Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Нобеловец за мир во војна!

"Gala Dinner hosted by Prime Minister Abi..." (CC BY-NC-ND 2.0) by Paul Kagame

Нобеловец за мир во војна!

Неполна година откако беше награден со Нобеловата награда за мир, етиопскиот премиер Абиј Ахмед, започна војна, испраќајќи војници на армијата на својата земја, против силите на областа Тигреј, во Етиопија.

Во средината на изминатата недела овој африкански политичар кој добивајќи ја наградата, прими и бројни пофалби за своите внатрешни реформи, за враќање на демократијата во земјата и, над се, за постигнувањето мировен договор со соседната Еритреја, која пред низа години се отцепи од Етиопија и прогласи независност, овој пат, дома и пред меѓународната заедница, покажа сосема друго лице.

Не обидувајќи се многу да ги смири состојбите во државата по мирен пат, што би требало да се очекува од добитник на награда за мир, Ахмед се определи за воено решение.

Закана од граѓанска војна

На воздухопловните сили им нареди да извршат воздушни напади врз цели во Тигреј, вклучувајќи го и административниот центар на оваа област и уште неколку други градови.

Изгледа дека при тоа, не му беше грижа за можните цивилни жртви, како и за заканата – оваа голема земја (110 милиони население) – да се најде на работ од граѓанска војна, која не е опасна само за опстанокот на Етиопија, туку и за стабилизацијата на сега, крајно нестабилниот, поширок регион, во реонот на Рогот на Африка.

Целта на Ахмед е да ја зацврсти својата позиција како неприкосновен лидер во земјата.

Во својата воинствена декларација, со која ја најави воената интервенција во внатрешноста на државата, воинствениот „миротворец“ порача дека ќе се продолжи со „дисциплинирање на бунтовниците“.

Претходно, ја отсече Тигреј, прекинувајќи и ги телефонските и интернет врските.

Вината за ваквата ситуација, премиерот Ахмед ја фрла само врз локалните политички лидери на Тигреј, за кои вели дека ја имаат прекорачено „црвената линија“, оправдувајќи го тоа со нападот на локалните сили врз една етиопска воена база, за да се снабдат, како што се вели во Адис Абеба, со тешко оружје.

„Нова Југославија“

Меѓународни воени експерти, меѓутоа, предупредуваат дека ваквиот избрзан потег на етиопскиот премиер, претставува само „коцкање со висок влог“ – а, тоа би било внатрешната нестабилност на целата земја, како и дестабилизацијата на поширокиот регион во кој влегуваат турбулентната Сомалија, се уште нестабилизираниот Јужен Судан и Еритреја.

Некои американски аналитичари дури стравуваат дека Етиопија, во услови на евентуална граѓанска војна, би можела да се претвори во „нова Југославија“, односно да ја доживее нејзината судбина и едноставно, да се распадне.

За меѓународната јавност, зафатена со глобалната пандемија и во очекување на расплетот на американските претседателски избори, сегашната криза изгледа како да е дојдена наеднаш.

Особено, што доаѓа во време кога се чинеше дека земјата, конечно, е стабилизирана и тргнува забрзано напред во својот севкупен развој, често пати посочувана и како пример за овој континент.

Казна за изборите?

Но, во Адис Абеба велат дека сегашната ескалација е, всушност, финале на повеќемесечните тензии меѓу централната и регионалната власт.

Народот на Тигреј и тамошните политичари тврдат дека откако е Ахмед на власт, нивната положба забрзано се влошувала, па сега уверуваат дека се претворени во прогонуван народ.

Нивниот лидер Дебретсион Габремихаил тврди дека сојузниот премиер води војна со Тигреј само за да ги казни што не ја почитувале неговата наредба околу изборите.

Станува збор за одлуката на политичарите во Тигреј, да спроведат избори за локалната власт, иако Адис Абеба побарала да не се оди на гласање, оправдувајќи го тоа со епидемијата со Ковид-19.

Зад оваа бесмислена причина да се почне војна, сепак, стои и нешто друго. Тоа е намерата на владата во Адис Абеба и на премиерот Ахмед, да се „модернизира државата“ на тој начин што ќе се засили, повеќе од досега, централната власт.

За лидерите во Тигреј, пак, тоа изгледа како почеток на укинувањето на локалната самоуправа и одземање на власта што ја имаа политичарите во оваа област.

Потиснување на Тигрејците

Сега, Ахмед и неговите војници се во судир со силите на Ослободителниот фронт на народот од Тигреј (ТПЛФ), што за нив значи дека централната власт војува против народот на оваа етиопска област, против нивната желба за зачувување на посебноста и самоуправувањето кое го имаат подолго време.

Етничката заедница на Тигрејците се само 5 отсто од вкупната популација на Етиопија, но со години на ред, тие се виталната алка во политичкиот живот на земјата и во нејзината безбедност.

Редовно се во владите во Адис Абеба и се третираат како силен фактор на стабилност – прво затоа што се граничат со отцепената Еритреја (тие останаа во рамките на државата), а потоа, бидејќи беа силен сојузник во елиминацијата на диктатурата на Менгисту Хаиле Маријам, кој во периодот од 1975 д0 1991 година, имаше воведено „етиопски комунизам“ од полу-советски стил.

Ризична игра

Затоа, во годините по падот на Менгисту, Тигрејците станаа виталниот дел на етиопската безбедност.

Тоа траеше се до доаѓањето на власт на Абиј Ахмед, во 2018 година, кој извојува уверлива изборна победа врз неговите заложби за изградба на една нова Етиопија.

Тој го започна таквиот процес, но Тигрејците од тогаш, постепено, но сигурно почнаа да ја губат својата моќ во домашната политика.

Само 11 месеци по признанието што го доби за унапредувањето на земјата, Ахмед ризикува се да растури.

Ставајќи ја целата таа област во услови на вонредна состојба, нобеловецот за мир ризикува Тигреј да се отцепи од Етиопија, како што тоа порано го направи Еритреја, одземајќи и го на Етиопија целиот морски брег и излезот на Црвено Море.

Или, ако ништо друго – да го покрене сепаратистичкиот процес, што во секој случај, ќе значи нестабилност за земјата и граѓанската војна во следните децении.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе