Еквидистанца за врски со соседите
По многу нешта, 2025 година ќе биде една од најсудбоносните години во поновата историја на Република Северна Македонија.
Од стратешка гледна точка, треба да се заокружи една етапа од интеграцискиот процес кон ЕУ, со внесување на Бугарите и на уште некои етнички заедници , кои живеат во државата во преамбулата на Уставот- за да се изградат добри односи со соседите и да почне отворање на првите поглавја од пристапните преговори.
На внатрешен план, треба да продолжат процесите на јакнење на демократските процеси, владеењето на правото, борбата против корупцијата и криминалот и создавањето услови за подобар живот на граѓаните.
Изолирана држава
Во моментов, меѓутоа, меѓународната позиција на земјава е најголем проблем, бидејќи највисоките државни функционери, уште во првите денови по преземањето на власта, ги нарушија односите сите соседи – освен со Србија- како и со ЕУ и стратешките партнери. Северна Македонија, одново, е изолирана држава на меѓународен план.
Нашите високи функционери присуствуваат само на настани во странство на кои мора да бидат присутни (средби на НАТО, состаноци со кандидати за ЕУ…). Земјава не ја посетуваат државници од највлијателните држави и меѓународни организации, освен претседателката на Европската комисија, за да ја охрабри власта за уставни измени како услов за почеток на преговорите и да ја потсети дека меѓународните договори треба да се почитуваат.
На билатерален план, главно, се контактира со некои земји од околината – Србија, пред сите, делумно со Хрватска и Косово и секако со Унгарија. Затоа, неспорен факт е дека многу нешта во земјава ќе зависат од меѓународните контексти, но и од приоритетите, пристапот и умешноста на водењето на надворешната политика. Пред се, од односите со соседите и од почитувањето на договорите со нив.
Блокирање на европскиот процес
Владејачката партија (продолжува) вербално се декларира дека членството во ЕУ било и останува врвен нејзин и државен приоритет.
Меѓутоа, ДПМНЕ цело време е против билатеризацијата на нашата евроинтеграција, па постојано ја повторува нерационалната приказна дека нема да работи по бугарски диктат. Но, од една страна, бара низ некаков непосреден дијалог со Бугарија да се реши проблемот, неприфаќајќи го фактот дека Преговарачката рамка е акт и одлука на ЕУ.
Практично, со една ваква мешаница Скопје го билатеризира и на тој начин го блокира европскиот процес. ВРЕДИ, пак, иако влезе во владината коалиција, со еден од условите- за шест месеци да се направат уставни измени и да почнат преговори со ЕУ- се прави како недоветна, „заборавајќи“ на изборните ветувања – уживајќи во сласта на власта.
Нарушени односи со соседите
Северна Македонија денеска има лоши односи со повеќето од соседите. Најлоши се оние со Бугарија поради старите оспорувања уште од минатото, за македонскиот идентитет, јазик и историја.
Тоа предизвика државниците во оваа земја да стават вето на евроинтегративниот процес на нашата земја. Но, тоа се надмина токму со Преговарачката рамка и со таканаречениот „Француски предлог“, по што Бугарија го повлече ветото.
„Најмакедонската“ партија , побрза да ја искористи ситуацијата,па се стави во улога на наводен „бранител“ на идентитетот, јазикот и историјата, кои за Европа не постојат. Нашиот јазик одамна и кодифициран, а идентитетот меѓународно верифициран и етаблиран. Тоа се работи што никој не може да ги одземе, иако некој може да не ги прифати.
Од лукративни изборни причини, премиерот постојано ја заговара тезата дека не прифаќа „бугарски диктат“, дека ќе бара репреговарање и гаранции, па дека решение е- одложено дејство на уставните измени- и слични желби кои никој – ЕУ, САД и другите пријателски земји, не ги прифаќаат.
Прифаќање на договорот од Преспа
Со Грција, експресно, по преземањето на функциите, претседателката и премиерот, ги нарушија односите, изјавувајќи дека никогаш нема да го изговорат уставното име.
По реакциите од Брисел, од ЕУ и Грција, тие станаа најревносни во изговарањето на Северна Македонија (за што овдешниот премиер доби пофалба од грчкиот). Едноставно, заборавија на ветувањето за враќање на името, а Преспанскиот договор го прифатија како неспорен факт.
По одвојувањето на Албанија од Македонија на патот кон ЕУ, со започнување на преговарачкиот процес и постојаното повторување од вмровците дека Тиранска платформа од албанскиот кампус се остварува, односите со Албанија се заладија. Посебно што коалицискиот партнер ВРЕДИ се дистанцираше од албанскиот премиер Рама, а прифати патронат од косовскиот премиер Курти, кој многу им помогна на изборите.
