа дека не е способна да војува во Украина, да им се заканува на соседите од екс СССР , да го провоцира истокот на Европа и во исто време да војува на Блискиот Исток- за да го спасува Башар.
Иран е во слична ситуација- не знаејки како понатаму да војува во Газа и во Либан и да изигрува голема сила во услови на разни блокади, а Турција на Ердоган брзо се спогоди со Путин дека нема да се мешаат.
После 14 години тој е таму каде беше во 2000 година, кога го поставија за претседател. Во услови кога не беше предвидена за таа улога. Таткото Асад требаше да го наследи постариот син, братот на Башар кој, меѓутоа, загина во сообраќајна несреќа во Дамаск, шест годни пред тоа.
Бегство во Москва
Беше веднаш повикан од Лондон дома, за да се подготвува за новата улога- прво да заврши воени школи и да стане полковник, а потоа ( за него ) да се смени и Уставот, за да може да биде претседател и пред да има 40 години.
И покрај таа шминка изгледаше дека момчето на своите 34 годни, не може да биде нов Хафез Асад, дури делуваше несигурно и исплашено од товарот кој му беше ставен на грбот.
Времето покажа дека достојно го замени таткото, па сега затоа и заврши така што за да се спаси, побегна со семејството од Сирија. Во Москва кај своите заштитници кои овој пат го предадоа.
(О.У.)