Поврзете се со нас

Skopje Global

Јазикот и идентитетот на политички пазар!

Подобриот животот и се убаво што може да им се случи на Македонија и на граѓаните, почнуваат секогаш кога вмровците доаѓаат на власт! Три пати во три и пол деценискиот период на независност, ДПМНЕ доаѓа на власт. Три пати означува дисконтинуитет со претходните и нов почеток! Или, како што вели октроираниот вмровски лидер, откако „робусно, срамниле планини и ги санирале катастрофите што ги направила претходната власт“, овозможиле „веќе од утре“ (!) да почне „новата нормалност“ и подобриот живот!

Неодамна се наврши една година владеење на коалицискиот триумфират ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ – самобендисан и исклучително неук! Преведено на разбирлив јазик, значи – една година во Република Северна Македонија се емитуваат две слики и приказни. Едната, онаа што ја раскажува власта на прес-конференциите, преку своите тролови, прескапи пи-ар инсталации, медиуми и социјални мрежи, платени од буџетски и нелегални пари од Будимпешта, Москва, Белград…, а другата, онаа што со своите сетила, очи и уши, и по својот грб и џеб го чувствуваат и доживуваат обичните смртници.

ДПМНЕ и лидерот, кој се разбира одлучува, обвинува и пресудува за се во државата, 2025 година ја прогласија како клучна за нивната власт. Затоа, уште од стапувањето на власт, посебно годинава, фингираа и наметнаа две добитнички теми за нив: една локална и една државно-национална. Сите влогови и адути ги ставија на есенските локални избори, како предигра на вонредни парламентарни избори и продолжување на владеењето. Со пари од матни кредити се финансираат ситни општински проекти од типот кратки патчиња, бекатон тротоарчиња, селски чешмичииња, детски игралишта и други дребулии, кои лесно создаваат изборен психолошко-коруптивен ефект кај простодушните луѓе, посебно во руралните средини, навикнати на малку.

Бидејќи ова не им изгледа стопроцентно сигурно и добитно, со оглед на фактот дека најголемиот број вмровски градоначалници не се „прославија“ со резултати во нивниот четиригодишен мандат, напротив, повеќе ги гледаа личните и партиските интереси за богатење и непотистички вработувања, а плус е негативниот домино ефект во локалните средини што ги предизвика кочанската трагедија – неприкосновениот лидер и ДПМНЕ оценија дека е потребно отворање на паралелна добитна национал-патриотска тема: меѓународни гаранции за македонскиот јазик и идентитет!? И тоа во Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија за асоцирањето кон ЕУ! При тоа, знаеја дека такви гаранции не можат да бидат испорачани, а го имаа предвид начинот на одлучување и ставот на Бугарија. Национал-патриотската тема беше отворена од Мицкоски, со „робусната“ изјава, пласирана како „коска за изборно глодање“: „На талибански начин се брише македонскиот идентитет и македонскиот јазик од Извештајот за земјава во Европскиот парламент. Тоа дочекавме како народ во 21. век“!?

Во функција на локалните избори, како логистика, експресно, за само една година, властодршците ги запоседнаа сите институции, значи државата, многу побргу од Груевски, на кого, за такво нешто, му требаа речиси три години. Покрај институциите, за што има некоја логика, но не и оправдување, под нивна контрола, преку инсталирање свои доверливи луѓе, ги ставија речиси сите уставни, регулаторни и контролни тела и јавни сервиси: Уставниот суд, Народната банка, Антикорупциската комисија, Агенцијата за електронски комуникации, МТВ, Независниот синдикат, Управниот суд, Судскиот и Советот на обвинители, Кривичниот суд, а другите судови се уште не се ослободени од кадровските именувања од „тефтерчето на Горде“… МПЦ и нејзиниот Г.Г. се посебна приказна! Институцијата која треба да шири љубов и заедништво, кај нас шири поделби и благословува политички кандидати од ДПМНЕ! Тоа значи дека партиските и личните интереси на владејачката врхушка за власт, моќ, статус и богатство, станаа поважни од интересите и иднината на државата и граѓаните.

Од друга страна, Македонија, уште при прогласувањето на независноста, определи неколку стратешки цели кои опстојуваат до денес, кај некои, се покажа, само декларативно (ДПМНЕ), кај некои суштински. Тоа се влез во ЕУ и НАТО (што го оствари СДСМ), востановување правна држава, владеење на правото, борба против корупцијата, криминалот и непотизмот, пазарна економија, демократија…

Извештајот на Европскиот парламент, усвоен деновиве, е најлош досега. Речиси во сите оценувани области се констатирани назадување или стагнација, ретко во која сфера има напредок. Јазикот и идентитетот, власта на ДПМНЕ, само од за неа познати причини, но кои се многу провидни, ги стави на европскиот „политички пазар“ и малку фалеше тие да станат „модерни или современи“!

