Црквата против Борис Џонсон
Петмина најугледни надбискупи на англиканската и на епископалната црква во Британија и Ирска, остро го критикуваат британскиот премиер Борис Џонсон, за контроверзниот закон за внатрешниот пазар, предупредувајќи дека станува збор за „катастрофален преседан“.
Во еден (за британски прилики) исклучително редок случај – со заедничко писмо-изјава, објавено во лондонските медиуми, надбискупите сметаат дека овој закон може да ја поткопа довербата на четирите домашни нации- Англичаните, Велшаните, Шкотланѓаните и Ирците.
Против меѓународното право
Писмото се појави пред почетокот на дебатата во Горниот дом на британскиот Парламент, откако законот за внатрешен пазар (во основа, станува збор за измена на веќе усвоениот и парафиран договор на Британија и ЕУ за Брегзит, во делот за Северна Ирска), лесно помина во Долниот дом, каде конзервативците на Џонсон имаат апсолутно мнозинство. Доколку биде прифатен и во Горниот дом овој законски акт би требало да стапи во сила.
Од почетокот на неговото најавување на 9 септември, во домашната јавност и во ЕУ, тој предизвикува бурна реакција, а надбискупот од Кантербери, потоа, од Јорк, оној од Велс и од Арма (Ирска), како и шкотската епископална црква, сметаат дека сегашниот облик на законот „може да предизвика огромни етички, политички и правни последици“.
Со него, Велика Британија, свесно го прекршува меѓународното право, без разлика што министерот за Северна Ирска, во владата во Лондон, го брани, наоѓајќи некакво објаснување што го затскрива зад британските национални интереси. Црквата, меѓутоа, преку изјавата на овие нејзини петмината најистакнати претставници, обвинува дека со законот се крши и британското право.
Протоколот за Северна Ирска
Според нив, сугестијата за тоа како домашните четири нации ќе тргуваат меѓу себе, после Брегзит, претставува новина што ја прекршува сегашната регулатива, за која, како што велат, земјата се има изборено со долги и внимателни преговори, со децении наназад.
Преседанот е во тоа што се прави корекција на еден меѓународен договор што, практично, целосно и не е заживеан, затоа што процесот на Брегзит и на британското повлекување од ЕУ, се уште трае.
Петмината надбискупи, затоа, го предупредуваат Џонсон дека овој нов, британски закон, ги поткопува угледот и позицијата на Британија во светот.
Но, тој го поткопува и протоколот за Северна Ирска, напртавен со Европската унија, за заштита на историската, мировна спогодба (од Велики петок во 1998) за оваа британска покраина на ирскиот остров, меѓудругото и со тоа што ја ограничува примената на Европската конвенција за човековите права, во северноирското законодавство.
Популистички игри
Борис Џонсон, онаков каков што е во последниве четири-пет години, сега веќе означуван како силен популист, во стилот на американскиот претседател, прво ја тргна од функцијата Тереза Меј, со партиски пуч заедно со своите сојузници, а потоа, откако, стана лидер и премиер, почна да влече контроверзни потези.
Сокривајќи се зад одбраната на британските интереси по Бргзит, тој откако направи договор со Брисел , што мошне малку се разликува од оној што го направи Меј, пред него, есенва одлучи да интервенира во сопствениот договор со ЕУ – да го менува ( уште еднаш) делот кој се однесува на Северна Ирска.
Не прифаќајќи го критиките и предупредувањата на надбискупите, Џонсон останува инаетџиски определен за „законот за внатрешен пазар“ за да спречел, како што тврди, мешање на ЕУ во британските работи, преку северноирската посебна позиција што треба да ја има после конечното излегување на Британија од ЕУ.
Во Брисел , каде веќе е покрената правна постапка за ваквата одлука на Британците, ги отфрлаат „ аргументите“ на британскиот премиер, уверувајќи дека целата постапка околу Брегзит и Северна Ирска е направена- за да не се повторат старите непријателства во покраината.
(Д.Л.)