Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Судир на Макрон и Ердоган за исламот

budastock/BigStock.com

Судир на Макрон и Ердоган за исламот

Студенило во француско-турските односи има од поодамна – уште откако тогашниот претседател Никола Саркози, јавно порача дека Париз не прифаќа Турција да стане полноправна членка на ЕУ, сугерирајќи за оваа голема држава, распослана на два континенти, некаков посебен статус на специјални односи – политички и економски.

Во меѓувреме, самата Турција се олади во однос на нејзината „европеизација“ која би била неминовна доколку, навистина, сака да биде член на Унијата, откако контролата во државата целосно ја има преземено Реџеп Таип Ердоган.

Тој многу брзо- и на внатрешен план- низ засилената исламизација, но и на надворешен план- низ поставувањето на земјата како регионална сила, (понекогаш и излегувајќи од рамките на НАТО) , покажа дека ЕУ не е она што нему и на Анкара повеќе  им се потребни.

Конечно, држејќи го и натаму под своја контрола северниот дел од Кипар, како и продолжувајќи го прогонот на Курдите, во самата Турција и во соседните земји, газејќи ги притоа и основните човекови права, самиот Ердоган знае дека неговата земја не би можела да задоволи ниту едно од стандардите што ЕУ ги бара за членство.

На спротивставени страни

Студените односи со европскиот, демократски Запад, па на тој начин и со Франција, продолжија и со изборот на Емануел Макрон за претседател, но во изминатите три години, откако тој е во Елисејската палата, а Ердоган се претвори во авторитарен претседател на турската република, Париз и Анкара постојано беа на различни страни.

За Сирија, за тамошната граѓанска војна и за турската воена интервенција во судирот, како и за Либија, каде се на спротивставени страни во тамошниот конфликт.

Ова лето, Париз застана зад Грција и Кипар во остриот судир околу турското инаетење да истражува гас на морското дно во реонот на Источен Медитеран. Франција испрати воени бродови и авиони, за да спречи  турско-грчки воен судир, кога Ердоган својот истражувачки брод го прати во Средоземјето, заедно со четири воени бродови.

Конечно, официјален Париз, остро реагираше и на најново мешањето на Турција во сегашната воена криза во регионот на Кавказот, помагајќи го Азербејџан- и воено и политички – во неговата војна со Ерменија за враќање на Нагорно Карабах, под контрола на Азерите.

Убиството на учителот Пети

На сето ова, сега во тек е отворениот судир на Анкара и посебно на Ердоган, со Франција и со Макрон – за исламот.
За турскиот претседател се знае дека е  исламист и важи како посветен верник. Тоа  го покажа и при непочитувањето на одлуката на „ таткото“ на модерна Турција-  Кемал Ататурк, од 1936 година, за тоа некогашната христијанска катедрална црква Аја Софија, изградена уште во времето на Византија, а потоа насила претворена во џамија, кога Османлиската војска го има освоено Константинопол (денес Истанбул) – да стане музеј.

Ердоган не ги послуша барањата на меѓународната јавност, па Аја Софија, одново, ја претвори во џамија, во која се одржуваат религиозни, исламски, обреди.

Својата исламистичка определба- Турција да се уреди на тој начин, бришејќи ја нејзината декларирана секуларност, која ја заштитуваа неговите претходници, ја покажува и сега, отворајќи судир со Франција и со нејзиниот претседател за работа која по сите узуси  е само внатрешна работа на француската држава.

Станува збор за бруталното убиство, од 16 октомври, во едно од париските предградија, на еден француски учител, кому му беше отсечена главата , од страна на 18 годишен тинејџер, муслиман, роден во Москва, како дете на родители доселени во Франција од Чеченија.

„Напад врз Републиката“

Убиството  предизвика шок и згрозување во француската јавност. Особено што учителот Самуел Пети е ликвидиран затоа што на своите ученици, зборувајќи им за слободата на изразувањето и за толеранцијата, им покажал и некои од карикатурите на муслиманскиот пророк Мухамед, кои беа објавувани во парискиот сатиричен весник „Шарл Ебдо“.

Францускиот претседател го означи убиството како напад (на радикалните исламисти) врз Француската република и врз нејзините основни вредности и во едно емотивно обраќање кон домашната јавност, најави засилена борба против радикалниот ислам и против, како што го нарече, домашниот, внатрешен тероризам.

Макрон е свесен дека ова убиство, после терористичкото дивеење на исламистичките џихадисти во март 2015 година, уште повеќе ќе ја продлабочи и онака присутната поделба меѓу секуларизмот, исламизмот и она што некои политичари од исламскиот свет го означуваат како – исламофобија – па, затоа најави остра реакција на државата.

Веќе се затворени неколку „сомнителни“ џамии за кои се верува дека шират радикализам, извршени се бројни апсења и претреси на локални верски лидери и на разни проповедници за кои се тврди дека се исламски радикали, а спроведени се и рации против бројни организации кои се врзани за ваквото толкување на исламот, за кое веќе се знае дека води кон насилство и тероризам.

„Проблеми на лицето Макрон“

Турскиот претседател, наместо да го осуди убиството и посебно бруталноста на убиецот, како што би било нормално од еден шеф на држава, која со ништо не е поврзана со ова насилство, грубо се нафрли врз претседателот на Франција.

Во јавно обраќање, Ердоган рекол -„Кој е проблемот на лицето, наречено Макрон, со исламот и со муслиманите“- обвинувајќи го притоа за „неразбирање на слободата во верувањето“.

Ердоган, во секој случај,  е последниот кој може да зборува за овие прашања, кога ќе се погледне на состојбите во неговата земја- на тој план. Но, во својата решеност да се претстави дома и во муслиманскиот свет како предводник (и заштитник) на исламот, претседателот на Турција, во саботата, му има порачано на Макрон – „ Да си направи проверка на своето ментално здравје“ !? При тоа, уште ги повикал сите муслимани да ги бојкотираат француските производи.

Официјален Париз, првично, реагираше со остра осуда на изјавите на Ердоган, оквалификувајќи ги како „неприфатливи и крајно навредливи“. Таквата неприлична реторика на еден претседател на држава, за друг, остро ја осуди и Брисел, а со посебна изјава со осуда се огласи и европскиот „министер“ за надворешни работи Јосеп Борел.

Но, Париз отиде и чекор понатаму, па во знак на протест, одлучи да го повлече својот амбасадор од Анкара.

Политички потреби

Ескалацијата во нарушените француско-турски односи, кои сега се на најниското ниво, некои аналитичари во Париз  се обидуваат да ја стават во рамките на дневно-политичките потреби и на двете земји.

Тоа посебно се однесува за Ердоган. Изминативе години, тој како постојано да бара да биде во некаков конфликт со некого, или за нешто, прикажувајќи го тоа како „одбрана“ на Турција, сега и како одбрана на муслиманството и исламот, но,  најмногу како себе промоција на предводник и посебно, во фактор на исламскиот свет, во поширокиот регион на Блискиот Исток.

За Макрон, пак се смета дека судирот со еден ваков Ердоган му е потребен за зацврстувањето на неговите позиции во француската политичка јавност, наспроти крајната десница и нејзиниот лидер Марин ле Пен. Таа по убиството на учителот Пети е во предност кај Французите, во рангирањето за тоа кој (од нив двајцата) повеќе може да ја одбрани Републиката. Можеби е така, но ладнокрвното отсекување на главата на еден невин човек-учител во случајов, никако не може да се означи како „одбрана“ на слободата во верувањето, па дури и навистина да имало „ навреда на верата“.

(П.Ф.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе