Светот во хаос
Една доверлива белешка на германскиот амбасадор во Вашингтон Андреас Михаелс , испратена на 14 јануари, се појави во делови од европската јавност на 24 часови пред инаугурацијата на Доналд Трамп.
Во неа се предупредува дека новата американска администрација ќе се обиде да спроведе „редефинирање на уставниот поредок“ во земјата, на тој начин што ќе се изврши максимална концентрација на моќта во рацете на претседателот, наспроти Конгресот на САД и на сојузните држави.
Милијардери коуправувачи
Тоа би ја погодила и сегашната независност на полициските сили, но и на медиумите , овозможувајќи им притоа на големите технолошки компании моќ, што во документот се означува како „коуправувачка“ во целиот американски систем.
Тоа, на некој начин се виде во изминатите недели пред Трамп да влезе во Белата куќа преку однесувањето на некои од нив- пред се, на Илон Маск кој (велат) не само со пари, максимално има помогнато за трамповата изборна победа.
Потоа, на Џеф Безос, кој како сопственик на угледниот „Вашингтон Пост“ ( за оние кои не знаат тоа е весникот кој го собори претседателот Ричард Никсон , откривајќи ја аферата „Вотергејт“), а моќниот газда на Амазон, уште од сега му ја менува добро познатата демократска концепција, како и по однесувањето на Марк Цукерберг.
Медиумите на удар
Овој по средбата и разговорот со Трамп обелодени нов концепт на Фејсбук и на Инстаграм- укинувајќи ја мошне важната проверката на фактите на социјалните мрежи- која овозможуваше блокада на ширењето лажни вести и дезинформации.
Според дипломатската белешка , основните демократски начела, како и рамнотежата и контролата на власта ќе биде прилично поткопани , а законодавството и телата задолжени за спроведувањето на законите, како и медиумите ќе останат без својата сегашна независнистм -злоупотребени , за сметка на големите технолошки компанаии.
Транзицискиот тим на Трамп остана без реакција на појавувањето на белешката, а нема одглас ниту во Берлин, каде таа е испратена. Владата на канцеларот Олаф Шолц – главно досега- се воздржуваше од јавни критики на Трамп, по изборната победа во ноември.
Обезбедување правна неказнивост
Освен со жестоката владина реакција за мешањето на Маск во внатрешните работи на Германија- пропагирајќи ја пред изборите ултрадесничарската партија АфД и навредувајќи го Шолц како наводно „будалетинка“ и “неспособен“ политичар. Но белешката на првиот германски дипломат во Вашингтон открива дека во Берлин крајно внимателно се следи и анализира се она што се случува во САД, од ноември па до сега.
Од белешката може да се види дека за Германците- правосудството и Врховниот суд на САД треба да бидат централното место во обидот на Трамп да го спроведе она што го има наумено- ставајќи контрола врз министерството за правда и врз ФБИ- за да може да им се одмазди на политичките непријатели , но и за да може да ги спроведе масовните депортации со кои се заканува и над се – да обезбеди за себе правна неказнивост.
Во тие рамки, амбасадорот на Германија предвидува, со трамповиот план да се редефинира Првиот амандман, објаснувајќи дека Трамп и Маск ,инаку сопственик на поранешниот Твитер ( сега Икс), веќе преземаат мерки против критичарите и медиумские компании кои не соработуваат.
Територијално проширување ?
“Едниот се служи со тужби и се заканува со казнување и одземање на лиценците, а другиот маниулира со алгоритмите и блокира сметки.“- се вели во белешката.
Ваквата анализа, за трамповите истомисленици и за оние кои и во Америка заговараат „цврста рака„- а ла Путин- белешката на германскиот амбасадор е на некој начин „вратка“ за будалестите коментари на Маск, за кои се верува дека не се дадени без знаење на Трамп.
Така или не, белешката е само одглас и едно надворешно гледање на она што со месеци на ред зборува Трамп, уште од пред изборите- заканувајки се и фалејќи се дека ќе ја преуредува и ќе ја „спасува“ Америка од неа самата. Но за констатцијата – дека светот веќе е во хаос- своја заслуга има и неговата ароганција и јавно промовираните амбиции за водење некаква империјална политика, правејќи ја САД и територијално поголема.
Почна со тоа дека на Канада, Мексико и Кина – како најолеми извозници во Америка , ќе им ги зголеми увозните тарифи за 25 отсто, а на Кина и за дополнителни десет отсто, на оние кои сега важат. На канадската контра реакција, Трамп грубо возврати со понуда до Канаѓаните- дека треба да се соединат со САД, како 51 сојузна држава.
Нов американски империјализам
Една силеџиска и недипломатска реакција од новиот прв човек во соседството кон сојузник во НАТО и лојален партнер, па нека е направена и како цинична шега. А, потоа се префрли на малечката Панама, па потоа и на речиси ненаселениот Гренланд кој одамна е територија под контрола на Данска и на Европа.
Панама дека ќе ја освои ( ако треба и со сила), а „ледениот остров„ ќе го купел со пари- се чека само да се види која е цената.
Таквата политика не е сретната во поново време во Америка и таа може некому да изгледа како фалбаџиство , односно дека државата може да се води како да е компанија на размазен милијардер, но проблемот и хаосот настанува тогаш кога „филозофијата“ на Трамп ќе стане урнек- за светот.
Закана за Европа
Има многу деспоти и диктатори како и националисти и популисти кои сонуваат за освојување, за големи држави , повикувајќи се на некакви историски права, или на раваншизам, затоа што (наводно) некој им одзел територија за која тие мислат дека е нивна.
Такви ( како Трамп) кои уште сакаат да ја преуредат државата, за сметка на демократијата, независното и слободно мислење и определување, на што укажува и белешката на амбасадата на Германија во САД- за да владеат авторитарно и за да вршат насилни депортации, без за тоа да уредат прописи – има многу во политиката.
Во Африка и Азија, на пример, но и во Европа во последниве години- од една Австрија, на пример и Германија со АфД, во Унгарија со Орбан, или на Западен Балкан.
Трамп како урнек
Размислувањата на тие и такви луѓе секогаш е да се угледаат на некој друг, поголем и помоќен. Ако уште тоа го прави Америка- бастион на слободниот свет- тогаш зашто не и во некоја друга земја, посебно во таквите каде демократијата и либерализмот се сметаат како „закана“.
Настрана што со таквата политика на една трампова Америка, САД ќе го загубат и кредибилитетот било каде да се заложат за ред и за правен поредок.
Како тогаш ќе може да се натера путинова Русија да направи компромис, за крај на војната во Украина, кога и еден маргиналец во политиката, каков што е Британецот Најџел Фараж веќе се фали дека ќе биде премиер на Британија додека Трамп е во Белата куќа.
( Спектатор)