Историјата се повторува. Со ДПМНЕ на власт, првиот пат се случи фингирана војна (2001) и за малку беше избегната поделба на државата. Вториот пат, државата беше заробена, ограбена и исфрлена од европскиот пат (2008-2017). Сега, во третиот наврат, на опасност се изложија јазикот и идентитетот, кој лидерот, форсирајќи си тема за изборите, ги стави на политички пазар, барајќи ЕУ да даде гаранции за нив (!), што е преседан во светски размери. Имено, идентитетот и јазикот се вредности и чувства на државата и граѓаните, а не на некои странски политички институции. Барањето за признавање и гаранции е како „ставање трн на здрава нога“, зашто, идентитетот и јазикот се меѓународно потврдени и етаблирани, со децении и од: ООН, ЕУ/ФРОНТЕКС, НАТО… Во овој контекст, коректна е формулацијата во Извештајот: „Почитувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет е фундаментална компонента на процесот на пристапување во ЕУ и камен-темелник на демократските општества, што дополнително ќе се потврди со пристапувањето во семејството на европските нации“.

Во Извештајот, надвор од овој контекст, влезе ставот за загриженоста од српското и унгарското штетно влијание во „нашата држава“. Дополнително се изразува загриженост затоа што „некои претставници на Владата“ го застапуваат и промовираат т.н. проект „српски свет“ и се осудува „учеството на состаноци на кои се обидува да се воспостави сфера што го поткопува суверенитетот на другите земји и стабилноста на регионот“.

Кочанската трагедија, која се споменува и во Извештајот, со селективната истрага, власта, провладините медиуми, на чело во МТВ, како и социјалните мрежи ја прават табу тема. Од нечовечки, партиски интереси, се оцрнуваат и сатанизираат родителите кои ги загубиле своите деца, а кои бараат правда! Владејачкото мнозинство не прифаќа расправа, дури ни за материјална помош на родителите на загинатите и на повредените, а во Собранието не смее ни да се спомене расправа за одговорност! Владата, МВР и Обвинителството потфрлија во откривањето и процесуирањето на најодговорните за трагедијата, а власта мести судии кои треба да судат за трагедијата по нејзини аршини.

Република Северна Македонија е една од најизолираните држави во Европа, со замрзнат статус кон ЕУ. И, тоа не поради „проститутката ЕУ“, туку поради проститутските калкулации на македонската власт, која така си отвора добитни патриотски изборни теми.

Владата се фали дека нашата е меѓу најбрзо растечките економии во Европа. Но, податоците покажуваат дека економијата стои, инфлацијата расте, кредитните задолжувања се пластат со нови милијарди евра, главно, за изборна корупција, буџетскиот дефицит

плафонира, капиталните инвестиции не се остваруваат… Македонските тајкуни, кои, преку своите комори и вечниот Азески, ја командуваат економијата преку должничко доверителниот однос од минатите избори, тријат раце, се богатат од ловот во матно и отсуството на контролните механизми на ЕУ и ММФ.

Криминалот, корупцијата и непотизмот на власта се зголемуваат. Најевидентен пример: во Чаир беа откриени и документирани 150 легализирани дивоградби. Вицепремиерот, кој е заслужен за дел од овој криминал, кога бил градоначалник, не негира, туку релативизира со констатацијата дека „така било во сите општини“! И, и забива атрактивен автогол на владејачката коалиција, која раководи во најмногу општини!

Годинава власта е целосно посветена на поткупи и купопродажби: се купуваат пратеници и партии, се направи ран ребаланс за порано од вообичаено и линеарно, да се зголемат приходите на големи социјални категории – пензиите, платите и трансферите за најсиромашните и најзависни гласачи. Два месеца пред вообичаените усогласувања на пензиите! Но, сето тоа е во функција – пензионерите и административците „малку порано“ да ги почувствуваат „даровите“ на власта и да „знаат“ за кого да гласаат!

Еврокомесарката Кос, пред некое време ја нарече Северна Македонија „тажна приказна“ за ЕУ-проширувањето! Но, Македонија веќе не е само тажна, туку станува трагична приказна! И уште полошо, апсурдна! Во Северна Македонија владее гарнитура која на изборите ветуваше, за тоа убедливо победи – дека ќе ги врати името, ќе ги заштити јазикот и идентитетот, ќе ги поништи Преспанскиот договор и Спогодбата со Бугарија, ќе ги врати достоинството и гордоста на нацијата…! Но, ја вратија државата со именување на „оваа“ или „нашата држава“!!! Си „легнаа на брашното“ и глумат недоветни „патриоти“, а всушност се, со вмровски јазик – „северџани“! Декларативно апелираат до граѓаните, кои ги поделија на „патриоти“ и „предавници“, да се „помират“ и да застанат зад власта во одбрана на достоинството, јазикот и идентитетот“?!

Вака, како што тргнало, со ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ-Бранковистичка и ВРЕДИ, на Северна Македонија не и се пишува ништо добро!

Манчо Митевски

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе