Подготовки за “No-deal” Брегзит
Владата на британскиот премиер Борис Џонсон е подготвена да започне кампања, во стилот – времето истекува, подготвувајте се за Брегзит без договор со ЕУ – открива лондонската телевизија Скај.
Според министерот Мајкл Гоув, кој е задолжен за една ваква ситуација, за Брегзит без договор, изјави во Лондон дека премиерот и тој, во текот на оваа недела ќе ги предупредат домашните бизнисмени и посебно оние фирми кои работат со ЕУ, да бидат целосно подготвени за „No-deal” разделба со Европа.
Станува збор за над 200 илјади фирми, според владините податоци, од кои сега се бара да бидат подготвени на стоките со кои работата – дека од Нова година ќе мора за нив да се плаќа царина и данок, што инаку, сега, ги нема, што произлегува од британското членство во Унијата.
Ваквата кампања се покренува откако премиерот Џонсон, демонстративно им порача на 27-членки, како и на Британците, дека „преговорите на Лондон и Брисел, околу излегување од ЕУ, пропаднале“, обвинувајќи ги при тоа (како и досега) Европејците.
Од Брисел, пак, остануваат на определбата дека сакаат разделбата да биде со договор за идните британско-европски односи, но дека договор не може да се направи само за да им се удоволи на Лондон и на Џонсон.
Односно, дека не може Британија, која самата одлучи да излезе од ЕУ, сега на истата таа Унија да и поставува услови кои само неа и одговараат, не прифаќајќи никакво компромисно решение.
„Шансите да се постигне договор до крајот на оваа година се сведени на помалку од 50 отсто” рекол министерот Гоув – одново категорично порачувајќи дека Британија на крајот од годината конечно и целосно ќе се повлече од ЕУ.
Тогаш завршува 11 месечниот период на транзиција, што тече од 1 јануари оваа година, кога Британците, врз основа на гласањето на референдумот во 2016 година, ја напуштија Унијата.
Ако не се постигне договор, Британија нема повеќе да ги користи правата што досега ги имаше – а тоа се бенефициите од заедничкиот европски пазар и од царинската унија.
Наместо тоа, од почетокот на 2021 година, Британија со ЕУ ќе мора да тргува според стандардите на Светската трговска организација (СТО). Од Лондон се порачува дека нема да има продолжување на периодот на транзиција.
И Ереван и Баку го кршат примирјето
Една недела по постигнатиот (прв) договор за примирје во неколку неделниот воен судир меѓу Ерменија и Азербејџан, околу спорната енклава Нагорно Карабах, непријателствата почнуваат, речиси, веднаш штом биде објавено дека има договор!
Двете страни, притоа, меѓусебно се обвинуваат за тој прв почна, односно кој прв не го испочитувал договореното, а излегува дека вината за тоа е и кај едните и кај другите.
Во саботата, на полноќ требаше да стапи ново, второ по ред, како што се означува „хуманитарно примирје“.
Но, набргу по тоа, Азерите најавија дека ќе преземат „одмаздничка акција„ за како што тврдат – смртта на 13 цивили, во време на примирјето, со бомбардирање на градот Ганџа (втор по големина во Азербејџан) кој е и важен „јазол“ за транспортот на азербејџанскиот гас.
Русија која ги менаџираше и двата договори за примирје, настојува да се запре војувањето во кое досега има „стотици мртви“ на двете страни и голема материјална штета, но барем до сега не успеваше во тоа.
Нагорно Карбах е област која уште од времето на СССР, е административно оставена во рамките на територијата на Азербејџан, иако во неа, над 90 отсто живеат Ерменци.
Тие се православни христијани, додека Азерите се шиитски муслимани кои зборуваат турски јазик. По распадот на СССР и независноста на Азербејџан, Карабах остана дел од државата на Азерите.
НАТО: Турција да не го користи системот С-400
НАТО изрази загриженост поради „вестите дека земја – членка на Алијансата – Турција, за прв пат го искористила рускиот ракетен систем С-400“, во како што е речено, една воена вежба изведена на турска територија.
„Тој систем може да биде ризичен за сојузничките авиони, а може и да ги поремети односите меѓу земјите од Алијансата” изјави портпарол на НАТО.
Во изјавата се вели дека системот С-400 не може да се интегрира во системот на воздушната и ракетната одбрана на НАТО. Но, дека сега е важно Турција да продолжи да работи со другите сојузници во Алијансата, за да се најде „алтернативно решение“.
Реакцијата од Брисел доаѓа откако турските медиуми објавија дека, во петокот, воените сили на Турција извршиле тестирање на рускиот С-400 ракетен систем земја/воздух. Тестирањето било извршено во реонот на црноморскиот град Синопа.
Одлуката на Анкара да го купи рускиот систем, предизвика остро спротивставување и во САД. Вашингтон веќе ја исклучи Турција од програмата за опремување на нејзините воени сили со борбените авиони Ф-35, а се закани и со воведување санкции.
Турската страна, пак, се брани дека системот и бил потребен за да се одбрани во Сирија, но и да ја брани својата територија, од напади од надвор и од внатре!