Рисот се врати на Галичица
Во Националниот парк „Галичица“, сместен во југозападна Македонија, меѓу Охридското и Преспанското езеро, одново е регистрирано присуство на балканскиот рис.
На својата страница на Фејсбук, луѓето од Националниот парк, објаснуваат дека ова ретко животно, кое спаѓа меѓу загрозените видови, на оваа локација е регистрирано после повеќе децении отсуство.
Еден рис бил „уловен“ со т.н. фото-замка, што била поставена покрај оградата на репродуктивниот центар за елени во Националниот парк „Галичица“.
Експерти веруваат дека штом се појавил во планината, постојат големи шанси ова диво животно да остане во нејзините шуми.
Во Македонија, најчесто, рисот се среќава во реонот на Маврово и истоимениот национален парк, каде се претпоставува дека има педесетина од овие животни.