„Квин“ први во Британија – по 25 години
Англиската рок група „Квин“ одново е на првото место на најпродаваните албуми во Велика Британија – за прв пат по 25 години.
Станува збор за концертен албум, издаден под наслов – Live Around the World. Тоа е вкупно десеттиот албум на овој бенд, но е прв со американскиот Адам Ламберт кој им се приклучи на „Квин“ во 2011 година.
Инаку е осми по ред, снимен на нивните концерти, а е прв без поранешниот фронтмен на „Квин“, Фред Меркјури кој почина во 1991 година.
Прв пат Ламберт настапи со Брајан Меј и Роџер Тејлор во 2009 година, кога Американецот беше финалист на пејачкиот натпревар „Американски Идол“. Две години подоцна, новата тројка почна заедно да настапува и на концерти. Од тогаш, „Квин“ и Ламберт се неразделни.
Албумот што сега се искачи на првото место во Британија, на кое „Квин“ не се наоѓале уште од 1995 година, ги содржи познатите нивни хитови – Don’t stop me now, Radio Ga Ga, We will Rock you, како и We are the Champions – сите изведувани на концерти, низ целиот свет.
Албумот, инаку, се издава во знак на благодарност за сите фанови на бендот, откако „Квин“ мораше да ја откаже својата мега – турнеја во оваа година, поради глобалната пандемија со коронавирусот.