“Вози Мишко“ !
Повозрасните се сеќаваат на еден од култните филмови на југословенската кинематографија „Кој тоа таму пее“ и легендарната сцена кога сопственикот на автобусот му ги врзува очите на својот млад и наумничав син и му вели „вози Мишко“! Состојбата во Северна Македонија во моментов, метафорички, многу наликува на таа сцена.
Земјата ја „вози“ (ја предводи) една неука владејачка гарнитура, заслепена од моќта на власта и бенефициите од неа, на чело со човек кој е и влада и партија. Самоуверен „универзалец“ кој знае и може се: да води, да одлучува, да обвинува („да влече за уши“, „да пука в чело“), да суди, да се заканува (на прашањето по кој и да изјавува -„по мој закон“!), да менува стратешки приоритети, на државата и да прави сојузи со автократи. Да зборува од името на народот како народот, граѓаните и државата да се негова лична и партиска сопственост.
Национал-популизам и обманување
Веќе одминува десеттиот месец, но актуелните властодршци немаат испорачано речиси ништо од наводно „робусните“ ветувања за што ги добија изборите – поништување на Преспанскиот договор и враќање на името на државата, подобар договор со ЕУ и Бугарија и отворање на преговорите со ЕУ, враќање на гордоста на нацијата, нулта корупција и криминал, подобар живот на народот!
Владеењето, меѓутоа, се сведува на чист национал-популизам и авторитарност, со помош на портпаролите, ботовите и добро платената медиумската камарила прикажување „потемкинови села“, „китење со туѓи перја“, подредување на другите две власти (законодавната и судската) на извршната… Секако, се прават и некои корисни работи за граѓаните, но тоа во однос на големите, стратешки прашања, изгледаат само како лош шминкерај.
За триста дена владеење, наместо стотици (најавени) развојни проекти од изборната „Платформа 1.198“, произлегоа триста афери, криминали и непотизми, државата е меѓународно изолирана, почнат е процес на повторно заробување, замрзната е евроинтеграцијата, животот на граѓаните станува се потежок и понебезбеден, притоа дополнително зацрнет од катастрофалната несреќа поради свесна небрежност и корупција со загинувањето на шеесетина, тешки здравствени последици на многу десетици млади во Кочани, страдања и траур на многу семејства, депресија на нацијата.
Криење од одговорноста
Катастрофата во Кочани ја преплаши владејачката елита, не толку поради жртвите, колку поради ставот од одговорност. Власта сфати дека криењето на своите функционери од одговорност, селективната правда, начинот на владеењето, неисполнетите ветувања, ставањето приоритет на личните и партиските интереси и неукоста на многу високи функционери, може да предизвикаат револт и протести – па тие да бидат урнати од оние кои ги поставија на тронот.
Во алиби приоритетите по катастрофата во Кочани, во чија основа го ставија „спасувањето на државата“, покрај борбата против корупцијата и криминалот и подобриот живот на граѓаните, додадоа „уривање на корумпираниот систем“. Тоа го прават со релативизација на одговорноста за состојбите во земјата.
Така почнаа да ја спроведуваат наполеоновско-траповска тактика дека: оној кој ја спасува земјата не прекршува никаков закон! Релативизациите почнаа, кога, наместо со форсирање на истрагата за катастрофатаво Кочани, која спласнува и станува селективна, со актуелизирање на поранешните несреќи „болницата во Тетово“, автобусите на „Дурмо“ и „Беса транс“!
Младите против корупцијата
Според Уставот, владата е одговорна за вкупните состојби во земјата. А со Уставот се поставува системот. Уставот и системот во Македонија конституиран со него, добија, заедно со Словенија, правна виза од Бадентеровата комисија со ставот дека земјата ги исполнува условите за осамостојување.
Во тоа лежи и заблудата на актуелната влада која се заканува со уривање, а потоа ресетирање на системот! Но, во својата неукост и заслепеност, заборава или не знае дека системот се состои од норми и институции, а успешноста на спроведувањето на нормите и функционирањето на институциите зависи од луѓето од партиите и луѓето кои се на власт.
Околу ова во моментов во Северна Македонија се случува голем апсурд. Од една страна, власта се заканува дека ќе му „пука в чело“ на корумпираниот систем! Од друга страна, младите и прогресивната јавност, по трагедијата во Кочани, исто така протестираат против системот со паролата- „системот е следен“.
За неупатените во македонските прилики тоа би значело дека власта, младите и прогресивните се на иста страна во борбата против корумпираниот систем!? Но, тоа е само привид, зашто власта и младите се на различни позиции и имаат различни мотиви и аргументи.
Одново заробување на државата
Намерата на власта е да ја урне уставната концепција, заробувајќи ја државата (по теркот на Груевски), подредувајќи го системот на владеење да биде во функција на партиските и личните интереси.
Но, во меѓувреме со појавија младите сили. Тие се залагаат за уривање на системот на криминализираното партиско владеење со државата и за воспоставување на, со уставот пропишаните: владеење на правото, поделба на власта, казнивост за корупцијата, личниот и партискиот непотизам и политички организираниот криминал, за демократија, за одговорност според нивото на службената положба и за подобар живот за граѓаните.
ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, на времето, додека заедно беа на власт, со Законот за автентичното толкување на „Хашките случаи“, ги ослободија виновниците за тешки дела против човештвото, со што го воведоа системот на неказнување, кој потоа се ширеше како метастаза низ општественото и институционалното ткиво во земјата, ја заробија државата и доведоа до ова што го имаме. И, сега, ДПМНЕ на чело со лидерот, кој беше дел од тој систем, ќе се бореле против корумпираниот систем!
Притоа, се апстрахира дека одговорни за функционирање на системот се тие што го раководат и сервисираат како властодршци.
Популистичка фарса
Системот на владеење на ДПМНЕ, што значи од партијата поставените функционери и административци (како дел од педесетилјадната партиски вработена војска на времето) ја заробија и ограбија државата.
Сегашната борба против корумпираниот систем, практично треба да значи самоубиство на ДПМНЕ и на нивните поранешни и сегашни функционери. Не може веќе „крадецот да трча со другите и да вика- држ’те го крадецот“, народот почна ги препознава овие финти!
Борбата на актуелната власт против корупцијата и криминалот е само обична популистичка фраза која веднаш станува провидна. Не треба многу да се истражува и аргументира – доволен е случајот со катастрофата во Кочани. Сите се виновни од Адам и Ева наваму.
Само не оние кои биле на одговорни позиции за време на катастрофата требале да дејствуваат и превентивно, да не се случи трагедијата, но и репресивно кон оние кои не дејствувале во рамките на своите службени надлежности да не дојде до трагедијата.
Враќање на „груевизмот“
На власта полни и се устите со декларации дека нема да се дејствува селективно и сите одговорни ќе сносат одговорност, но од првиот ден се води битка за спасување на партиските кадри.
Зашто, преку нив, како поставени по партиски, а не професионални критериуми, одговорноста ќе стигне до оние што ги поставувале, а тие се првите луѓе на партијата, како први луѓе на институциите и власта. Оттаму и големиот страв од секое бранување. И, осуда, па и сатанизација не само на младите и правдољубивите граѓани, туку и на родителите, роднините и другарите на младите кои беа жртви на големата трагедија.
Многу е провидно актуелната власт да се декларира дека ќе се бори против корумпираниот систем! Таа треба да отвори битка против, во моментов, своите, кои го враќаат системот на владеењето на Груевски, кој ја зароби и ограби државата. Некои, па и дел од актерите, како да забораваат, дека многумина од актуелните високи партиски и владини функционери беа дел од тој систем.
Затоа, нема никакви шанси, систем на владеење на уриваат и ресетираат луѓе кои биле дел од создавачите и инструментите на еден таков систем, не занемарувајќи ја улогата и на другите партии низ годините, кога биле на власт.
Манчо Митевски