Од друга страна, вмровците Косово не го „закачаат“ поради коалицискиот партнер ВРЕДИ од кој им зависи владејачкото мнозинство. Иако, односите со Косово им создаваат неволји со српскиот партнер Вучиќ.
„Где ми је Христијан“
Северниот сосед, Србија,во секој случај, има привилегиран статус кај новата власт во Скопје. Особено откако нивниот нов вожд, лидерот на вмровците, јавно на собир во Белград , го означи како свое галениче.
Нас, овде, не изеде туѓиот срам кога Вучиќ, гласно го побара премиерот на Северна Македонија, извикувајќи – „Где ми је Христијан“- онака како што тоа го прави со Милорад Додик од српската енклава во БиХ. Станува збор за гест,кој познавајќи ги манирите и однесувањето на српскиот претседател во регионот, ваквиот однос кон овдешниот октроиран лидер и премиер, не може да се третира како гест на срдечно пријателство.
Прифаќањето да се биде потрчко на Србија, само го објаснува копирањето на Вучиќ и на Белград во односот кон ЕУ и Европа и прикачувањето на Северна Македонија кон трансферзалата Белград – Будимпешта, која продолжува кон Москва и Пекинг!
Време за нов пристап
Во тој контекст, преземајќи ја власта, ДПМНЕ се определи да даде приоритет на Коридорот 10, а да не се гради коридорот 8. Но, под притисок на ЕУ,НАТО и САД, го сменија ставот.
Од друга страна, владејачките српски националисти ги плашат своите граѓани со македонското искуство со „Шарената револуција“, уверувајќи ги дека во Србија се копира тој модел, додека во исто време Скопје се плаши со тоа дека може и тоа да се најде во т,н. „Српски свет“!
Поради сево ова, Северна Македонија мора што поскоро да изгради најрационален и најефективен пристап за односи кон соседите.
Политика на добрососедство
Во овој контекст, мало навраќање кон историјата. При распаѓањето на екс-СФРЈ, СР Македонија се спаси да не биде дел од крвавите војни, без испукан куршум и пролеана крв, поради разумната мирољубива политика на тогашниот претседател, Киро Глигоров.
Република Македонија, заедно со Словенија, единствена од екс-југословенските републики доби позитивно мислење од Бадентеровата комисија дека ги исполнува условите за осамостојување. Но, поради интереси на големите сили и противењето на Грција, земјата имаше проблеми околу признавањето и влезот во меѓународните организации и институции.
Сепак, прва по Словенија стана членка на Европскиот совет и на Партнерството за мир, но и кандидат за членство во ЕУ. Сето тоа се случи благодарејќи на политиката за добри односи со светот, а со соседите преку активната еквидистанца, со кои успешно се движеше низ гео-политичките лавиринти и искушенија на меѓународната сцена.
Декларативно однесување
За еквидистанцата, Глигоров и тогашната власт беа критикувани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Кога дојдоа на власт во 1998 година, вмровците на Љ. Георгиевски, ДА на В. Тупурковски и ПДП-НДП на А. Џафери – М. Тачи, прогласија два приоритета.
Првиот, радикален дисконтинуитет со се што работеле власта на СДСМ и Глигоров.
Вториот, на внатрешен план, релаксирани меѓуетнички односи, а на надворешен, позитивна енергија со соседите. Тоа го прокламираа само декларативно и како завршена работа.
Но, во практика релаксираните меѓуетнички односи резултираа со војната во 2001 година, а позитивната енергија со соседите се претвори во лоши односи со сите соседи, а блиски само со Бугарија која им даваше логистика на вмровците – обука на кадрите за изборен „бугарски воз“, тенкови, понуда за војска во воената 2001…
Без преферирање на еден сосед
Затоа, се чини дека нема подобар пристап од веќе еднаш потврдениот принцип на позитивна еквидистанца кон сите соседи, што на почетокот, по осамостојувањето на државата, се покажа како делотворен.
Тоа подразбира разговори, дијалог, компромиси и респектирање на ставовите на соседот низ демократски процес и почитување на меѓународните стандарди.
Доколку има разум кај актуелната власт, позитивната еквидистанца, па макар се викала и позитивна енергија со соседите, може во многу да го забрза процесот на интеграција на земјата во ЕУ и да донесе други бенефити околу нејзината меѓународна позиција.
Но, има една голема задршка- доколку ги подобрат односите со Грција, Бугарија и Албанија, вмровците ќе ги расипат односите со своите „патриотски“ гласачи!
Манчо Митевски